Достапни линкови

Осуда во светот за нападот во Ница


Меѓународната заедница обединета во осудата на нападот во Ница во кој загинаа над 80 луѓе, додека десетици други, од кои некои и потешко, се ранети. Светските лидери повикуваат на забрзување на напорите за борба против тероризмот.

Генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг изјави дека нападот во Ница бил насочен не само врз невини луѓе, туку и врз основните вредности за кои се залага Алијансата.

„Но, тероризмот никогаш нема да ги победи демократијата, слободата и нашето отворено општество“, наведува Столтенберг.

Американскиот пртетседател Барак Обама го осуди нападот во Ница и изрази солидарност со Франција.

„Во името на американскиот народ, најостро го осудувам она што изгледа како ужасен терористички напад во Ница“, се наведува во соопштението на Белата куќа.

Американскиот државен секретар Џон Кери, пред разговорите во Москва со шефот на руската дипломатија Сергеј Лавров, изјави дека нападот во Ница ја покажа потребата од забрзан пат за запирање на тероризмот во светот.

Германската канцеларка Ангела Меркел, изразувајќи солидарност со Франција во борабата против тероризмот, наведе дека била запрепастена од нападот во Ница.

Рускиот претседател Владимир Путин, во телеграма со сочувство до францускиот претседател Франсоа Оланд, нападот го оцени како брутално и цинично злосторство.

Хоророт на тероризмот во Ница
please wait

No media source currently available

0:00 0:03:05 0:00

„Уште еднаш видовме дека човечкиот морал им е нешто непознато на терористите. Нивните жртви се невини цивили, жени и деца“, се наведува во телеграмата на Путин.

Писмо со сочувство испрати и кинескиот премиер Ли Кеџијанг, наведувајќи дека Кина го осудува терористичкиот чин.

Новиот шеф на британската дипломатија Борис Џонсон изјави дека бил шокиран од нападот во Ница, а осуда за овој трагичен настан дојде и од Ватикан.

Најмалку 84 луѓе загинаа кога синоќа камион влета во толпа луѓе на главното шеталиште во Ница.

Луѓето беа собрани да го проследат огнометот по повод 14 јули, националниот празник на Франција познат како Денот на Бастиља.

Возачот на камионот, бил Французин со туниско потекло. Тој бил убиен од полицијата.

  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG