Достапни линкови

СЈО - Oд каде му се на Иванов тајните податоци?


Ленче Ристоска, Специјално јавно обвинителство
Ленче Ристоска, Специјално јавно обвинителство

Во СЈО се водат 7 истражни постапки во кои се опфатени 60 луѓе. Претседателот Иванов има аболирано 5 лица во предметот Титаник, 6 во Тортура, 2 во ТНТ, 3 во Тврдина и 2 лица во предметот Пуч.

Специјалното јавно обвинителство очекува претседателот Ѓорге Иванов да ги повлече и останатите одлуки за помилување и да овозможи владеење на правото без селективен пристап, а досега нема прекин ни на предистражните, ниту на истражните постапки, иако аболицијата им ја отежнува работата на обвинителите.

Сè уште го очекуваме одговорот од претседателот Иванов по однос на бараните податоци.
Ленче Ристоска, СЈО

Обвинителката Ленче Ристоска, која денеска одговараше на новинарска прашања, изјави дека во СЈО се водат 7 истражни постапки во кои се опфатени 60 луѓе. Со последната одлука на Иванов за делумно повлекување на аболицијата не се опфатени, односно и натаму се аболирани 5 лица во предметот Титаник, 6 во Тортура, 2 во ТНТ, 3 во Тврдина и 2 лица во предметот Пуч.

Одбраната на дел од засегнатите во постапките на ова обвинителство побарале запирање на постапката, конкретно адвокатските тимови во Титаник, Тортура, Транспортер и ТНТ и во една за постапка поврзана со незаконското прислушување. На списокот на аболирани имаше лица коишто се осомничени, потоа кои беа во својство на сведок, како Коста Крпач, и лица за кои до моментот на аболицијата немаше поведено никаква постапка за нив, изјави Ристоска, која додаде дека сè уште нема одговор од претседателот Иванов од каде му се податоците за постапки кои се тајни.

„Сè уште го очекуваме одговорот од претседателот Иванов по однос на бараните податоци. Имено, нашето барање е упатено на ден 15.04.2016 година, па со оглед дека не добивме одговор, на ден 09.05.2016 година упативме и ургенција. Очекуваме дека и покрај ваквото доцнење, ќе го добиеме бараниот одговор од Претседателот Иванов“, рече таа.

Претходно, Иванов во едно интервју не сакаше да одговори од која институција ги добил имињата, посочувајќи дека како претседател си имал свои извори и начини на информирање.

„Каков сум јас претседател ако немам свои извори на информации“, рече претседателот Иванов.

Во врска со случајот со починатиот Коста Крпач, Ристоска посочи дека тој доброволно се пријавил да биде сведок во предистражна постапка која сè уште не е објавена и дека тие поседуваат сензитивни информации.

„Не се работи само за наша предистражна постапка, туку се работи за предситражна постапка во Јавното обвинителство Скопје и не би сакале да ја нарушиме тајноста и на нивната постапка. Она што можеме да го кажеме, како јавен податок, да го дадеме е дека ние имаме изјава од лицето во која тој ни кажува за заканите кои ги имал и за тоа е известено Основното јавно обвинителство Скопје. Доказите кои ги поседуваме се тука кај нас, но до Јавното обвинителство се упатени сите релевантни информации коишто можат да им послужат во таа постапка“, вели таа.

Ристоска нагласи дека СЈО ќе работи на тоа сите оние што го прекршиле законот да одговараат и кривично и материјално, односно дека ќе се соочат и со конфискација на нелегално стекнатиот имот.

Поголемиот дел од постапките кои се водат во СЈО се фокусирани на финансиски истраги кои бараат многу време за собирање на доказен материјал, изјави Ристоска. Таа посочи дека покрај опструкциите со кои се соочуваат од дел од институциите, имаат и проблеми од техничка природа за преслушување на незаконски снимените материјали кои ги добија од опозицијата. Според нивните статистички анализи, ако секој од прислушуваните половина милион разговори трае во просек по 90 секунди на 11 обвинители ќе им треба година и пол за да ги преслушаат сите. Што се однесува до безбедноста, Ристоска истакна дека начелно се чувствуваат сигурно, но дека ако околностите се променат, ќе биде ангажирано и дополнително обезбедување.

  • 16x9 Image

    Зорана Гаџовска Спасовска

    Новинарската кариера ја започна во А1 телевизија. Работела на теми од образование, социјални проблеми, здравство и екологија. Родена е на 23.09.1983 година во Скопје. Од јуни 2009-та година работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG