Достапни линкови

Политичка одговорност за повредените полицајци и демонстранти


Органите на редот треба да си ја вршат работата, но не треба непотребно да малтретираат невини граѓани, зашто тоа создава дополнителна нервоза.

Просторот на кој ќе се изврши една манифестација е проценка на МВР, но вчерашното спречување на демонстрантите да протестираат пред Владата ја иритира јавноста и внесува нервоза што е непотребно, бидејќи беа најавени мирни протести, коментира професор Владимир Пивоваров.

Протестите беа мирни, меѓутоа се втурна една група на насилници, кои предизвикаа, за жал, инциденти и нормално реакцијата на МВР треба да биде кон таквата група, вака само се сврте вниманието вчера и незадоволството и кај граѓаните порасна во поголема мерка.
Владимир Пивоваров, универзитетски професор.

„Протестите беа мирни, меѓутоа се втурна една група на насилници, кои предизвикаа, за жал, инциденти и нормално реакцијата на МВР треба да биде кон таквата група, вака само се сврте вниманието вчера и незадоволството и кај граѓаните порасна во поголема мерка“, вели тој.

Насер Зибери со анализа дека МВР проценило дека треба да бидат повнимателни, зошто се претпоставувало дека ситуацијата може да ескалира, со оглед на искуствата од претходната ноќ.

„Поставувајќи барикади се обиде владата, односно МВР се обиде да ја спречи збиеноста на толпата и на тој начин полесно да се справува“, вели тој.

Таа одговорност не може да се сведе само на поединци, тука одговорноста треба да биде политичка, колективна.
Насер Зибери, поранешен пратеник.

Пивоваров, исто така, апелира полицијата да не ги вознемирува непотребно граѓаните, како по протестите пред владата, кога нејзини припадници влегоа во читалната на библиотеката Браќа Миладиновци, поради потрага по демонстрантите и категорично укажува дека полицијата може да влезе во јавен објект само за тешки кривични дела.

„Друга ситуација е кога останатите лица кои не учествуваат се предмет на бруталноста, што го видовме од снимките на јутјуб, впрочем и разговорите, истото ниво на комуникација со граѓаните, со навреди и со закани, со пцовки, апсолутно не конвергираат на една современа полиција“, вели Пивоваров.

Експертите исто така бараат полицијата да размисли со какви средства државата ги штити во извршувањето сериозни задачи со оглед дека 38 полицајци беа повредени во демонстрациите пред владата.

„Доколку штитовите пукнале така лесно, значи се работи за некоја обична пластика која може само нашите полицајци да ги чува од ветер и од некои мали предметчиња. Во светски размери, ваквите штитови дури е предвидено да заштитуваат од куршуми и од експлозија“, вели професор Владимир Пивоваров.

Тој го повтори и барањето институциите да извршат вештачење на гласовите и проверка на содржините од бомбите што ги објави опозицијата во кои се зборува за криминал, укажувајќи дека дотогаш никој не може да каже дека снимките се монтирани или лепени, како што тврди владата. Меѓутоа Насер Зибери се сомнева дека владата тоа ќе го направи бидејќи, како што вели, тогаш ќе треба да се соочи со одговорност.

„Таа одговорност не може да се сведе само на поединци, тука одговорноста треба да биде политичка, колективна“, вели Зибери.

  • 16x9 Image

    Мирјана Спасовска

    Родена е во Скопје 1971 година. Од 1996 та година работи во телевизиската кука А1. Од 1998 та година е во телевизијата Телма каде за централно информативната емисија известува за дневни социјално - општествени теми.  Во Радио Слободна Европа е од 2002 та година.  

XS
SM
MD
LG