Достапни линкови

Поплавените сè уште чекаат авансна помош


Стајковци - живот по поплавите
please wait

No media source currently available

0:00 0:03:18 0:00

Стајковци - живот по поплавите

Паричната помош сè уште не пристигна до жителите во скопските села кои беа погодени од поплавите. Тие велат дека не очекуваат оти многу ќе се офајдат од надоместокот за оштета што им го вети Владата.

Прашина, автомобили заглавени во купишта кал и шут, војници и луѓе со лопати и загрижени лица нè пречекаа на улица 21 во Стајковци. Тоа е улицата која беше на удар од првиот бран надојдена вода од големата поплава која ги зафати неколку села во подножјето на Скопска Црна Гора. Десетина дена по поплавата, жителите на Стајковци сè уште се борат со последиците, ги расчистуваат домовите, подрумите, улиците кои сè уште во одредени делови од селото се тешко проодни.

Уште најмалку 20-тина дена ни се потребни да го оспособиме домот за живеење, коментираат жителите. Иако состојбата во Стајковци полека се нормализира, жителите велат дека помошта и механизацијата се бавни во расчистувањето на улиците.

„Дури денеска е пробиена улицата, инаку беше полна со кал, возилата не можеа да се движат, се движеа само камиони и багери. Многу бавно оди чистењето на патот и на куќите“, вели Јовица Стојановски, чија куќа е речиси целосно оштетена од поплавата, а неговиот автомобил од водата бил однесен врз амбарот во соседниот двор.

Досега успеaле да ја извлечат калта од домот, го извадиле паркетот и ја фрлиле речиси цела покуќнина. По сите поплави што ни се случија, најмалку две години ќе треба да ни заживее куќата, додава Стојановски.

Ветените пари од државата за оштета сè уште не ги добиле, а многумина од оштетените жители на Стајковци се скептични околу паричната помош.

„Ветуваат нешто внучке, што ќе дадат, како ќе дадат, не знам. Господ е еден, ако ни помогнат фала им, ако не ни помогнат, пак фала им. Што да кажам друго. Ако не ни помогне владава, ние нема да може да се оправиме сами со генерации“, вели 62-годишниот Томислав Младеновски.

Тој се жали дека во поплавата загубил земјоделски труд вреден неколку илјади евра и дека најмалку една година ќе му биде потребна за повторно да застане на нозе.

Војниците кои ги сретнавме на терен велат дека само во изминатава недела колку што се ангажирани да работат со камиони, од само три улици изнеле 8 илјади метри кубни шут и кал, што сликовито прикажано е куп голем колку една станбена зграда.

И по десетина дена, сеќавањата за вечерта кога од поплавата загинаа најмалку 20 луѓе, кај жителите од Стајковци сè уште се свежи.

„На првиот бран, прво од купатило ни влезе вода, ние со мажот ми буткаме врата, тој падна, нè бутна водата автоматски и јас полека го извлеков, го качив на висока маса и понатаму не знам, тој лежеше, јас седнав до него, дигнав нозе на столица и ништо не знам после тоа што се случи“, вели баба Верка, која едвај го спасила својот сопруг кој сè уште лежи во болница.

  • 16x9 Image

    Зорана Гаџовска Спасовска

    Новинарската кариера ја започна во А1 телевизија. Работела на теми од образование, социјални проблеми, здравство и екологија. Родена е на 23.09.1983 година во Скопје. Од јуни 2009-та година работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG