Достапни линкови

Градење доверба за излез од спорот со името


Зачестените средби меѓу министрите за надворешни работи на Македонија и на Грција се за поздравување и тоа значи дека министрите работат на градење на взаемна доверба, но нема големи очекувања.

Грчкиот министер за надворешни работи Никос Коѕиас в четврток доаѓа во посета на Македонија. Според неофицијални информации, тој ќе се обрати на Амбасадорскиот совет во Министерството за надворешни работи. Се очекува Коѕиас да оствари и тет а тет средба со шефот на македонската дипломатија, Никола Попоски, со кого ќе разговара за спорот со името, односите меѓу двете земји и евроатланската интеграција на Македонија.

Ова е втора посета на Коѕиас на Скопје, од таа во јуни минатата година. Попоски, пак, беше во посета на Атина во декември, а двајцата министри во меѓувреме, имаа и средби на маргините на неколку меѓународни самити.

Поранешниот министер за надворешни работи Денко Малески истакнува дека зачестените средби се за поздравување и министрите работат на градење на взаемна доверба, но нема големи очекувања од излагањето на Коѕиас пред амбасадорите.

„Претпоставувам дека тоа ќе биде повторување на оние нивни позиции што другата страна, односно нашата страна, треба да направи. Она што е интересно да се чуе е која е нашата позиција сега и што ново може да каже македонскиот министер за надворешни работи освен оние дипломатски фрази кои не ја кажуваат целата суштина на спорот“, вели Малески.

Професор Лазар Лазаров смета дека Грција отсекогаш имала бетонирана политика кон Македонија и покрај договорот за разбирање и соработка кој има за цел да покаже оти двете земји во последно време соработуваат. Тој не очекува никаков резултат во однос на спорот со името од претстојните средби.

„Меѓутоа, на политички и дипломатски план едноставно сметам дека Грција прави сè за светот да види дека ете таа прави напори, меѓутоа црвената линија останува без разлика која власт е инсталирана моментално во земјата. Не очекувам ништо без разлика кој и да дојде. Треба притисок од страна и од Европа и посебно од Америка врз Грција за сепак да се реши тој проблем“, вели Лазаров.

Малески додава дека зачестените средби може да значат унапредување на односите. Но, предупредува да не се заборави дека во изминатите 25 години имало и алиби средби.

„Имено, да се покаже, да се демонстрира пред надворешните притисоци на поголемите сили дека ете има конструктивност, но приоритетите на домашната политика целиот тој проблем го ставаат на страна“, вели тој.

Коѕиас во мај изјави дека треба да созреат условите во Македонија за да се постигне компромис за името. Попоски, пак, порача дека во однос на спорот со името меѓу двете земји, остануваат планини.

  • 16x9 Image

    Марија Митевска

    Новинарската кариера ја започна во 2008 година во А1 телевизија како репортер во информативната програма.  Родена е на 14.04 1984 година во Скопје. Од мај 2009-та работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG