Достапни линкови

Дамла или почеток на поинаква алтернативна студентска соработка


Со изложби, работилници, предавања, театарски претстави, филмски проекции и концерти, од 25 до 27 февруари, ќе се одржи првото издание на „Дамла“, тридневниот културно-образовен настан што како организатори го потпишуваат студентите од Факултетот за драмски уметности, Факултетот за ликовни уметности, Факултетот за музичка уметност и Архитектонскиот факултет од Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ во Скопје. Станува збор за симболично одбележување на првата годишнина од Автономна зона и за почеток на една поинаква, алтернативна студентска соработка.

За почеток, в четврток од 19 часот, најнапред поставката со видеа, фотографии и слики направени за време на протестите и Автономната зона. Потем изложба на студентите од ФЛУ, па јавен испит по Модерна македонска драма по театарска режија во третиот семестар и конечно концерт на тајфата ЧАЛГИЈА САУНД СИСТЕМ.

Главно идејата е да се покаже колку е важна оваа соработка помеѓу студентите и каква култура и каква уметност можат да ѝ подарат тие на актуелнава сцена.
Лидија Мојсо, студентка на Факултетот за драмски уметности

Наредниот ден, отворањето во 16 часот ќе биде со дискусија за авторски договори со студенти од Правниот факултет „Јустинијан Први“. Следува предавањето на професор Небојша Вилиќ на тема „Остатоците на еден Град“, нешто потоа, на изложба, студентите од Архитектонски факултет ќе ги претстават макетите и плакатите од проектите кои ги изработуваат, за да од 20:30 часот, со сцената загосподарат нивните врсници од вокално инструменталната насока и насоката за популарни жанрови од ФМУ кои е предвидено да одржат хуманитарен концерт. Втората вечер ќе биде крунисана со диџеј-сетови на повеќемина професори од овие факултети и кои својот настап го форматираат со наслов „Професорите пуштаат музика“.

В сабота напладне, на последниот ден од „Дамла“, случувањата ќе ги отвори Симона Спировска со работилницата за актери „Будно тело - буден актер“. Од 17 часот, најнапред професор Дарија Андовска ќе го одржи предавањето на тема „Семантиката при употреба на визуелни и аудитивни бои и форми во филм“, потем присутните ќе уживаат во иновативните идеи бележити за филмовите на студентите при ФДУ, на тоа ќе се надоврзе испитот по актерска игра за IV семестар или Како Класа 13 во 2015 ја одигра „Животинска фарма“ од Џорџ Орвел, за да затворањето се претопи во забава условена од обичната потреба за една поинаква дружба.

„Главно идејата е да се покаже колку е важна оваа соработка помеѓу студентите и каква култура и каква уметност можат да ѝ подарат тие на актуелнава сцена. Дефинитивно нешто поразлично од она што досега се случувало. Од таму програмата на самата Автономна зона, тој алтернативен курикулум, ќе се повтори и во оваа прилика на самиот настан, на првата „Дамла“. Ова е еден начин на гласно извикување за тоа колку ние можеме во однос на културата и уметноста во нашиот домен. Јас мислам дека тука треба да бидеме најгласни“, вели во името на организаторите Лидија Мојсо, студентка на Факултетот за драмски уметности.

Таа дополнува дека во нивната заложба за ваквата взаемна соработка имале големо разбирање од професорите и силна поддршка од факултетите на коишто студираат. Згора на тоа навестува дека ова и нема да биде единственото издание на „Дамла“.

„Овој настан нема да трае само оваа година. Овој настан ќе биде и наредната година и убедени сме дека ќе продолжи и понатаму како една прекрасна традиција“, вели таа.

Доријан Јовановиќ од Факултетот за ликовна уметност и еден од музичарите во ЧАЛГИЈА САУНД СИСТЕМ, пак, забележува дека неговиот бенд во последно време и особено во внатрешноста од земјава е многу активен кога станува збор за овој тип на концертни перформанси. Од таму потенцира дека тие воопшто и не се двоумеле по добиената покана од студентите да музицираат на манифестацијата.

„Настапот што треба сега да го имаме во рамките на „Дамла“ настанот на студентите од Факултетот за драмски уметности, Факултетот за ликовни уметности, Факултетот за музичка уметност и Архитектонскиот факултет, го гледаме како можеби дел од пројавената активност на составот, меѓутоа истовремено и како поддршка на оваа група на млади и прогресивни луѓе коишто работат на некакви промени коишто пред сè, јас барем, ги гледам како некакви промени во свеста коишто нам, на ова наше поднебје, ни се толку многу потребни“, вели тој.

Кон ова само уште информацијата дека организацијата на настанот е овозможена од собраните донации во текот на изминатите две недели од Академската сцена на ФДУ. Затоа и сосема е разбирливо што во текот на претстојните три дена на местото на одржувањето на случувањето ќе бидат поставени кутии за донации кои ќе бидат наменети за овозможување на понатамошна соработка помеѓу студентите и реализација на повеќе настани од овој тип.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG