Достапни линкови

Со „добар чатал“ против селективна аболиција


Полицискиот кордон не го спречи чаталот пред Собрание
please wait

No media source currently available

0:00 0:03:08 0:00

Полицискиот кордон не го спречи чаталот пред Собрание

Демонстрантите со помош на огромните чатали и од поголема далечина повторно го обоија Собранието. Тие претходно на улицата пред Делегацијата на ЕУ во Скопје на англиски јазик напишаа „Селективната правда е неправда“. Порачуваат дека нема да запрат, сè додека целосно не се повлече аболицијата.

Полицискиот кордон распореден на сред улица пред Собранието не ги спречи демонстрантите од Шарената револуција вечерва повторно да ја обојат зградата. Иако гаѓаа од поголема далечина, сепак, овојпат со помош на два огромни чатали успеаја да дофрлат со балоните со боја до законодавниот дом. Секој погодок беше проследен со овации, а демонстрантите скандираа и „многу ни е добар чаталот“. Можеа да се забележат и демонстранти со помали чатали кои нишанеа кон парламентот, но не успеаја да дофрлат.

Готово е Груевски, готово е. Напикан си во ќош со симнати панталони и се чека само денот кога ќе се наведнеш. Се плашите вие криминалците што ќе завршите во затвор.
Драган Сапсов - Дац, актер.

Денеска имаше многу полицајци и првпат беа распоредени на среде булевар, а не како претходно покрај оградата околу Собранието. Демонстрантите запалија и пиротехнички факели во разни бои.

Актерот Драган Спасов – Дац, во својот говор пред Собранието, му порача на првиот полицаец Митко Чавков дека не му се плаши, ниту тој, ниту неговиот син по кого утринава дошла полиција да го собере поради учество во протестите.

„Готово е Груевски, готово е. Напикан си во ќош со симнати панталони и се чека само денот кога ќе се наведнеш. Се плашите вие криминалците што ќе завршите во затвор“, рече актерот.

Демонстрантите претходно на улицата пред Делегацијата на ЕУ во Скопје на англиски јазик напишаа „Селективната правда е неправда“, а носеа и таков транспарент напишан на македонски и на албански јазик.

Претходно директорот на Директоратот за проширување на ЕК Кристијан Даниелсон, при посетата на Скопје, пред истата зграда порача дека императив е да се повлече аболицијата. Побара да не се поткопува работата на СЈО и посочи дека ЕУ е сериозно загрижена за случувањата во Македонија.

Демонстрантите порачуваат дека нема да запрат, сè додека целосно не се повлече аболицијата. За нив е неприфатливо парцијално повлекување.

Претседателот Ѓорге Иванов денеска соопшти дека ја повлекува аболицијата за 22 луѓе кои се политички истакнати, но не прецизираше на кого се однесува оваа одлука. Сите други на списокот од претходно аболирани 56 луѓе имаат можност да поднесат лични барања за поништување на одлуките за нивно помилување.

Членови и активисти на политичката партија Левица носеа транспаренти со порака „Слобода за демонстрантите“ и „Стоп за употреба на притворот како мерката за заплашување“. Кривичниот суд денеска донесе нова одлука според која приведените членови на Левица - Здравко Савески и Владимир Куновски остануваат во домашен притвор уште 30 дена. Тие се товарат дека ја уништувале Народната канцеларија на претседателот Ѓорге Иванов. За истото дело демонстрантите Никола Аризанов и Филип Наковски добија условни затворски казни.

И денеска демонстрантите запалија фотографии на Иванов и Груевски.

Протестите, како и вообичаено, почнаа во 18 часот пред Специјалното јавно обвинителство, за поддршка на оваа институција.

Демонстрантите освен целосно укинување на политичките помилувања, бараат и оставка од претседателот Ѓорге Иванов и формирање техничка влада која треба да создаде услови за фер и демократски избори.

  • 16x9 Image

    Срѓан Стојанчов

    Новинарската кариера ја започна како новинар во внатрешно-политичката рубрика на дневниот весник Шпиц во 2008 година. Роден е на 27.10.1981г. во Скопје. Од февруари 2009 работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG