Достапни линкови

Делумната аболиција дополнителна компликација за СЈО


СЈО допра ќе одлучува како делумната аболиција ќе се одрази врз нивната работа. Обвинителство ќе продолжи со постапката за лицата за кои е укината аболицијата, но не и за тие кои останаа аболицирани од претседателот, со што нивната работа ќе се комплицира.

Со делумното повлекување на аболицијата повторно се попречува работата на Специјалното јавно обвинителство, коментираат експертите. Претседателот Ѓорѓе Иванов во петокот соопшти дека донел одлука аболицијата да биде повлечена за 22 лица кои се политички експонирани во јавноста. За останатите 34 лица се уште важат помилувањата, а според Иванов и тие можат да поднесат лични барања за поништување на одлуката. Од Специјалното јавно обвинителство се уште не излегоа со официјален став како оваа одлука ќе влијае на случаите на кои работат.

Е сега малку се усложнува работата доколку во еден предмет се јават како соизвршители и лицата кои и понатаму се аболицирани и лицата за кои е повлечена аболицијата.
Јован Трпеновски, поранешен јавен обвинител.

Поранешниот јавен обвинител Јован Трпеновски, вели дека со делумното повлекување на аболицијата, Специјалното јавно обвинителство сега има законска можност да ја продолжи постапката за лицата кои веќе беше отворена постапка и да прибира нови докази кои се потребни да се утврди дали е направено кривично дело и кој е сторителот. Но, за лицата кои останаа аболицирани од претседателот, друга е приказната, бидејќи за нив не може да продолжи или отпочне кривична постапка, додава тој.

„Е сега малку се усложнува работата доколку во еден предмет се јават како соизвршители и лицата кои и понатаму се аболицирани и лицата за кои е повлечена аболицијата. Во тој случај ќе може да се продолжи постапката само за оние лица за кои што е повлечена аболицијата, а другите да добијат еден сосем поинаков третман, да не се споменуваат нивните имиња поради принципот на пресумпција на невиност.“

Според него, и оваа одлука на Иванов е противуставна.

„Останува и понатаму една правна несигурност, која што практично ја наметна претседателот на Македонија со актот на аболицијата, поради нееднаквиот третман на лицата пред законот, што значи дека сепак и понатаму е нарушено темелното уставно начело дека сите луѓе се еднакви пред законот.“

Претставниците на меѓународната заедница исто така реагираа на делумното повлекување на аболицијата. Во службен весник во саботата беа објавени имињата за кои е повлечена аболицијата, а меѓу нив се лидерите на ВМРО- ДПМНЕ и на СДСМ, Никола Груевски и Зоран Заев, како и поранешните министри Миле Јанакиески и Гордана Јанкулоска, екс директорот на тајната полиција Сашо Мијалков, претседателот на Собранието Трајко Вељаноски, лидерот на ДПА, Мендух Тачи и генералниот секретар на Владата, Кирил Божиновски.

  • 16x9 Image

    Марија Митевска

    Новинарската кариера ја започна во 2008 година во А1 телевизија како репортер во информативната програма.  Родена е на 14.04 1984 година во Скопје. Од мај 2009-та работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG