Достапни линкови

Порака до ЕУ или гаф на Иванов?


Одењето во Москва на 9 мај е уцена до ЕУ да биде попустлива кон државната македонска политика или несмасен потег на Претседателот Ѓорѓе Иванов, е дилемата на експертите. Од претседателскиот Кабинет, пак, велат дека оваа одлука не е во спротивност на определбите за членство во ЕУ и НАТО.

Од канцеларијата на Европската унија не сакаат да ја коментираат одлуката на претседателот Ѓорге Иванов да присуствува на одбележувањето на 70 годишнината од победата на фашизмот, во ситуација кога лидерите на Европска унија ја бојкотираат церемонијата поради улогата на Русија во конфликтот во Украина.

Тоа може да биде третирано не само како непослушност, туку како недостаток на сенс за моментот во кој се наоѓаме, дека едноставно Македонија не сфаќа или пак не сака да разбере во какви односи се моментално Русија и западните земји во контекст на украинската криза.
Бојан Маричиќ, Македонски Центар за европско образование.

​Експертите велат дека оваа одлука на Иванов, е една од многуте несмасни политички потези на македонскиот државен врв кои досега ги направил.

„Истиот претседател Иванов додели орден за заслуги на унгарскиот премиер Орбан којшто е прилично осогласен во Европа. Ако имаме на ум дека во исто време тешко пробиваат нашите државници на средбите во Брисел, ова може да го коментирам само како уште еден дополнителен гаф“, вели Бојан Маричиќ, од Центарот за европско образование.

Маричиќ вели дека ова присуството на Иванов во Москва не праќа позитивна порака пред меѓународната јавност, иако во соопштението од претседателскиот Кабинет се вели дека одлуката да оди во Москва, Иванов ја донел водејќи се од политика базирана на државните интереси и отвореност кон сите и дека оваа одлука не е во спротивност со стратегиските приоритети на земјава, односно членството во ЕУ и НАТО.

Тоа е обид да и се порача на Европската унија – Ако вие не сметате на нас, еве ние имаме партнер, односно е не е толку обид на одалечување, колку што е обид за уцена на Европската унија да биде попопустлива, потолерантна кон Македонија.
Алајдин Демири, универзитетски професор и поранешен дипломат.

„Тоа може да биде третирано не само како непослушност, туку како недостаток на сенс за моментот во кој се наоѓаме, дека едноставно Македонија не сфаќа или пак не сака да разбере во какви односи се моментално Русија и западните земји во контекст на украинската криза. Ако се преслика пак во наши услови, каде што и ние се наоѓаме во една длабока политика криза, може само да биде набљудувано како дополнително продлабочување на оваа криза“, вели Маричиќ.

И според поранешниот дипломат Алајдин Демири, присуството на македонскиот претседател на церемонијата во Москва, која како што вели го демонстрира враќањето на Русија на големи врати во светската политика, може да биде сфатено како еден вид оддалечување на Македонија од евроатланската агенда.

„Тоа е обид да и се порача на Европската унија – Ако вие не сметате на нас, еве ние имаме партнер, односно е не е толку обид на одалечување, колку што е обид за уцена на Европската унија да биде попопустлива, потолерантна кон Македонија“, вели Демири.

Ваквиот обид на Македонија може лесно да го прочитаат во Европската Унија, вели Демири според кој со оваа одлука на државниот врв се прави одреден избор во однос на надворешното позиционирање на земјава. Според експертите останува нејасно дали се работи за некаква несмасна одлука на врвот или намерно дистанцирање од западот. И во двата случаи последиците се штетни за Македонија, заклучуваат нашите соговорници.

Од претседателскиот кабинет, пак, додаваат дека цврстата определба за ЕУ и НАТО никогаш не била пречка за одличните билатерални односи кои Македонија во континуитет ги унапредува со Руската Федерација и оти се несериозни шпекулациите оти со одење, односно неодење во Москва, Македонија прави избор.

Студена војна 2.0
please wait

No media source currently available

0:00 0:08:00 0:00






  • 16x9 Image

    Марија Тумановска

    Марија Тумановска, родена 1981 година во Струмица. За време на студентските денови, волонтира во некои од пишаните медиуми. По завршувањето на факултетот за новинарство, станува соработник во детската редакција на Македонското радио, Радио Скопје. Подоцна работи во културниот сектор на истиот медиум. Во Радио Слободна Европа е од декември 2004 година.

XS
SM
MD
LG