Достапни линкови

Изборите откажани, Собранието обоено


Изборите одложени, останува аболицијата
please wait

No media source currently available

0:00 0:01:55 0:00

Изборите одложени, останува аболицијата

Изборите се одложија, а демонстрантите велат дека нема да се тргнат од улиците додека не бидат повлечени политичките помилувања. Тие бараат и оставка од претседателот Ѓорге Иванов и формирање техничка влада.

Огромниот чатал повторно беше главно оружје на демонстрантите во Скопје. Тие повторно го ишараа Собранието, кое денеска се состана за да ги откаже изборите што беа закажани за 5 јуни, што беше и едно од барањата на Шарената револуција. На улицата пред Собранието, демонстрантите напишаа „Нема да ви помине“ и „Ќе ви шараме сè по список“. Велат дека нема да се тргнат од улиците додека не бидат повлечени политичките помилувања.

Денешните протести, под мотото „Пукна бетонот, доаѓа правдата“ почнаа како вообичаено во изминатиот месец, пред Специјалното јавно обвинителство во Скопје, за да изразат поддршка на оваа институција. Неколку илјади луѓе излегуваат на протести на улиците на Скопје повеќе од еден месец. Тие, меѓу другото, бараат повлекување на политичките аболиции, оставка од претседателот Ѓорге Иванов и формирање техничка влада што ќе создаде услови за фер и демократски избори.

На денешниот протест можеше да се забележи многу полиција, што не беше случај во изминатите денови. Бројните полициски сили кои беа распоредени во близина на седиштето на владејачката ВМРО-ДПМНЕ беа исвиркани од демонстрантите. Исвирканa беше и полицијата која ја чуваше зградата на Министерството за правда. И Собранието го чуваа многу полицајци, а имаше и оклопни возила.

Павле Богоевски од Хелсиншкиот комитет во својот говор пред Парламентот рече дека едно од двете основни работи за кои што протестираат, одложување на изборите е завршено, но тоа не значи дека треба да се слави и демонстрантите да се опуштат.

„Ние сме тука во потрага по правда, во потрага по кривична одговорност за криминалците, во потрага по кралот на мафијата. Господине Иванов рековте дека аболициравте 56 политичари за да доведете мир и стабилност во државата. Дали овој месец и кусур ви личи на мир и стабилност? Господине Груевски ние имаме порака за вас, додека ние стоиме, ако нема правда, нема да има мир“, порача Богоевски.

Освен во Скопје, протести организирани до движењето „Протестирам“ се одржаа и во Тетово, Битола, Радовиш, Прилеп и Гевгелија.

  • 16x9 Image

    Срѓан Стојанчов

    Новинарската кариера ја започна како новинар во внатрешно-политичката рубрика на дневниот весник Шпиц во 2008 година. Роден е на 27.10.1981г. во Скопје. Од февруари 2009 работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG