Достапни линкови

Словачка за прв пат претседавач на ЕУ


Словачка од денеска претседава со ЕУ
please wait

No media source currently available

0:00 0:03:03 0:00

Словачка од денеска претседава со ЕУ

Словачка го презема од Холандија шестмесечното претседавање со Европската унија. Тоа, според аналитичарите, се случува веројатно во еден од најчувствителните моменти во историјата на Унијата откако пред една недела британците на референдум се изјаснија за излегување од заедничкиот европски дом.

Една од првите задачи на Словачка како претседавач со Унијата ќе биде организирање самит во Братислава на 16 септември на кој лидерите на 27 членки ќе разговараат за иднината на Унијата по заминувањето на Британија.

Тој самит ќе биде прв организиран надвор од Брисел и ќе биде неформален. Имено, иако Британија се уште е во Европската унија на овој состанок не е поканет нејзиниот премиер.

Словачкиот премиер Роберт Фицо по состанокот во Братислава со претседателот на Европската комисија Жан Клод Јункер изјави дека по Брегзитот не треба да постои страв и оти е неопходно отворено да се каже дека извесни европски политики немаат поддршка од граѓаните во Европа.

„Стравот е многу лош сојузник. Стравот води кон распарчување на Европа. Стравот е најважното оружје на екстремистите и националистите“, рече Фицо.

Тој најави дека во наредните шест месеци Словачка ќе се насочи кон сето она што е позитивно и во објаснувањето дека Европската унија е, како што оцени, „сјаен прект“.

Претседателот на Словачка Андреј Киска, пак, изразувајќи жалење од исходот на британскиот референдум, рече дека тоа не е крај на историјата.

„Идејата за интеграција доби удар, но не е поразена“, рече тој.

Мирослав Лајчак, шеф на словачката дипломатија
Мирослав Лајчак, шеф на словачката дипломатија

Шефот на словачката дипломатија Мирослав Лајачак пак во врска со Брегзитот деновиве оцени:

„Ова е еден вид деликатна ситуација, која може да им даде простор на различни видови популисти. Исто така, мислам дека луѓето во Британија и во останатиот дел од Европа заслужуваат да знаат што носи оваа одлука“, рече тој.

Веднаш по британскиот референдум, претседателот на крајно десничарската „Народна партија наша Словачка“ кој е и гуверенер на Банска Бистрица, Маријан Котлеба, најави дека ќе почне постапка за собирање потписи за сличен референдум и во Словачка.

Оваа партија шокираше многумина на изборите во март, кога освои 8 отсто, или речиси 210 илјади гласови, и за прв пат влезе во парламентот.

Покрај Брегзитот кој ќе доминира во претседавањето на Словачка, приоритети на Братислава ќе бидат јакнењето на економијата на ЕУ, работата на одржлива мигрантска политика и политиката на проширување.

Тоа ќе биде прво претседавање на Словачка, а 116 во рамките на Унијата.

Словачка влезе во ЕУ пред 12 години со уште девет главно поранешни комунистички држави од централна и источна Европа. Словачка е во еврозоната од 2009 година.

Во пресрет на словачкото преземање на претседавањето со Европската унија, кредитната агенција од Вол Стрит „Стандард и Пурс“ и го намали кредитниот рејтинг на Унијата поради загриженоста околу европското единствооткако Британија се изјасни за излегување.

Некои евроскептични партии во Европа ја поздравија ваквата одлука на Британија и побараа референдуми за излегување на нивните земји од Унијата.

Европската унија сега има кредитен рејтинг „АА“, а претходно имаше „АА+“. Во оваа година Германија, Франција и Британија заедно учествуваа со 50 насто во заедничкиот буџет на ЕУ.

  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG