Достапни линкови

Струшки вечери на поезијата најавени со расправии


Славе Ѓорго Димовски и Мите Стефоски
Славе Ѓорго Димовски и Мите Стефоски

Венцоносецот Маргарет Атвуд, 32 поети од 30 земји, што значи најмногу досега, бројни поетски читања во Струга, но и во Охрид, Битола, Ресен, на Матка, под Камениот Мост во Скопје, промоции, книжевни дебати, дијалог на културите... Вака е најавена Новата ера на Струшки вечери на поезијата, македонскиот културен бренд чие 55-то издание, за жал, како предигра имаше жолчни расправии.

Токму оваа дебата која не беше ни дебата, а ја водеа луѓе кои се случајни и многу малку книжевници беа вклучени во истата, покажа дека немањето на такво знаење за просудување на книжевни дела или за што било, всушност значи дека ние немаме читатели – ќе рече Мите Стефоски, директор на Струшките вечери на поезијата, коментирајќи ги неодамнешните настани по истапувањето на професор д-р Елизабета Шелева од жирито за најпрестижната национална награда за поезија „Браќа Миладиновци“ откако поетесата Лидија Димковска, со збирката „Црно на бело“, не била вклучена во петте најсериозни кандидати.

Стефоски дополнува дека во дебатата имало изјави од типот дека „тој, некој не ја читал нејзината книга, но дека смета оти“, што според него е рамно на самоубиство. Истакнува дека Струшките вечери на поезијата, како фестивал, како навистина сериозна институција, не можат да прифатат таква аргументација или таков начин на дискусија.

„Прифаќаме доколку некој ги прочитал сите книги и напише свој вредносен став кој е поткрепен и со аргументи. Затоа постои и книжевна теорија, постои книжевна критика и методологија на проучување. Ќе направиме барем еден чекор за да ги предизвикаме сите оние кои биле вклучени да ни се приклучат на Струшките вечери на поезијата и таму да ги продолжиме сите дебати“, вели тој.

Поетот Славе Ѓорѓо Димоски, претседател на Управниот одбор на Струшките вечери на поезијата, пак, забележува дека и покрај бројните жолчи расправии во медиумите, не може да стане збор за никакво девалвирање на наградата и нејзиниот иден добитник, бидејќи, како што вели, во случајов „кандидатката на членот на жирито кој го повредил правилникот за доделување на признанието не влегла ниту во петте најдобри“.

„За тие пет што се влезени во најтесниот избор ќе се произнесе на прес-конференција жири комисијата со свои вредносни судови, бидејќи тие се обврзани пред нас да достават и пишан материјал којшто останува како документација во рамките на Струшки вечери на поезијата“, вели тој.

Инаку, добитникот на наградата „Браќа Миладиновци“ ќе биде соопштен и на сите прашања околу одбирот на жирито ќе се говори на средбата со новинарите закажана за 26 август во 13:30 часот во Струга, а Стефоски знае да каже дека всушност ним како институција „им годи толкавото медиумско покривање на сето она што се случува околу Фестивалот“. Истакнува дека тоа било добар повод некои да научат дека Струшки вечери на поезијата е серозна институција која си го регулирала работењето и дека сега мнозина во детали веќе ги знаат одредени негови аспекти.

„Верувам дека сега ќе имаме и повеќе публика и повеќе гости. Добро е да ја следат нашата работа. Ние сме јавна институција, ние сме јавни личности и одговараме пред јавноста за нашата работа. Нема ништо од што би требало да се повлечеме или да се срамиме или пак да скриеме. Напротив. Книжевната дебата ако е вистински книжевна, ако се води со аргументирана расправа, аргументација која доликува и со ниво кое, се разбира, е долично за таква дебата е во ред“, вели Стевковски.

И уште два-три збора. По оставката, сега четворочленото жири остана да си го заокружи ангажманот и да го одбере идниот носител на наградата „Браќа Миладиновци“, а Димковска, инаку добитничка на пет високи меѓународни признанија меѓу кои европската награда за поезија, ја одби поканата на организаторите да биде гостинка на годинашните Струшки вечери на поезијата.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG