Достапни линкови

Сништата и визиите на Темков на голема изложба во КИЦ


Владимир Темков, сликар.
Владимир Темков, сликар.

Четириесетина дела, работени во техниката акрилик, настанати во последниве неколку години ќе бидат претставени на изложбата „Со љубов од Кавадарци“ на Владимир Темков, што од 5 до 16 мај ќе се одржи во Културно-информативниот салон во Скопје. Оваа постановка е круна на серијата средби на уметникот со ликовната публика по повод трите децении од неговото творештво, во рамките на која се случи и неговата изложба во галеријата на Македонскиот центар во Њујорк.

Делата на Владимир Темков ни овозможуваат да се загледаме директно во убавините на светот. Со прекрасната елеганција со којашто се одликуваат, тој сведочи за длабочините и широчините, за најзначајните форми и за различностите на постоењето. Сништата и визиите на Темков нудат сензуалност и духовност, со кои во најновата серија творби тој ги достига највисоките нивоа на македонската ликовна уметност.

Од тие причини ја земав белата боја како синоним на моето сликарство. Таа значи и светлост, а светлоста е синоним на тиквешкото сонце, на ова поднебје, на овие житни полиња, на зрното грозје кое што се појавува како зрнце, како топка, која што асоцира на калинка, на јаболко. Значи, сонцето и светлината се белата боја во моето сликарство.
Владимир Темков, сликар.

Ова ќе забележи професор Кирил Темков во текстот насловен „Совршен уметнички израз“ и печатен за актуелната серија постановки на сликарот, а поетот Евтим Клетников, во своето писание „Екстатичен ликовен лиризам“, за творештвото на Владимир Темков вели дека е „апсолутно инспиративно и нагонско, емотивно до усвитена екстатичност“ и конечно, дека тој сега „слика со белата боја, која од површината на ненасликаното платно како пласт светлина, како некој вид метафизички отсјај, ја префрла врз боите на сликата, создавајќи оптичка илузија на летно пладне во кое се растопени сите облици на природата во бои“.

Од своја страна, пак, уметникот, во пресрет на својата постановка во Културно-информативниот салон во Скопје, знае да каже дека со ваквиот начин на сликање сака да се доближи до македонската традиција и да ја воспее белината која што значи чистота, љубов и здравје.

Кога човек професионално се занимава со една дејност тука нема ни почеток ни крај. Тоа е континуитет на животот, континуитет на размислувањето и континуитет на работата. Но, еден проект кој што беше зацртан како посебен и за кој што се појавија премногу изложби во рок од две години еве полека привршува.
Владимир Темков, сликар.

„Од тие причини ја земав белата боја како синоним на моето сликарство. Таа значи и светлост, а светлоста е синоним на тиквешкото сонце, на ова поднебје, на овие житни полиња, на зрното грозје кое што се појавува како зрнце, како топка, која што асоцира на калинка, на јаболко. Значи, сонцето и светлината се белата боја во моето сликарство“, вели сликарот.

Темков дополнува дека актуелната постановка во КИЦ насловена како „Со љубов од Кавадарци“ му е посебно драга бидејќи доаѓа како круна на серијата негови претставувања во земјава и во странство со кои во 2013 година го започна одбележувањето на 30-годишнината од неговото ликовно творештво. Дополнува дека со неа практично завршува еден свој циклус кој што беше насловен „Житни полиња, гнездо, птица, трски, потки...“, но дека овие карактеристични белези и натаму ќе бидат присутни во неговото самосвојно сликарство.

„Кога човек професионално се занимава со една дејност тука нема ни почеток ни крај. Тоа е континуитет на животот, континуитет на размислувањето и континуитет на работата. Но, еден проект кој што беше зацртан како посебен и за кој што се појавија премногу изложби во рок од две години еве полека привршува. Но, тоа нималку не значи дека сликарството престанува. Напротив. Пред мене дури сега се отвораат нови предизвици. Нови потраги. Каде ќе стигнам сега не би можел да говорам, но едно знам ...дефинитивно и натаму ќе се трудам да останам во контакт со ликовната публика“, вели Темков.

Во контекст на ова негово појаснување оди и информацијата дека сликарот наскоро ќе се обиде своите слики да ги однесе во поголемите европски центри, а вели дека во септември веќе има договорено самостојно претставување во Бурса, во Турција.

„Турција, турското сликарство и тоа поднебје таму се доста интересни за нас творците овде во Македонија и затоа мојот претстоен творечки поход, моето наредно претставување ќе започне токму со оваа нам блиска и пријателска земја и со освојување на тамошниот културен простор“, вели Темков.

И колку за потсетување. Роден 1959 година, Владимир Темков завршил Педагошка академија и Факултет за ликовни уметности, отсек графика, а од 2001 година е член на ДЛУМ. Потписник е на 60-на самостојни изложби во земјава и во странство од кои посебно за издвојување се оние во македонската амбасада во Париз, Франција, и во Галеријата на Македонскиот центар во Њујорк, САД. Згора на тоа учесник на бројни групни постановки и колонии, реализирал повеќе проекти и интервенции од областа на уметноста и има учествувано на повеќе меѓународни конференции. Во 2011 имаше студиски престој во парискиот Сите Интернационале Дес Артс, а од 1996 е основоположник и организатор на Меѓународната ликовна колонија во Кавадарци. За своето творештво Темков е добитник на повеќе награди и признанија.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG