Достапни линкови

Неверни Тома и стадионот под Тумбе Кафе


Архивска фотографија: Совет на Општина Битола.
Архивска фотографија: Совет на Општина Битола.

Битолската опозиција критикува дека проектот за реконструкција на стадионот под Тумбе Кафе е илузија. Владејачкото мнозинство ги обвини дека се неверни Томи.

Развојната програма на Општина Битола за периодот од 2016 до 2018 година предизвика бурна дискусија во општинскиот совет. Програмата предвидува 864 милиони денари да се вложат во изградба на инфраструктура во поранешната касарна, булеварот Први мај, доизградба на киното Манаки и реконструкција на стадионот под Тумбе кафе. Опозицијата критикува дека овие проекти се илузија.

Дали треба да поверуваме дека помеѓу Божиќ и Василица годинава се најде архитект кој за четири дена успеа да изработи проект за 9907 гледачи? Врз основа на кој проект со оваа развојна програма бараме дополнителни 9 милиони евра за изградба на стадионот.
Николче Котевски, опозициски советник во Советот на Општина Битола.

„Изградбата на инфраструктурата на АРМ требаше да започне уште во 2011 година кога почна продажбата на градежно земјиште во АРМ. 5,2 милиони евра заработи општината од АРМ преку продажба на градежно земјиште и уплатен надоместок за уредување на градежно земјиште. Од тие пари 3 милиони евра буквално некаде испарија. И сега го чекаме кредитот за да ја заокружиме оваа илузија за да кажеме дека еве имало некаква основа“, критикува Златко Ќурчиевски, советник од СДСМ.

„Јас не знам почитувани претставници од ВМРО-ДПМНЕ како не ве боли вас кога гледате како Барцелона гостува во Скопје, игра ракомет во сала која ги исполнува сите стандарди, а салата во Битола се распаѓа, а ракометниот клуб се мачи да опстани“, рече Александар Касаповски од ЛДП.

„Дали треба да поверуваме дека помеѓу Божиќ и Василица годинава се најде архитект кој за четири дена успеа да изработи проект за 9907 гледачи? Врз основа на кој проект со оваа развојна програма бараме дополнителни 9 милиони евра за изградба на стадионот“, изјави Николче Котевски од опозицијата.

Од советничкото мнозинство предводено од ВМРО-ДПМНЕ ги обвинија советниците од опозицијата дека се неверни Томи, потенцирајќи дека нивните проекти се реалност, а не илузија.

„Има еден светец се вика Неверни Тома. Тој е полош од зборот песимист. Ако можевме да направиме нов град во поранешната касарна, ако можевме да бидеме пионери во индустриската зона во Македонија, можеме да реализираме и кружни текови, да направиме стадион и спортска сала“, одговори Златко Милошевски, советник од ВМРО-ДПМНЕ.

  • 16x9 Image

    Жанета Здравковска

    Родена во Битола на 15.01.1977 година. Дипломирала на Педагошкиот факултет во Битола во 1999 година, а магистерски студии завршила на постдипломските студии по менаџмент на човечки ресурси на Институтот за социолошки и политичко- правни истражувања во Скопје. Работела како новинар во повеќе локални редакции во Битола, а за Радио Слободна Европа известува од 2002 година. 

XS
SM
MD
LG