Достапни линкови

Бегалците не си одат од Идомени


Бегалците не си одат од Идомени
please wait

No media source currently available

0:00 0:02:56 0:00

Бегалците не си одат од Идомени

Илјадници бегалци заглавени на грчката страна на граница со Македонија кај Идомени одбиваат да заминат во камповите подготвени од грчката влада. Тие велат дека остануваат во близина на границата и оти ќе се борат до крај. Во меѓувреме, европарламентот со критики за ефектите на договорот меѓу ЕУ и Турција за мигрантите.

Бегалците и мигрантите кои над два месеца ја имаат запоседнато и железничката станица и натаму чекаат да се отвори границата и да влезат во Македонија за да го продолжат патот кон северните земји на Европа.

Иако хуманитарните организации им помагаат, условите за живот се оскудни. Лошото време и болестите само го отежнуваат нивниот престој таму.

Грчката влада им даде ултиматум да го напуштат провизорниот камп пред први мај.

Но, повеќето од бегалците остануваат цврсти на ставот, додавајќи дека тие би заминале во други кампови, само доколку тие бидат блиску до македонската граница.

Ако е до мене, јас ќе останам. Не одам никаде. Тоа го велат и другите во кампот. Тие не дојдоа за да останат во Грција. Тие ќе останат тука до отворањето на границата.
Мустафа Омар, бегалец од Сирија

„Идомени не е официјален бегалски камп во Грција. Затоа немаме пристап до помошта како другите кампови. Ние сме на приватно земјиште и не можеме да поставуваме опрема и затоа тука условите се оскудни“, вели Мсарт Емануал, координатор на Лекари без граници во Идомени.

И покрај тоа бегалците се решени да останат.

„Ако е до мене, јас ќе останам. Не одам никаде. Тоа го велат и другите во кампот. Тие не дојдоа за да останат во Грција. Тие ќе останат тука до отворањето на границата“, вели сирискиот бегалец Мустафа Омар.

Најблискиот официјален камп е на 20 километри од Идомени.

Околу 50 илјади бегалци и мигранти се заглавени во Грција од средината на февруари годинава кога балканските земји ги затворија границите, а Европската унија и Турција постигнаа договор за стопирање на огромниот миграциски бран.

Скоро половината од нив престојуваат во диво подигнати кампови.

Во меѓувреме, договорот меѓу Унијата и Турција деновиве наиде на критики во Европскиот парламент.

Како и да е, претставникот на Европската комисија, холандскиот државен секретар за безбедност и правда Клас Дијкхоф оцени дека договорот е позитивна мерка во насока на решавање на проблемот со бегалците.

„Што е најважно, спречуваме драматично губење животи на море. Мислам дека ова е најголемата придобивка што може да се види од овој договор“, рече тој.

Франс Тимерманс, првиот заменик претседател на Европската комисија, оцени дека соработката со Турција е единствениот начин на кој што треба да се реши проблемот.

„Границите на Балканот беа затворени, шверцерите оперираа, и ако не преземевме ништо ќе ја осудевме Грција да стане огромен бегалски камп со заглавени стотици илјади бегалци“, рече Тимерманс по критиките од Амнести интернешнал и Хјуман рајтс воч за тоа како биле третирани бегалците во Турција и Грција откако стапи во сила договорот меѓу Брисел и Анкара за стопирање на бегалскиот бран.

  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG