Достапни линкови

Турција пред нови избори, но можеби со стари резултати


Турција пред нови избори, но можеби со стари резултати
please wait

No media source currently available

0:00 0:02:52 0:00

Турција пред нови избори, но можеби со стари резултати

Тактиката на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган за вторите општи избори во изминативе пет месеци можеби се смени, но резултатот од гласањето в недела, најверојатно ќе биде ист како и на оние претходните. Имено, неговата владејачка Партија на правдата и развојот, по се изгледа ќе мора да ја дели власта.

Анкетите покажуваат дека оваа партија која владее во земјата 13 години и која на изборите во јуни го загуби парламентарното мнозинство, на први ноември повторно нема да добие доволно гласови за да владее сама.

На партијата тогаш не и успеа да најде коалициски партнер што го принуди претседателот Ердоган да закаже вонредни избори во надеж дека конечно ќе му го дадат очекуваниот успех: самостојно владеење на партијата што ја формира и во која монолитно доминира токму тој самиот.

Реџеп Таип Ердоган
Реџеп Таип Ердоган

Премиерот Ахмед Давутоглу, во интервју за агенцијата Ројтерс, изјави дека Партијата на правдата и развојот би можело да освои 45 насто од гласовите што е за пет насто повеќе од изборите во јуни.

Стабилноста на оваа НАТО членка е клучна за борбата против милитантите на Исламската држава во соседната Сирија, но и за соработката со Европа во справувањето на најголемата миграциска криза од Втората светска војна.

„За продолжување на успешната приказна, наша цел е да имаме еднопартиска влада, но ќе дејствуваме според изборните резултати за да нема политичка криза во земјата“, рече тој во врска со можноста за коалиција со главната опозициска Републиканска партија.

Шефот на оваа партија Кемал Киличдароглу исто така најави дека е можно да дојде до разговори за коалиција по изборите.

„Подготвени сме да направиме се што е неопходно за да ги заштитиме интересите на Турција. Секако сакаме сами да владееме, бидејќи оваа власт не е способна да се справи со проблемите“, изјави тој.

Западните сојузници и странските инвеститори веруваат дека токму коалицијата меѓу овие две партии е тоа што и треба на земјата за да се контролираат се поизразените авторитарни инстинкти на Ердоган.

Стабилноста на оваа НАТО членка е клучна за борбата против милитантите на Исламската држава во соседната Сирија, но и за соработката со Европа во справувањето на најголемата миграциска криза од Втората светска војна.

Партијата на правдата и развојот, која има исламски корени, на Републиканската партија што ја формира таткото на модерна Турција Кемал Ататурк гледа како на секуларен бастион чиј елитистички менталитет е виновен за сите проблеми во земјата.

Но, во клучните политички прашања, вклучувајќи ги економските реформи, поблиските врски со Европската унија и решавањето на курдското прашање, двете партии во суштина се согласуваат.

Најголем победник на изборите во јуни беше прокурдската Народна демократска партија која за прв пат влезе во парламентот. Но оттогаш пропадна примирјето кое траеше две години и дојде до интензивни борби меѓу курдските бунтовници и владините сили.

И покрај тоа, членовите на Народната демократска партија се оптимисти дека повторно ќе освојат над 10 насто од гласовите со што, како што велат, ќе победат демократијата и мирот во Турција.

  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG