Достапни линкови

Пардон на Ревије и Деламот на малата сцена на МНТ


На малата сцена на Македонскиот народен театар во Скопје, в сабота, на 26 септември во 18 часот, ќе биде претставена француската драма „Пардон“, на Сабин Ревије и во режија на Гиј Деламот. Во пиесата играат актерите Висар Вишка, Весна Гаврил, Драгана Левенска, Борче Начев и Горазд Цветковски, а станува збор за соработка помеѓу Локомотива – Центар за нови иницијативи во уметноста и културата, МНТ и Панта театарот од Каен, Долна Нормандија, како дел од проектот „Пишување и режија, денес“, кој годинава и беше посветен на македонската драматургија.

Претставата „Пардон” е резултат на интензивната деветдневна соработка (18-26 септември) помеѓу авторката Сабин Ревије, режисерот Гиj Деламот и македонските актери Висар Вишка, Весна Гаврил, Драгана Левенска, Борче Начев и Горазд Цветковски. Овој проект, како работа во процес, ќе и биде претставен на македонската публика на малата сцена на МНТ во сабота, на 26 септември, во 18 часот.

Овој проект, освен што овозможува еден вид на креативна соработка помеѓу уметници од полето на театарот, наедно воспоставува и институционална соработка каде што институција, односно театар од Долна Нормандија соработува со театар од Македонија, во случајов нашиот партнер МНТ. Ова е убава можност којашто можеби во иднина би овозможила продолжување на контактите или можеби некакви други форми на соработка секако во областа на театарот.
Виолета Качакова, проект менаџер во Локомотива - Центар за нови иницијативи во уметноста и културата.

Станува збор за своевиден театарски експеримент, за истражување на можностите за интерпретација и поставување на драмски текст во интеракција помеѓу авторот, режисерот и актерите.

Сабин Ревије.
Сабин Ревије.

Родена во 1974 година, Сабин Ревије завршила актерски студии и работела со голем број режисери, меѓу кои Ејмунтас Некрошиус, Анатоли Василиев, Серж Транвуез, Винсен Рафи и други. За нејзиниот прв текст „Пардон“, добитник е на наградата на Фондацијата „Бомарше“, а потписник е и на драмата „Раѓањето на Адел“, исповед на темните страсти на една жена, кој бил изведен од страна на комичарката Кенди Треш во 2007 година. За Ревије е познато дека сака да експериментира со зборови и да работи заедно со актерите на самата сцена. Во 2009 година, заедно со Ели Коминс, Џозеф Данан и Емануел Гез, таа пишува една „виртуелна авантура“ наречена „Илузија.ком“ која критичарите тогаш ќе ја опишат како „сценска дигитална литература“. Всушност, она што ја интересира уметницата е современ театар, лирски, загрижувачки, сценски импровизации, судири, оштетен театар, вознемирувачки, обезличен, сè што не е конформирано и „под конец“.

Од друга страна, Гиј Деламот е ко-директор на Панта театарот во Каен, основан во 1991 година. Станува збор за колектив кој на сцена поставува современи автори како Колтес, Корман, Дуриф, Жене и други. Деламот е познат и по истражувачка работа околу делата на Достоевски од кои потем произлегле три драми, а како режисер во своето портфолиото ги има претставите: „Лекции од темнината“ на Патрик Керман, „Агата“ на Дира, „Ричард 3“ на Шекспир, „Подалечно од далеку“ на Зини Харис, „Постерот“ на Филип Дикро, „Искушенијата на Алјоша“ - проект инспириран од „Браќата Карамазови“ на Достоевски и други. И најважното, тој учествувал на сите досегашни изданија на Фестивалот на современи дела „Пишување и режија, денес“ и е во постојана блиска соработка со странските автори.

Форматот на работа воспоставен во рамки на проектот – „Пишување и режија, денес“ е фестивал на современи дела кој секоја година се организира од Панта театарот од Каен, во регионот Долна Нормандија во Франција, како билатерална соработка со одредена земја. Неговото годинашно, 18-то издание е посветено на современата македонска драма и на соработката со нашава земја.

Проектот, кој во случајов беше координиран од Локомотива – Центар за нови иницијативи во уметноста и културата, овозможи директна соработка помеѓу француски и македонски драмски автори, режисери (Гиј Деламот, Сабин Ревије, Дејан Дуковски, Срѓан Јаниќијевиќ, Нела Витошевиќ, Горјан Милошевки и Мартин Кочовски) и француски и македонски актери. Нивно меѓусебно запознавање и промоција на современата француска и македонска драма, превод на три современи македонски текста на француски јазик и нивно поставување пред француска публика („Утерус” на Дејан Дуковски, „Шехерезада” на Срѓан Јаниќијевиќ и „Човекот кој не знаеше да каже НЕ!” на Горјан Милошевки) и превод на една современа француска драма на македонски јазик и нејзино претставување пред македонска публика („Пардон“ на Сабин Ревије).

„Овој проект, освен што овозможува еден вид на креативна соработка помеѓу уметници од полето на театарот, наедно воспоставува и институционална соработка каде што институција, односно театар од Долна Нормандија соработува со театар од Македонија, во случајов нашиот партнер МНТ. Ова е убава можност којашто можеби во иднина би овозможила продолжување на контактите или можеби некакви други форми на соработка секако во областа на театарот“, вели Виолета Качакова, проект менаџер во Локомотива - Центар за нови иницијативи во уметноста и културата.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG