Достапни линкови

Црно-белите медиуми не ја пренесуваат шарената слика од протестите


Медиумите и социјалните мрежи станаа сретство за подигање на тензии. Во услови за остра поделеност во општеството секој се служи со сите средства за пресметка со неистомислениците.

Говор на омраза, недолични квалификации, ширење на страв, искористување на влијанието на спортисти, актери, уметници во пропагандистички цели и за оцрнување на другиот, остри поделби меѓу граѓаните, повикување на справување со предавниците, се само дел од она што може да се забележи по медиумите и социјалните мрежи за протестите и контрапоротестите кои траат десетина денови во Скопје, а и низ Македонија.

Сметам дека ваквиот начин на известување на медиумите се должи на тоа дека тие се средство на политиката, не се средство за информирање на јавноста, односно за објективно информирање.
Сефер Тахири, комуниколог.

На социјалните мрежи може да се видат и СМС пораки со кои по наредба од општински комитети на владејачката партија се повикуваа луѓе да излезат на протести и да се заведат во списоците, оти како што наведуваат, за Македонија се работи, а ќе следат и санкции, стои во пораките.

Од движењето „Протестирам“ кои втора недела протестираат против политиките на власта, велат дека имаа информации дека се вршат притисоци во училишта наставниците да не држат настава, туку да одат на контра-протест.

„Во овој случај за училиштето Васил Антевски Дрен, конкретно некои професори најавиле дека нема да одржуваат настава после 17 часот, пред се поради притисоците кои се вршат врз администрацијата да учествуваат на вечерашниот протест на ГДОМ. Сметаме дека е недопустливо да се вршат вакви уцени на професорите, затоа што нашите деца се на училиште, недопустливо е јавната админситрација, особено кога станува збор за настава да се прекинува поради провладин протест“, вели Владимир Делов од „Протестирам“.

Марјан Камиловски од ГДОМ на протестот во Битола рече дека деструктивноста и негативната енергија што се од другата страна, може да се победат само со добро расположениеи со одбивање на нивната глупавост.

„Практично сега е истата приказна како во 2001, само што сега судирот е хипотетички дизајниран да се случи меѓу нас. Сите мора да сфатат и опозицијата и странскиот фактор, дека главниот збор ќе го кажеме ние на изборите на 5 јуни. Ги замолувам сите да се дистанцираат од нивната агресивна политика.“

Протест на ГДОМ пред седиштето на СДСМ.
Протест на ГДОМ пред седиштето на СДСМ.

Медиумите да не подгреваат тензии

Комуникологот Сефер Тахири вели дека медиумите во последно време освен што се пропагандистичко средство за артикулација на политички интереси на власта и во одреден дел на опозицијата, веќе стануваат средство и за подигање на тензиите.

„Сметам дека ваквиот начин на известување на медиумите се должи на тоа дека тие се средство на политиката, не се средство за информирање на јавноста, односно за објективно информирање и мислам дека дел од власта де обидува преку подгревање на тензиите се обидува да ја замаглува јавноста, да ја дефокусира од вистинските проблеми, а тоа е функционирањето на правната држава“, вели Тахири.

Делов вели дека има силна поларизација на двете групи.

„Тоа е исклучително лошо, затоа што генерално станува збор за ист етникум, тоа се луѓе кои што се слични. Луѓето од „Протестирам“ не протестираат против другите луѓе, тие протестираат единствено против криминалното раководство на ВМРО-ДПМНЕ.“

Советот за етика во медиумите, преку соопштени ги потсети медиумите да не ја злоупотребуваат својата улога и да не служат како платформа за потпалување на ситуацијата и засилување на тензиите во општеството.

„Медиумите, а особено Интернет порталите, не смеат да бидат злоупотребени и да послужат како средство за пропаганда и повици за обединување на поединци и групи за радикално однесување и постапки кои го загрозуваат јавниот ред и мир во општеството.“

Социјалните мрежи за убавата страна на протестите

Но на социјалните мрежи може да се прочитаат и за убавата страна на протестите.

„E Џорџе бе сите најубави девојчиња по Скопјево ги собираш недела дена по ред... Цар!“

„Се извинувам што не е во склад со суштинското, но волку убави девојки на протестиве јас немам видено на друго место“, се само дел од коментарите на социјалната мрежа Твитер.

На протестите веќе е ко на Евровизија: разни знамиња, разни знаци, разни јазици, разни пароли. Во таков амбиент се осеќам покомотно“, гласи еден коментар на Фејсбук.

  • 16x9 Image

    Пелагија Стојанчова

    Новинарската кариера ја започна како радио водител на музичка емисија во локалното радио во Кратово. Во 2008 година работеше како новинар за култура и образование во бесплатниот дневен весник Шпиц. Од јануари 2009 работи како дописник за Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG