Достапни линкови

Поделени граѓани и „шарени“ протести


Стотици коментари испровоцирале интервјуто на професор Јасна Котеска и текстовите за „Шарената револуција“ и боењето на дел од Скопје 2014. Коментарите се движат од целосно поддржувачки, до целосно против она што се случува на улиците.

Колку лисја на раззеленетите пролетни дрвја, толку коментари и постови по нашето редовно неделно интервју со професор Јасна Котеска, која смета дека иднината на спомениците од проектот „Скопје 2014‟ е во некој Мементо парк надвор од Скопје што ќе потсетува „на десетгодишното лудило овековечено во тие споменици‟.

Ако некој е против некоја власт не значи дека таа треба да работи против него.
Коментар на читател.

Јаска, на нашата веб-страница, смета дека во мементо парк се претворало влијанието на САД во Источна Европа, „а ова се неговите последни крици‟. Зоран ги нарекува двете најголеми партии, владејачката и опозициската, „мафијашки групи‟. Доне Лаовски ја потсетува професор Котеска дека морала да има повеќе морална одговорност да го советува народот да не се дели и дека „професорите и политичарите работат за македонскиот народ, а не обратно‟.

На нашата Фејсбук страница, интервјуто со професор Котеска и нашите информации за „шарените‟ протести во Скопје испровоцирале буквално стотици постови, коишто, на пример, тргнуваат со реакцијата на Филип Јакимовски дека „тоа што е изградено е за нас‟ и дека со „уништување‟, како што смета тој, само се провоцирал народот да излезе на улица и да ја земел правдата во свои раце. Па преку постот на Марко Марковски, кој кажува дека во 2006 гласал за ДПМНЕ и дека многу очекувал од нив, а дека ако „некој е против некоја власт не значи дека таа треба да работи против него‟. Потоа мислењата на нашите фанови шетаат преку историјата, и тоа онаа најдалечната, од пред 20 и кусур векови, ги анализираат античка Грција и Александар, Византија, па Јустинијан, потоа дека сите соседи нè делеле, па Наполеон, ги зафаќаат комунистите, кои во нивно време, според Љубинка Заркадова „оставија само еден коњ да пасе во центар и ништо повеќе‟, па актуелното наше здравство, во кое „умираат новороденчиња, а власта си гради споменици‟ - како што постирал повторно Марко Марковски, завршувајќи со зборовите на Дејан Китевски дека македонската држава не потекнува од 1945-та....

А дека „Улицата станува сè погласна‟, Саки забележува дека тие што протестирале се одмориле на Халкидики за време на празниците и дека „нема спас за државичкава, комплет затвор за сите политичари‟, напишал. Мики Ванчевски, реагирајќи на коментарите против опозицијата, а за владејачката партија, на Фејсбук напишал: „Само ВМРО е исправно, алооо, да не имате кокошкино слепило?!?‟

  • 16x9 Image

    Горица Попова

    Родена е во Кочани, дипломирала во 1976 год. на Филозофскиот факултет во Скопје. Како новинар работи над 30 години. Почнала во Македонско радио- Радио Скопје во 1978 год. Од јуни 2009 год. е соработник на Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG