Достапни линкови

Крај на протокот мигранти низ Западен Балкан?


ЕУ и Турција со размена на мигранти и бегалци
please wait

No media source currently available

0:00 0:02:55 0:00

ЕУ и Турција со размена на мигранти и бегалци

ЕУ и Турција ги утврдија основите на можниот договор за враќање илјадници мигранти во Турција што би бил усвоен на самитот најавен за 17 март. Начелно прифатени биле и барањата на Анкара за дополнителна парична помош, забрзување на разговорите за членство во Унијата и за безвизниот режим.

По вчерашните разговори во Брисел, евро лидерите оценија дека предлогот понуден од Турција, според кој за секој вратен мигрант, Европската унија треба директно да земе еден сириски бегалец од Турција, претставува добар почеток за конечен договор во идната недела.

„Вистина е дека Турција на самитот дојде со атрактивни предлози и верувам дека многумина беа изненадени“, изјави грчкиот премиер Алексис Ципрас.

Германската канцеларка Ангела Меркел, британскиот премиер Дејвид Камерон и лидерите на Европската унија Жан Клод Јункер и Доналд Туск, предлогот на Турција го оценија како пробив кој преку дополнителна работа ќе доведе до ефикасен план.

Најпрвин, би сакал да ја објавам одлуката на лидерите на ЕУ за запирање на бранот, односно дека му доаѓа крајот на нерегуларниот проток на мигранти по должината на Западен Балкан.
Доналд Туск, претседател на Европскиот совет

Според Туск, кој е задолжен да ги договори деталите на спогодбата со Турција, деновите на нерегуларната миграција во Европа завршиле.„Најпрвин, би сакал да ја објавам одлуката на лидерите на ЕУ за запирање на бранот, односно дека му доаѓа крајот на нерегуларниот проток на мигранти по должината на Западен Балкан“, изјави Туск на денешната прес-конференција.

Турскиот премиер Ахмед Давутоглу, пак, прецизира дека Анкара е подготвена да ги земе назад сите мигранти кои влегле во Европа од турска територија.

Во замена за запирањето на бранот, Давутоглу побара и двојно повеќе финансиска помош од претходно ветената од 3 милијарди евра со цел да им се помогне на сириските бегалци кои остануваат во Турција.

„Турција бара повеќе пари? Не. Турција не бара никакви пари од никој. Турција троши за бегалците од националниот буџет. Сакам да биде јасно: ние бараме фер распоредување на товарот со сириските бегалци“, рече Давутоглу.

Тој исто така побара поместување за шест месеци на терминот за визна либерализација за Турците од претходно предвидениот рок, крајот на годинава.

Турција побара и отворање на уште пет поглавја од преговорите за членство на земјата во Европската унија. Евролидерите се согласија да обезбедат дополнителна финансиска помош, но не прецизираа колку.

Исто така повторија дека визната либерализација би можело да стартува во јуни, но оти претходно треба Анкара да ги исполни сите услови за тоа, вклучувајќи го и менувањето на својата визна политика спрема исламските земји, како и воведувањето биометриски пасоши.

Самитот во Брисел беше уште еден дипломатски обид да се воведе контрола на најголемиот мигрантски бран со кој се соочува Европа по Втората светска војна.

Досега низ таканаречената балканска рута поминале над милион мигранти и бегалци.

Претседателот на Европската комисија Жан Клод Јункер оцени дека најновиот договор значи оти на Сиријците веќе нема да им биде поттик да им плаќаат на криминалците за да ги шверцуваат низ Егејско Море.

  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG