Достапни линкови

Боуви во фокусот на Ретроспективата на „Скопје синема сити“


Пет остварувања, меѓу кои две за „Рокенрол камелеонот“ – неодамна починатиот Дејвид Бови, ќе бидат прикажани во рамките на Ретроспективата на филмови на Фестивалот на музички документарци „Скопје синема сити“, што е планирано да се одржи во деновите од престојниот викенд, на 23 и 24 јануари, со почеток во 20 часот, во Кинотека на Македонија.

Одличниот „Дејвид Боуви – Стариот актер“ на режисерот Алан Јентоб , „Берлин - Патешествие инспирирано од Дејвид Боуви“ на Вили Асгеирсон, „Музиката на Пруденс“ на Роџер Рос Вилијамс и домашниот „Уметници за жици - Гиевски“ на Александар Јанковиќ и Александар Даутовски, се филмовите кои се одбрани да бидат прикажани оваа сабота во рамките на Ретроспективата на филмови на Фестивалот на музички документарци „Скопје синема сити“, што е планирано да се одржи во Кинотека на Македонија. За недела, во истиот термин од 20 часот, е предвидена премиерата на „Застани на пат“ на авторот Немања Ѓериќ, дело кое говори за развојот на хип-хоп музиката на овие наши балкански простори.

Боуви е човек, творец... чија музика, слободно може да се каже, била саундтрек на животите на оние од втората половина на 20 век без разлика на тоа кој жанр преовладувал во тие моменти.
Ненад Георгиевски, уметнички директор на Фестивалот на музички документарци „Скопје синема сити“.

„Идејата е да се направи едно мало потсетување за првото издание на Фестивалот, бидејќи поминаа шест месеци од случувањето, тој успешен старт што го имавме во јули минатата година, и сега еве на овој начин сакавме да направиме една мала ретроспектива како било, што се случувало, на што во иднина треба да брнеме внимание“, вели Ненад Георгиевски, уметнички директор на Фестивалот на музички документарци „Скопје синема сити“.

Ненад Георгиевски.
Ненад Георгиевски.

Тој појаснува дека притоа идејата нималку не била да се прави некаков омаж на делото на неодамна починатиот Дејвид Боуви, чиј лик патем беше во фокусот на отворањето на манифестацијата со одбирот на документарците и уште повеќе со изложбата на уметничка фотографија на исклучителниот Бранислав Рашиќ, туку едноставно ваквото посегање по споменатите документарци се наметнало како неминовност од неочекуваниот след на настаните.

„Боуви е човек, творец... чија музика, слободно може да се каже, била саундтрек на животите на оние од втората половина на 20 век без разлика на тоа кој жанр преовладувал во тие моменти. Без разлика на тоа кој бил популарен или не, тој секогаш бил присутен со добра музика, со интерес и несекојдневен имиџ и со повеќе од интересна приказна. Затоа и многумина ги врзуваат своите животи со неговата музика. Боуви беше полн со живот, со идеи, со интересни случувања ...и ете затоа на сите негови поклоници им дојде многу тешко неговото прерано заминување. Не само поради таа носталгија за убавите стари времиња, туку поради тоа што во него имаше уште многу музика, нови идеи и звучни изненадувања. Тој од сè знаеше да направи уметност. Та дури и од смртта. “

Во однос на „Скопје синема сити“, како нова урбана главноградска манифестација чија опстојба треба силна да им се спротивстави на атаците на шундот и кичот, Георгиевски потсетува дека Фестивалот е замислен како нешто многу повеќе од само избор на музички документарци. Како разбирлива потреба за претставување на една многу вибрантна (суб)култура што ја има на овие простори. Од таму Ретроспективата , според него, е и убава увертира во настаните од второто издание кое би требало да се одвива на почетокот од јули 2016 година.

„Сакаме вториот „Скопје синема сити“ да биде богат, мултимедијален настан со интересни гости, со интересна програма и со интересни концепти кои што ќе ја покажат широчината и длабочината на музичката култура која е присутна генерално кај широката публика, но ја нема или е неприметлива во медиумите. Програмата е скоро готова, но сега ќе треба уште многу пат да се изоди за да стигнеме до нејзиното промовирање во јавноста. Во суштина ќе се потрудиме концептот да го задржиме. Филмовите да ги поврземе со некаква изложба, некое предавање, интересни гости ...групи или артисти за кои што се говори, режисери, камермани или продуценти...Ќе тежнееме да остане ваквиот пристап кон креирање на еден несекојдневен фестивал во чиј фокус е современата музика. “

Кон ова само уште информацијата дека влезот за проекциите на оваа ретроспектива на филмовите од „Скопје синема сити“ во Кинотека на Македонија е слободен.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG