Достапни линкови

Разбрануваното море го намали бегалскиот бран


Од почетокот на годинава во просек околу 2.000 луѓе заминуваат од Гевгелија со воз кон Табановце. Транзитот на бегалците кои доаѓаат од Сирија, Авганистан и Ирак тече без никакви проблеми.

Разбрануваното море е причина за намалениот прилив на бегалци од воените подрачја на македонско-грчката граница. Бегалците со кои денеска разговаравме велат дека заради немирното море и зголемената опасност малку луѓе се качуваат во чамците од турски Измир кон грчките острови.

Според податоците на гевгелискиот Регионален центар за управување со кризи од почетокот на годината во просек околу 2.000 луѓе заминуваат од Гевгелија со воз кон транзитниот центар во Табановце.

Денеска во Прифатниот камп во Гевгелија околу 1.000 луѓе тргнаа со воз да си ја бараат среќата во некоја од западноевропските земји.

Во кампот беше мирно, а транзитот на бегалците кои доаѓаат од Сирија, Авганистан и Ирак тече без никакви проблеми. Слична е состојбата и на другата страна од границата, каде на котата 59 македонските и грчките гранични полицајци ги прегледуваат документите на бегалците.

Утрово петмина Авганистанци биле вратени во грчкиот камп затоа што имале фалсификувани документи. Полицајците велат дека лесно ги препознаваат лажните документи според печатот. Само во последните три дена полицијата откри три случаи на криумчарење мигранти, во двата случаи стануваше збор за камиони со кои биле превезувани околу педесетина мигранти.

Во Транзитниот центар во Табановце се згрижени дваесеттина економски мигранти кои се вратени од српската полиција затоа што немале соодветна документација, информираат од Регионалниот центар за управување со кризи. Станува збор за државјани на Мароко и четворица Курди од Ирак.

Бегалскиот бран намален, помош и од странски полицајци
please wait

No media source currently available

0:00 0:02:13 0:00

Според податоците на УНХЦР на грчките пристаништа вчера пристигнале 2.400 мигранти. Црвениот крст со Црвената полумесечина и неколку невладини организации редовно им делат храна, вода и зимска опрема на бегалците. Тие постојано се на терен со 11 мобилни тимови кои им нудат помош и поддршка на мигрантите.

Во последните 24 часа МВР поделиле 1.900 потврди за искажана намера за барање азил. Според податоците на МВР од почетокот на годинава низ Македонија транзитирале околу 20 илјади бегалци, од кои 7.000 деца.

Лекарите во гевгелискиот Прифатен центар велат дека во изминатите неколку денови имале многу работа со децата кои се разболеле поради лошите временски услови. Во Кампот во Гевгелија покрај македонската војска и полиција денеска на помош имаше и унгарски полицајци.

  • 16x9 Image

    Зорана Гаџовска Спасовска

    Новинарската кариера ја започна во А1 телевизија. Работела на теми од образование, социјални проблеми, здравство и екологија. Родена е на 23.09.1983 година во Скопје. Од јуни 2009-та година работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG