Достапни линкови

Ристова: Битката на УКИМ со власта во офанзива


Ристова: Битката на УКИМ со власта во офанзива
please wait

No media source currently available

0:00 0:14:51 0:00

Битката на УКИМ со власта допрва добива карактеристики на офанзива, вели универзитетскиот професор и член на Професорскиот пленум Мимоза Ристова во неделното интервју на Радио Слободна Европа. Таа вели дека на потег се луѓето кои се спротивставуваат на криминални избори во секој облик.

Се избра нов ректор на УКИМ во контроверзни услови, се отвора нов Универзитет, ја изгуби ли УКИМ битката што ја водеше со власта?

Не верувам дека ја изгуби. Битката добива карактеристики на офанзива. Мислам дека следниот потег е кај нас, луѓето кои се спротивставуваат на криминални избори воопшто, во секој облик, дали на државно ниво или на ниво на оваа организација, којашто е државен универзитет, јавна установа. Ние ќе се спротивставиме со тоа што ќе побараме враќање, ресетирање на целата состојба на почеток, затоа што нерегуларностите се од повеќе аспекти.

Интелектуалците, уметниците по долг молк го кренаа својот глас, но и се поделија, моќни ли се да променат нешто?

Поделбата е некаква вештачка поделба. Едните се вистински интелектуалци, а другите се квази и уценети интелектуалци, значи едните делувале во општеството, сме ги следеле и сме ги гледале нивните дејанија со деценија наназад, можеби и повеќе децении, додека другите се новородени. Јас се изненадувам за некакви новопечени, кои не сакам да ги именувам. Тие луѓе од ГДОМ и од сличните констелации, наменски новосоздадени, во стилот на контрапротестанти и контра сè, тие луѓе се измислени, тие не биле интелектуалци. Интелектуалци се луѓе кои критикуваат и едни и други и трети. Едноставно да бидеш критичко око на власта. Тоа е интелектуалец, а не е интелектуалец да бидеш врзан со некоја партија и кауза. Едноставно кауза е мојот ум и моето знаење. Ништо друго не признавам.

Доколку сега би се ангажирале да напишете драма за сите моментални случувања на политички и општествен план каков епилог би имала?

Секој ден е нова драма. На пример една драма веќе напишав, за Љубе Бошкоски е главниот дел, се вика „Кучето“. Драмата не е кој знае колку добра драма, моите пријатели ја оценија дека не е толку добра, дека нема толку силни драмски дејствија и дека нема преврти, на крај сè се завршува, паѓа власта со помош на бајачка, мислам со помош на ритуал од една бајачка и еден гуру. Потоа добив идеја да напишам драма од сведочењето на Слободан Богоевски, па неговото сведочење пред американските власт тоа е таква драма што дури и Слободан Унковски се заинтересирал и си го превел на македонски целиот депозит, односно сведочењето што го оставил Богоевски, прекрасна дама. После секој ден ќе дојде нешто ново и ново, секој ден е драма. Смртта на Тамара е една драма, ако сака некој да напише, потажна трагедија, повеќе солзи да излееш од една таква драма за тоа што се случувало со тоа дете, драма е Мартин Нешкоски, сè е драма, сè. Кој ќе седне да ги пишува овие работи, треба да не го боли толку многу, да се дистанцира, затоа што секое одново доживување на тие болни настани создава во драмскиот писател нова болка и треба некој да собере сила да го преживее сето тоа. Драма ќе се напише тогаш кога ќе заврши сето ова.

Целото интервју со професор Мимоза Ристова може да го погледнете во видеото на почетокот на овој текст.

  • 16x9 Image

    Марија Митевска

    Новинарската кариера ја започна во 2008 година во А1 телевизија како репортер во информативната програма.  Родена е на 14.04 1984 година во Скопје. Од мај 2009-та работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG