Достапни линкови

Иванов се пишмани само до половина


За политички експонираните 22 луѓе нема да има аболиција од Претседателот, останатите од листата треба да побараат поништување на одлуката. Според СДСМ, Иванов со денешната одлука ја продлабочи кризата.

Претседателот Ѓорге Иванов денеска ја повлече аболицијата за сите, како што рече, политички експонирани лица или вкупно 22 од помилуваните. Сите други лица од листата помилувани на која имаше вкупно 56, согласно измените на законот, како што додаде Иванов, имале можност да поднесат лични барања за поништување на одлуките за нивно помилување.

Не сакам веќе никој да има сомнеж, ниту еден политичар не е над законот, ниту еден политичар не е недопирлив, напротив, секој ќе одговара за своите постапки.

„Не сакам веќе никој да има сомнеж, ниту еден политичар не е над законот, ниту еден политичар не е недопирлив, напротив, секој ќе одговара за своите постапки. Сакам да потенцирам дека искрено верував и се уште верувам дека одлуката за помилување беше најдобрата можност за излез од политичката криза. Убеден сум дека без враќање на меѓусебната доверба и без помирување во која било форма оваа криза ќе трае уште долго“, рече Иванов, кој нагласи дека одлуката за аболицијата во април ја донел исклучиво во интерес на државата и граѓаните на Македонија, но дебатите во домашната и во меѓународната јавност отишле во друг правец и бил обвинуван дека сакал да ги заштити политичарите, креирал селективна правда и се ставале политичарите над законите.

„Најсовесно изјавувам дека немав таква намера. За разлика од 12 април денес имаме нова реалност во Македонија. Во услови на надворешни закани и безбедносни ризици имаме функционални институции кои можат да се справат со предизвиците од мигрантската криза особено во пресрет на најавите за нов бран на бегалци и мигранти“, рече Иванов кој не прецизираше за кого точно е повлечено помилувањето.

Според листата на аболирани на 12 април, објавена во Службен весник, меѓу тие на кои претседателот би требало Претседателот да им ја повлече аболицијата, се лидерот на ВМРО - ДПМНЕ Никола Груевски, поранешните министри Миле Јанакиески и Гордана Јанкулоска, поранешниот шеф на УБК Сашо Мијалков, партиските функционери Мартин Протуѓер и Кирил Божиновски, тројцата градоначалници Едмонд Темелко, Владимир Талески и Тони Трајковски. Од опозициската партија во овој список се претседателот на СДСМ Зоран Заев и поранешниот шеф на државата и лидер на опозицијата Бранко Црвенковски. Еден од помилуваните сведокот Коста Крпач во меѓувреме почина од прострелна рана. Сега остануваат 33 лица на листата на аболирани поради што тие се уште не можат да бидат гонети од Специјалното јавно обвинителство.

Според СДСМ, Иванов со денешната одлука ја продлабочи кризата, а само целосно поништување на аболицијата било решение.

„Денешната одлука на лицето Ѓорге Иванов е уште едно, ново кршење на Уставот на Република Македонија, што дополнително ја продлабочува и онака длабоката политичка криза во земјава. Аболицијата мора целосно да се поништи и законот да важи подеднакво за сите.Тоа единствено е возможно преку гласање за автентичното толкување на Законот за помилување во Парламентот, со поддршка на сите партии“, соопштија од опозициската партија.

Од ВМРО-ДПМНЕ, пак, ја поздравија одлуката.

Одлуката на Иванов предизвика сериозни реакции и дома и надвор кои не престануваат повеќе од еден месец. Од 12 април граѓаните речиси секојдневно протестираат а странските дипломати постојано инсистираат дека повлекувањето на аболицијата е клучно за Македонија.

  • 16x9 Image

    Фросина Димеска

    Родена е 1980 година во Скопје. Со новинарство се занимава од 2004 година кога почнува да работи како постојан дописник на Радио Слободна Европа од Скопје.
    Во периодот од 2008 година до почетокот на 2014 година работи прво како новинар во телевизијата Алсат М а потоа во дневниот весник Нова Македонија.

XS
SM
MD
LG