Достапни линкови

Кери: нема алтернатива на нуклеарниот договор со Иран


Кери: нема алтернатива на нуклеарниот договор со Иран
please wait

No media source currently available

0:00 0:02:42 0:00

Кери: нема алтернатива на нуклеарниот договор со Иран

Американскиот државен секретар Џон Кери ги предупреди членовите на Конгресот дека излегувањето од нуклеарниот договор со Иран би значело зелено светло за Техеран да се врати кон напорите да дојде до атомска бомба. Според него, алтернатива на овој договор не е подобар договор, туку неостварлива фантазија.

Сведочејќи пред комитетот на Претставничкиот дом за надворешни работи, Џон Кери изјави дека нуклеарниот договор со Иран нема намера да го реформира режимот во таа земја, туку да го спречи да дојде до нуклеарно оружје.

Придружуван од уште двајца членови на кабинетот на претседателот Барак Обама, министрите за финансии и за енергетика Џек Лу и Ернест Мониц, тој по втор пат во изминативе неколку денови го бранеше постигнатиот договор со Иран.

Притоа тој изјави дека Соединетите држави имаат и свои обврски спрема сојузниците.

„Ако излеземе, тогаш ние ќе излеземе сами. Нашите партнери нема да дојдат со нас. Уште повеќе тие ќе ги напуштат тврдите меѓународни санкции кои всушност го доведоа Иран на преговарачка маса“, изјави Кери.

Тој во минатата недела беше обвинет од некои републикански сенатори дека за време на преговорите бил изигран од иранската страна.

Ако излеземе, тогаш ние ќе излеземе сами. Нашите партнери нема да дојдат со нас. Уште повеќе тие ќе ги напуштат тврдите меѓународни санкции кои всушност го доведоа Иран на преговарачка маса.
Џон Кери, државен секретар на САД

„Ништо во овој договор не е изградено врз доверба. Ништо“, рече тој откако претседавачот на Комитетот за надворешни работи, републиканскиот конгресмен Ед Ројс оцени дека Иран, како што рече, измамил во врска со секој договор што го има потпишано.

Според демократот Елиот Енџел пак, договорот би можело да биде само стискање на копчето за пауза во врска со напорите на Иран да дојде до атомска бомба.

Кери на тоа одговори дека со договорот на Иран перманентно му се забранува да развива технологија за нуклеарно оружје и оти затоа се поставени многу рестрикции не само во наредните дваесетина години, туку засекогаш.

Во меѓувреме, Сандер Левин, еден од најпроминентните демократи во Претставничкиот дом кој е силен поддржувач на Израел изјави дека ќе го поддржи договорот со Иран бидејќи тоа било најдобриот начин да се спречи таа земја да развие атомска бомба.

Ова е една од најзначајните поддршки што ја доби администрацијата на претседателот Барак Обама во барањето поддршка за нуклеарниот договор.

Конгресот кој е под контрола на републиканците треба до 17 септември да го поддржи, да го отфрли или да не преземе ништо во врска со договорот.

Отфрлањето ќе го спречи Обама да ги укине повеќето американски санкции, клучна компонента во нуклеарниот договор.

Тој беше постигнат на 14 јули и со него шесте светски сили се согласија да ги тргнат санкциите врз Техеран кој пак за возврат долгорочно ќе се откаже од својата нуклеарна програма.

Западот се сомнева дека таа има за цел создавање атомска бомба, но Иран тоа постојано го демантира.

  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG