Достапни линкови

Патувачкото кино на МакеДокс ја заврши својата мисија по Славна Дебарца


Во периодот од 10 до 22 август, патувачкото кино на „МакеДокс“ посети десет села во славна Дебарца и на мештаните им овозможи незаборавни доживувања со документарните филмови од својата програма. Ова беше шеста синеастичка турнеја на Фестивалот на креативен документарен филм на подзаборавените, а восхитувачки убави региони во Македонија, чија цел е непосредно да се влијае на процесот на децентрализација на културата во државава преку кино проекции во малите и рурални места, каде што жителите немале можност за вакво доживување повеќе од четири децении.

Волино, Белчишта, Издеглавје, Мешеишта, Слатино, Ботун, Злести, Оровник, Лешани и Велмеј се десетте села од регионот на славна Дебарца во кои, во периодот од 10 до 22 август, на мештаните, по сигурно повеќе од 40 години, им се случи филм. Во нив на своето несекојдневно, традиционално синеастичко патешествие помина патувачкото кино на „МакеДокс“ и успеа барем за момент да ја разбуричка летната летаргија на крајот, како и многу други во земјава, столчен од миграцијата село-град.

Чувствуваме дека секоја година сè повеќе и повеќе созреваме и растеме како што поминува времето. Затоа годинава сè е повеќе од претходните години. Имавме повеќе луѓе на проекциите. Имавме повеќе филмови за прикажување. Имавме и повеќе места коишто ги посетивме и тоа ни дава огромна надеж и сила дека тоа што го правиме е на добар пат.
Киријана А. Николоска, директорка на „МакеДокс“.

Инаку, патувачкото кино е старо колку и Фестивалот на креативен документарен филм и веќе шеста година со своето „магаренце“ ги посетува подзаборавените, а восхитувачки убави региони во Македонија. Неговата цел е непосредно да влијае во процесот на децентрализација на културата во земјава и да овозможи кино проекции во мали и рурални места, каде што жителите можеби никогаш или најмалку четири децении немале можност за едно вакво синеастичко доживување.

„Чувствуваме дека секоја година сè повеќе и повеќе созреваме и растеме како што поминува времето. Затоа годинава сè е повеќе од претходните години. Имавме повеќе луѓе на проекциите. Имавме повеќе филмови за прикажување. Имавме и повеќе места коишто ги посетивме и тоа ни дава огромна надеж и сила дека тоа што го правиме е на добар пат“, вели Киријана А. Николоска, директорка на „МакеДокс“.

За нас многу значи Патувачкото кино. Не само што се обидуваме да однесеме дел од културата во овие заборавени подрачја, туку и затоа што ние многу добиваме од нив. Се поврзуваме со корените, се поврзуваме со традицијата, јадеме здрава храна, гледаме дека сè уште постојат места и поднебја коишто го живеат животот во неговата основна смисла.
Киријана А. Николоска, директорка на „МакеДокс“.

Таа појаснува дека концептот е истиот како и во изминатиот период. Во секое село проектираат по еден краток документарен филм којшто им го отстапува Кинотеката на Македонија и со кој неминовно се поистоветуваат постарите жители на селата бидејќи тие дела го прикажуваат животот од нивно време.

Како илустративен пример за тоа го споменува фактот дека во селото Велмеј бил прикажан филм за тоа како се изработува воденички камен, а потем покрај воденицата која сè уште функционира (што е реткост во земјава) бил воден разговор за тоа зошто никој повеќе не се нафаќа на еден таков макотрпен потфат.

Дополнува дека одбирот се состои од филмови коишто ќе направат некаква конекција со луѓето. Дека во некои од селата каде што сè уште има деца особено во летниот период посегаат по остварувања коишто би биле интересни за нив и за таа возраст и згора на тоа нудат и по еден до два долгометражни филма на актуелни теми блиски до мештаните. Притоа Николоска потенцира дека со текот на времето дошле до сознание дека поради јазикот и особено обработуваните теми публиката е многу повеќе заинтересирана за домашните, за македонските филмови.

„За нас многу значи Патувачкото кино. Не само што се обидуваме да однесеме дел од културата во овие заборавени подрачја, туку и затоа што ние многу добиваме од нив. Се поврзуваме со корените, се поврзуваме со традицијата, јадеме здрава храна, гледаме дека сè уште постојат места и поднебја коишто го живеат животот во неговата основна смисла. Без консумеризам и оптоварени со мал милион работи коишто нас секојдневно не опкружуваат. Така што, ние, некако, Патувачкото кино во проектна смисла си го подредуваме како една прекрасна размена со луѓето и населението низ земјава со кои што инаку ретко доаѓаме во контакт“, вели таа.

Кон ова само уште информацијата дека „МакеДокс“ Патувачкото кино го реализира со финансиска поддршка од Агенцијата за филм на Република Македонија, во соработка со Кинотеката на Македонија и со сопствено вложување во проектот.

И уште нешто – по шестото издание на Фестивалот на креативен документарен филм што под мотото „Рум-да-да, дум-та-дум-та!“ се одржа од 20 до 26 јуни во Куршумли-ан и во МКЦ во Скопје и по Патувачкото кино кое протатни овој пат низ славна Дебарца, пред „МакеДокс“ во периодов што следува се регионалната школа за документарен филм која почнува овој четврток, на 27 август, во Призрен во соседно Косово, потем средбата на наставници кои употребуваат документарен филм во образовниот процес и новото издание на „Докувизија“ кое од крајот на септември ќе се одвива во пет балкански држави.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG