Достапни линкови

Третиот„ДримOn“ фестивал сочинет од ентузијазам и „на мускули“


„На мускули“ е мотото на третото издание на Фестивалот за процесирање култура „ДримOn“ кој ќе се одржи од 22 до 26 јули во Центарот за култура „Браќа Миладиновци“ во Струга. Во рамките на годинешното издание на манифестацијата е предвидено да се одржат мноштво дебати, работилници, изложби, проекции на филмови, концерти и други настани чија цел е поттикнување на размислувањата и делувањата на полето на уметноста и културата.

Силна програма конципирана во 5 деноноќија, чија срцевина е локалниот активизам и инает за поинакво урбано живеење, е суштината на годинешното, трето по ред, издание на Фестивалот за процесирање култура „ДримOn“ кој ќе се одржи од 22 до 26 јули во Центарот за култура „Браќа Миладиновци“ во Струга. Од таму нималку не чуди што мотото на случувањето овојпат е бескомпромисно - „На мускули“.

Слоганот „На мускули“ е всушност резултат на нашата нервоза бидејќи се уште не наидуваме на слух кај носителите на одлуки и кај фондовите за да се подржи финансиски овој Фестивал, за да ги задржи своите стандарди и за да го артикулира она што смета дека е важно за независната сцена и сето тоа да биде полесно за совладување како материја.
Кристина Тодороска Петреска, Здружение Иницијатива за независен културен активизам (ИНКА).

„Слоганот „На мускули“ е всушност резултат на нашата нервоза бидејќи се уште не наидуваме на слух кај носителите на одлуки и кај фондовите за да се подржи финансиски овој Фестивал, за да ги задржи своите стандарди и за да го артикулира она што смета дека е важно за независната сцена и сето тоа да биде полесно за совладување како материја“, вели Кристина Тодороска Петреска, од креативното јадро на Здружението Иницијатива за независен културен активизам (ИНКА).

Таа дополнува дека тие како организатори на „ДримOn“, во ваквата поставеност на нештата, сами не се доволно силни за да му обезбедат иднина на случувањето, но дека за целото ова време силната потреба за едно поинакво (суб)културно живее во Струга ја крепат потпирајќи се на сопствениот ентузијазам и најмногу на инаетот дека нешто мора да се смени.

„Нашиот стремеж е да се избориме со предоминацијата на паланката. Во најмала рака барем нека има баланс помеѓу едното и другото бидејќи Струга е сепак рад, сепак си има свое културно минато и важни културни случувања. Тука има и една група на граѓани која што од година во година станува се поголема и посилна и потребата од нешто вакво е неопходна.“

А, во рамките на третиот „ДримOn“ е предвидено одржувањето на тродневната „Ready-made работилница“ на колективот „Кула“ чија цел е да вмрежи млади луѓе кои се заинтересирани за алтернативните начини на употреба на секојдневните предмети, изложбите на уметниците

Наталија Башоска, Никола Матоски, Викторија Попоска, Горан Дачев, Горан Менков, Давид Василев – Даво, Дарко Алексовски, Дарко Петрушев и Алма Идризи, ќе се случи проекција на кратки филмови на студенти од Факултетот за драмски уметности, а ќе биде прикажан и документарецот „The Hip Reality Overdrive“ во режија на Јане Алтипармаков.

Тука се и работилница насловена „Реупотреба текстил: мојата нова торба“ на модната дизајнерка Ирина Тошева, новинарката и активистка Ана Јовковска ќе ја промовира својата нова книга „Пулсот и времето“, преку разговор со Владимир Мартиновски и Билјана Тануровска Ќулавковски, а актерот и режисер Игор Трпче ќе ја одигра наградуваната „Делириум тременс“ работена по текст на Благоја Ристески Платнар.

Згора на тоа предвидено е да се одржи видео перформанс на Весна Дунимаглоска, со свој диџеј сет ќе настапи Александар Гавровски, ќе има и забава насловена „Tribute to Subway“ посветена на култиот струшки клуб, а со нагласено внимание се очекуваат концертите на ПИ ЕМ ЏИ КОЛЕКТИВ, БЕРНАЈС ПРОПАГАНДА и особено повратниците култните ТЕЛОНАУКА СОВРШЕНА, бендот кој по пауза од цели 23 години, во сабота на 25 јули, ќе се искачи на Летната сцена на Центарот за култура „Браќа Миладиновци“ за да го одржи својот прв вистински концерт во родниот град.

„По толку време се решивме да продолжиме таму каде што застанавме во 1992 година. Ова ќе биде нашиот прв настап во Струга. Верувале или не, ТЕЛОНАУКА СОВРШЕНА никогаш немала настап во својот град, а „ДримOn“ е одлична прилика конечно тоа и да се случи“,вели Сашо Кленкоски, пејач и гитарист на оригиналната постава на ТЕЛОНАУКА СОВРШЕНА.

Дел од членовите на групата како Кленковски, тапанарот Антонио Гоџо и басистот Роберт Калајџиески, освежени со нови музичари, ќе посегнат по песните од единствениот албум „Кадис“, кој се смета за прво долгосвиречко дискографско издание отпеано на македонски јазик, но ќе има и нова музика.

„На овој концерт ќе свириме песни од „Кадис“, како и од пост-Кадис периодот, па дури и една од новите песни кои ги подготвуваме изминативе неколку месеци. Во план ни е се во догледно време и неколку настапи на фестивали надвор од нашава земја, но што од сето тоа ќе излезе останува да видиме.“

Инаку, за време на целиот фестивал ќе има и петдневен Саем на книга, на кој ќе учествуваат издавачките куќи „Или – Или“, „Магор“, „Темплум“ и „Блесок“, како и Базар на ракотворби и уметнички производи.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG