Достапни линкови

„Докувизија“ – Проект на Балканската документарна мрежа


Со симултана проекција на израелско-американскиот документарен филм „Зависник од интернет“ во пет балкански градови, овој вторник, на 21 април, започнува „Докувизија“, партнерски проект на Балканската документарна дистрибутивна мрежа чиј член е и Интернационалниот фестивал на креативен документарен филм „МакеДокс“. Скопската проекција е закажана во Џебното кино во МКЦ, во 20 часот, а во исто време ќе се одржат и оние во Призрен, Белград, Загреб и во Подгорица, по што ќе следуваат дискусии со публиката од сите градови учесници во проектот.

„Докувизија“ е партнерски проект на Балканската документарна дистрибутивна мрежа чиј член е и Интернационалниот фестивал на креативен документарен филм „МакеДокс“.

Сите сме премногу мали за да се избориме за некаков простор за сериозна дистрибуција и ова е начин да презентираме повеќе филмови.
Николина Неделковска, координатор на проектот.

Идејата за него, во некоја основна форма, започнала да се појавува во 2010 година кога реалноста ја наметнала потребата од вмрежување на постојните фестивали за документарен филм од регионот. Како иницијатор на таквиот чин првично се јавува „Рестарт“ од Хрватска, а причината за тоа била многу едноставна – фактот што државите од поранешна Југославија на филмскиот маркет се уште се третирани како еден и единствен пазар.

„Сите сме премногу мали за да се избориме за некаков простор за сериозна дистрибуција и ова е начин да презентираме повеќе филмови. Тоа функционира со фестивалите, се гради секаде една прекрасна публика која што ги посетува, меѓутоа почувствувавме дека тоа не е доволно. Дека љубителите на документаристиката не смеат да останат само на фестивалите. Дека треба да излеземе надвор од нив и да се обидеме во некаква кино-дистрибуција да привлечеме публика. И постоечка и нова. Да им понудиме нешто навистина интересно“, вели Николина Неделковска, координатор на проектот.

Таа дополнува дека „Докувизија“ уште на почетокот финансиски бил подржан од Фондот за уметност и култура за Балканот (Balkans Arts & Culture Fund), по што, во натамошната разработка на идејата, наместо да се оди со класичното прикажување на документарците се одлучиле да започнат со симултани проекции во шест градови од земјите од поранешната заедничка држава – Скопје, Белград, Подгорица, Призрен, Загреб и Љубљана. Згора на тоа за секоја идна проекција е решено да се бира град домаќин каде ќе бидат гостите кои ќе говорат за темата која што се отвора во филмот.

„Првенствено ни е битно да имаме квалитетни филмови да прикажеме, а веднаш потоа и да разговараме на теми кои што произлегуваат од тие филмови што ќе им бидат претставени на љубителите на документарниот филм.“

Темата на првата дискусија во рамките на „Докувизија“ е зависноста од интернетот. Град домаќин е Подгорица, а модератори на дискусијата е предвидено да бидат психологот и комуниколог Радоје Церовиќ и социологот Анита Ќудина од Сплит, инаку авторка на истражувачки проект за зависноста на децата од Интернетот.

Притоа ќе биде прикажан израелско-американскиот документарен филм „Зависник од интернет“ чии авторки се Шлош Шлам и Хила Медалиа.

Инаку, Кина е првата земја во светот која ја прогласи „зависноста од интернет“ за клиничко нарушување. Со цел да се справат со она што наликува на најголемата општествена криза на денешницата, кинеските власти отвораат установи за детоксикација и лекување на зависноста на тинејџерите од водењето на живот онлајн. Преку неконвенционалните психолошки сесии, каде што момчињата постепено споделуваат зошто се чувствуваат поповрзани со разните гласови во сајбер-просторот отколку со семејството, филмот нуди искрен, промислен и непријатен портрет на општество во движење и на младина изгубена во технологијата, на работ на бездната отаде непознатата иднина. Филмот ни го прикажува современиот кинески живот во мало, посматрајќи ги меѓугенерацискиот притисок и симптомите на таканаречената „доба на интернетот“.

Следната проекција е предвидено да се случи на 26 мај во МКЦ во Скопје, а Николина Неделковска вели дека тематски ќе се обидат да начнат дел од проблемите на детската деликвенција, на образованието или недостиг на образованието, исполнувањето на соништата и начинот како да се дојде до постигнување на она што се сака во животот. Ова подразбира дека целната група во разговорите по прикажувањето на филмот ќе бидат тинејџерите.

„Во мај ќе се обидеме, меѓу другото, да донесеме и автор на филмот за да може да ја видиме и онаа друга перспектива, да кажеме филмска. Тој лично да ни каже од каде мотивацијата и зошто ја одбрал токму таа тема и колку време треба да помине од моментот на одлуката до снимањето и раскажувањето на таа приказна. На тој начин ќе гледаме да има некаков баланс помеѓу она што е филмско дело и она што е тема која што произлегува како повод за разговор понатаму, а инициран од самиот филм.“

И, едно малечко потсетување. Фестивалот на креативен документарен филм „МакеДокс“ е основан во Скопје во 2010 година со цел да ја претстави и промовира креативната документарна филмска уметност. Главните три цели на „МакеДокс“ се едукација на млади филмофили, ширење на етичките идеи и придонес во одржувањето и развојот на човековите права. Зачнат со ентузијазмот на една група на доку-љубители, „МакеДокс“ за само пет години успеа да прерасне во национална, регионална и светски етаблирана филмска манифестација со над 80 проекции годишно, придружена со изложби, дебати, работилници, мастер-класови и музички настани.

Конечно шестото издание на „МакеДокс“ е планирано да се одржи од 20 до 26 јуни 2015 година во Скопје.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG