Достапни линкови

Новиот ЗКП - признај вина за помала казна


Недоречености, скратување на права на обвинетите за одбрана и правно уценување на обвинетиот да мора да признае вина за да добие најблага казна. Ова се основните недостатоци на новиот Закон за кривична постапка. Со новиот закон, одбраната станува само декор во искривениот правен систем, велат адвокатите.

Спроведувањето во пракса на новите измени на Законот за кривична постапка ги покажа недореченостите во правниот систем кои се на штета на осомничените и обвинетите, па пресудите се носат како во калап, заклучуваат адвокатите. Тие се жалат дека со новиот закон се кршат човековите права и им се скратуваат можностите на нивните клиенти да се изборат за ослободителна пресуда или за помала казна.

Можноста да добие поблага казна е само ако ја признае вината, тука нема потреба, ни можност, ни простор, ниту за адвокатура, ниту за адвокат, ни за квалитета завршен збор.
Александар Тортевски, адвокат.

Адвокатот Александар Тортевски посочува дека лутањето во системот и детските болести кои мора да се поминат со новите измени се на штета на нивните клиенти.

„За жал се поклопи носењето на новиот ЗКП со една дебилна измена на кривичниот законик, каде што се дополни со еден правилник, кој што е правилник за дебили. Значи практично правилник кој што го ограничува судијата да размислува и мора по некој калап да го донесува санкциите, макар што во животот никогаш нема две подеднакви правни ситуации.“

Правниците објаснуваат дека наместо одбраната да добие поголем пристап до информациите и доказите како и повеќе правни алатки во судскиот процес, таа сега се претвора во декор, затоа што судењата се сведуваат во корист на тужителот, односно обвинетиот да ја признае вината за да добие поблага казна или да оди на рочишта за докажување на делото со што потоа ќе добие двократно поголема ефективна казна. Другите основи за поблага казна без признавање на вината кои досега се користеа се елиминирани, објаснува Тортевски.

„Можноста да добие поблага казна е само ако ја признае вината, тука нема потреба, ни можност, ни простор, ниту за адвокатура, ниту за адвокат, ни за квалитета завршен збор. Ние имаме само една алатка, да го убедиме клиентот да признае вина, дека тоа е пополезно за него. Еве видовте кај овие што демонстрираа пред владата тие што признаа вина добија условно тие што не признаа добија ефективна казна. “

Тортевски додава дека основната цел на измените за подобрување на правниот систем не е исполнети.

„Целта, од мој аспект, е да се воведе подобар систем на правораздавање, што тие го забораваат, дека Судот и Обвинителството имаат обврска да раздаваат право. А ако нивната цел била брзо да ги завршат постапките и да ги осудат сите за кои што тие мислат дека се виновни или тие мислам дека треба да се најдат пред суд, тогаш таа цел е постигната. Се зависи од која страна на улицата стоите и од која страна гледате.“

Од Основниот суд 1 во Скопје велат дека по стапување на сила на новиот ЗКП, забележано е значително забрзување во водење на судските постапки, како и намалување на трошоците на постапката кои по правосилноста на пресудата паѓаат на товар на странките. Според нивните податоци во периодот декември 2013 година до почетокот на овој месец решени се вкупно 7415 предмети од кои 133 пресуди се верификувани од судии на претходна постапка врз основа на предлог спогодба. Најчести кривични дела за кои се склучува спогодба според судската статистика се продажба на дрога и оружје, криумчарење и злосторничко здружување и нанесување на тешка телесна повреда.

Во извештајот од европските експерти предводени од Рајхард Прибе е наведено дека се чини дека кога се користи спогодба за признавање на вина, таа е предмет на многу формален надзор на законитоста и праведноста и дека не постои никаков воспоставен тест во пракса за судски надзор за „доволно докази за вина“.

  • 16x9 Image

    Зорана Гаџовска Спасовска

    Новинарската кариера ја започна во А1 телевизија. Работела на теми од образование, социјални проблеми, здравство и екологија. Родена е на 23.09.1983 година во Скопје. Од јуни 2009-та година работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG