Достапни линкови

Кризата и името не се решаваат во пакет?


Експертите сметаат дека претстојниот Совет на министри во Брисел ќе заврши без конкретни заклучоци за Македонија. Очекуваат повик за брзо решавање на кризата и поддршка за Пржинскиот договор. Не веруваат дека прашањето за името ќе се решава во пакет со излезот од политичката криза.

Барањето на Германија и Велика Британија да се расправа за ситуацијата во Македонија на Советот за надворешни работи на Европската Унија во Брисел, е еден вид притисок врз македонските политичари да покажат поголема сериозност и да работат интензивно на решавање на кризата, оценува домашната јавност. Дури и можноста за воведување санкции за македонските политичари кои го попречуваат спроведувањето на договорот од Пржино, за професорот Беким Кадриу е само нагласена форма на притисок врз лидерите да покажат добра волја во правец на преземање мерки за излегување од кризата.

„Тоа пред се значи да покажат добра волја, да остават пред се СЈО да ја работи својата работа без притисоци и да покажат поголема сериозност во правец на почитување на правната држава, особено на помилувањата на Иванов, на постапувањето на Уставниот суд и постапувањата на Кривичниот суд по предметите од СЈО, изјави проф. Кадриу.

Сепак опасноста од санкции не е можна, зошто за тоа нема консензус поради противењето на Угарија, Словенија, Хрватска и Грција. Поранешниот дипломат Никола Димитров очекува отворена и корисна дебата за Македонија.

„Самиот факт што Македонија е точка на дневен ред, укажува на тоа дека Македонија е проблем и тоа голем проблем. Ова е повеќе почеток на процес кој ќе резултира со некакви ставови на ЕУ кон Македонија , а не е крај“, категоричен е Димитров.

Бојан Маричиќ од Ценарот за европско образование се согласува дека расправата во Советот на министри е своевиден притисок врз владејачките партии и нивните политики.

„Мислам дека сега дебатата ќе помине во тонот на насоки како од тука натаму да се оди кон разрешување на кризата и враќање на договорот од Пржино. Затоа очекувам ова прашање да биде одложено за Советот во декември“, изјави Маричиќ.

Во меѓувреме, во јавноста се појавија информации дека во решавањето на политичката криза, во чиј процес посредуваат меѓународни посредници, може да влезе и прашањето за името. Сепак упатените не веруваат дека ова прашање ќе се решава сега, туку дури откако ќе се одржат избори и ќе се формира нова Влада.

„Мислам дека политичката криза треба да заврши со кредибилни избори и избор на нова Влада и нов парламент. Потоа тие би биле вклучени во процесот на постигнување на компромисмно решение со Грција. И Грција не би влегла во нови преговори со Македонија, ако знае дека во земјава има криза и легитимитетот на власта е спорен, изјави Кадриу.

Иако на некој начин кризата се случува во контекст на блокирани евроинтеграции за Македонија, и така името е на извесен начин вклучено, сосема неразумно е ова прашање да се отвори во пакет со Пржино, смета Димитров.

„Во ваква ситуација и со тотално нарушен кредибилитет на речиси сите институции, ќе биде крајно неразумно и деструктивно ова прашање да се отвори и затоа мислам дека тоа нема да се случи“, изјави Димитров.

Според Маричиќ, евентуалното отворање на прашањето за името би предизвикало спротивен ефект.

„Мислам дека граѓаните главно имаат доверба во процесот на излез од кризата преку Пржино. Доколку тука се вметне прашањето за името тоа би имало негативни последици и негативно би влијаело врз довербата на граѓаните кон тој процес,“ вели Маричиќ.

Повик за брзо решавање на политичката криза, поддршка за Пржино и разгледување на препораката за отворање преговори во декември се трите нешта кои нашите соговорници ги очекуваат во понеделник од Брисел. Засега нема најави дали за Македонија ќе стане збор на Самитот на европските лидери кој ќе се одржи на 28 и 29 јуни, што пак значи дека препораката за пристапни преговори останува условена со исполнување на Договорот од Пржино и одржување фер и слободни избори.


  • 16x9 Image

    Марија Тумановска

    Марија Тумановска, родена 1981 година во Струмица. За време на студентските денови, волонтира во некои од пишаните медиуми. По завршувањето на факултетот за новинарство, станува соработник во детската редакција на Македонското радио, Радио Скопје. Подоцна работи во културниот сектор на истиот медиум. Во Радио Слободна Европа е од декември 2004 година.

XS
SM
MD
LG