Достапни линкови

Многу фалби, а помалку странски инвестиции од лани


Архивска фотографија.
Архивска фотографија.

Околу 25 милиони евра странски инвестиции помалку од истиот период лани влегле во Македонија во првата половина од годината и покрај тоа што власта постојано најавува инвестициски бум.

Во првите шест месеци од годинава во Македонија влегле 25 милиони евра странски инвестиции помалку од истиот период лани. Податоците на Народната банка покажуваат дека во првата половина од годинава во земјава влегле 121 милиони евра странски инвестиции, додека во истиот период минатата година имало 146 милиони евра. Во целата 2014 година во земјава влегле 262 милиони евра странски инвестиции, а во годината претходно 252 милиони евра.

На ниво на дивизија веќе ја имаат донесено интерно одлуката. Се очекува уште на ниво на холдинг да биде потврдена нивната одлука. Во меѓувреме доаѓаат да ги прецизираат деталите околу договорот.
Никола Груевски, премиер.

И покрај тоа што премиерот Никола Груевски во секое негово јавно излагање се фали со успесите во привлекување странски капитал, статистиката покажува дека Македонија стои послабо од речиси сите земји од регионот.

Како одговор на опозициските бомби, владејачката ВМРО-ДПМНЕ во март годинава одржа митинг во Спортскиот центар Борис Трајковски во Скопје, на кој премиерот Груевски најави шест нови странски инвестиции во кои ќе се вработат 4.500 луѓе. Од тогаш во речиси секое појавување во јавноста, тој најавува нови инвестиции. Пред три дена беше најавена инвестиција од 20 милиони евра од американски производител на авто делови во струмичко, во која ќе се вработат 1.500 луѓе.

Претпоставувам дека еден поголем дел од оние инвестиции коишто биле со намера да влезат во земјата во првата половина од годината ја одложиле таа одлука до некои постабилни времиња, што имплицира вкупниот износ на инвестиции што влегле во економијата во првата половина од годината да биде помал од очекуваното или помал во однос на претходната година. Она, пак, што го забележување како намалување во одредени месеци се должи и на фактот што имаме повлекување добивка од веќе етаблираните капацитети тука.
Марјан Петрески, универзитетски професор.

„На ниво на дивизија веќе ја имаат донесено интерно одлуката. Се очекува уште на ниво на холдинг да биде потврдена нивната одлука. Во меѓувреме доаѓаат да ги прецизираат деталите околу договорот“, рече премиерот Груевски.

Јануари и април годинава биле најдобрите месеци за привлекување странски капитал, кога во земјава влегле по над 35 милиони евра. Во март и во јуни имало по над 20 милиони евра, во февруари 13, а во мај имало одлив на странски инвестиции од 5 милиони евра.

Професор Марјан Петрески вели дека било за очекување политичката криза, чии последици веројатно ќе се чувствуваат најмалку до најавените избори за април наредната година, да има ефект и врз странските инвестиции.

„Претпоставувам дека еден поголем дел од оние инвестиции коишто биле со намера да влезат во земјата во првата половина од годината ја одложиле таа одлука до некои постабилни времиња, што имплицира вкупниот износ на инвестиции што влегле во економијата во првата половина од годината да биде помал од очекуваното или помал во однос на претходната година. Она, пак, што го забележување како намалување во одредени месеци се должи и на фактот што имаме повлекување добивка од веќе етаблираните капацитети тука“, вели Петрески.

Најмногу странски инвестиции во првата половина од годинава, односно 35 милиони евра, доаѓаат од малата карипска држава Свети Винцент и Гренадини, која е позната како оф-шор дестинација, односно земја која ги крие сопствениците. Од Швајцарија во земјава влегле 20 милиони евра, од Холандија 13 милиони евра, од Германија скоро 18 милиони евра, а од Обединетото Кралство над 9 милиони евра. Во Унгарија, пак, има одлив од 21 милиони евра, а во Австрија се одлеале над 17 милиони евра.

  • 16x9 Image

    Срѓан Стојанчов

    Новинарската кариера ја започна како новинар во внатрешно-политичката рубрика на дневниот весник Шпиц во 2008 година. Роден е на 27.10.1981г. во Скопје. Од февруари 2009 работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG