Достапни линкови

Заев - Македонија никогаш не била меѓуетнички побезбедна


Заев - Македонија никогаш не била меѓуетнички побезбедна
please wait

No media source currently available

0:00 0:10:41 0:00

Заев - Македонија никогаш не била меѓуетнички побезбедна

Меѓуетнички побезбедна Македонија мислам дека и никогаш порано не била, паради тоа што народот е гарант и чувар на мирот. Може да има само мешетари и бандити, со кои верувам дека професионалците во безбедносните структури успешно ќе се справат, вели претседателот на СДСМ Зоран Заев во неделното интервју на Радио Слободна Европа.

Господине Заев, дали стравувате од меѓуетнички конфликт имајќи ги предвид последните случувања?

Меѓуетнички побезбедна Македонија мислам дека и никогаш порано не била. Зошто? Паради тоа што народот е гарант и чувар на мирот и стабилноста и тоа искрено и исконски колку што верувам дека е така од сето она што го имам како мои информации, комуникации коишто постојат во оваа голема партија и слично. Знаете, дури и граничните премини, нè учеа во училиште, може ги чуваат полицајци, армијата или слично, но најмногу ги чува локалното население коешто живее таму. Императивот во потребите на секое семејство, без разлика дали е македонско, албанско, турско, ромско, е спокојот на семејството, извесната иднина на децата, она што секако околу нас околината ја обезбедува, секако и Европа и тоа многу квалитетно го обезбедува, но ние сме многу далеку. Таа желба верувам дека ги води сите и апсолутно ми дава едно спокојство. Но, секако, мешетари коишто би сакале секогаш на бандитски основи да направат некоја глупост постоеле и во силно развиените земји, не само овде, затоа верувам дека, брзо ќе биде спречено пред сè од граѓаните и многу ми е важно, знаејќи дека има големи професионалци во Министерство за внатрешни работи, во армијата наша, коишто пред сè и над сè им е државата наша и тие ќе си ја завршат професионално и успешно својата работа.

Во дел од медиумите се објавува сценарио во кое ве обвинуваат дека го следите примерот од 2001-ва и дека вие сте одговорни за креирање на меѓуетнички тензии. Како ги коментирате таквите тврдења?

Знаете како, 9 години ние сме предавниците во државата. Испадна Заев и СДСМ Се супермен најверојатно, мислам Заев влегол таму слушал со години наназад, ќе испадне дека и кога сум бил на училиште сме слушале. Прво беа странски служби, некои комбиња, апсолутно мислам дека тоа никаде не поминува. Прво, државата е таа којашто треба да ги има работите под контрола и верувам дека ги има, пред сè од професионалците. Ај што е забегана работата од политичарите коишто ги водат институциите, тоа е друго прашање кое веќе и граѓаните го знаат, го дадовме на показ на целата јавност. Во исто време ваква дрска и безобразна власт која узурпирала сè од страна на институции, механизми кои постојат во ова наше општество, апсолутно некој само да го постави прашањето, зарем е можно, таа, таквата уплашена, не знам каква ли не опозиција којашто ја опишуваат да биде креатор на сето она кое провладините медиуми го прават. Јас искрено се надевам дека ја знаат својата одговорност којашто ја носат провладините медиуми, без разлика дали некој стои на потпишан текст или на прилог. Без разлика или не, одговорноста е огромна, сето она коешто денеска така лесно ќе го изусти треба да знае дека во иднина понесува одговорност. Не поради Заев, оти нешто пати од тоа или било што, туку предизвикува некогаш неповратни работи кои се апсолутна штета врз државата Република Македонија.

Која е вашата стратегија по објавувањето на прислушувани разговори?

Обично стратегиите не е добро да бидат однапред соопштени поради тоа што нашиот политички опонент се бори со сите механизми и инструменти кои се во сопственост на Република Македонија, што значи и на нас како опозиција. Ние се бориме со аргументите, доказите кои ги поседуваме, преку прес-конференциите, преку ретко независните медиуми кои постојат и толку. Секако, со посета на граѓаните, преку овие протести кои ги организираме ширум Македонија, од врата до врата, со здруженија на граѓани и слично, тие се нашите инструменти коишто постојат. Но, секако, мора да имаме разработено и план Б, план Ц, план Д, разработени, како можност за да успееме во нашата намера којашто ја имаме. Пред сè, јас верувам дека ќе бидат ефикасни оние планови на најбезболен начин за државата. Зошто велам безболен? Затоа што го чувствувам гневот колку е голем кај граѓаните целиов овој период и при тој гнев не знаете дали оној родител којшто секој ден солзички рони пред своето дете, дали рационално ќе се однесува при организирање на огромен масовен протест, кој секако би ја принудил власта да си оди по владеење од девет години. Тука е тој сензитивен момент кој нè води кон тоа да размислиме неколку пати кој е гарантот на организацијата, каква е таа безбедност која ќе ја гарантираме и слично. Но, времето се наближува, тоа го знаат сите, без разлика дали Заев спомнува 9-ти, 19-ти или 29-ти мај, или кога било, дали ќе организирам ваков протест, многу се важни сите други аспекти на ваквата организација. Ова го зборувам како алтернатива на сценарија и планови. Постојат и други планови, јас не би сакал сега да ги споделам, навистина верувајте секогаш сме биле транспарентни, но во моментот, во почеток на нова реализација ние ќе ги претставиме пред граѓаните преку вас медиумите.

Во однос на демонстрациите што ги спомнавте и тоа што во моментов се водат преговори во Брисел, ако овде не помогне евентуалниот меѓународен притисок, велите ќе следуваат демонстрации за кои постои ризик да добијат насилен тек, имајќи го предвид продлабочувањето на политичката криза. Што очекувате да донесе вакво сценарио?

Значи јас знам дека слободата и демократијата во Македонија треба да ја браниме. Некои викаат дека еве и слободата на Заев практично преку мерката одземање на пасош, со најава дека може да биде затворен, или слично ќе му биде одземена, ниту јас, ниту граѓаните не сме слободни, сиве овие години. Прашањето дали сме во своите канцеларии неслободни или надвор по улиците или неслободни или сме во притвор во затвор или слично, толку е исконски исправена таа универзална вредност којашто ја имавме, а ја изгубивме. За да си ја вратиме, верувам дека одредени средства се оправдани, коишто ќе мора да бидат преземени, но одредени средства се неоправдани. Зошто? Поради тоа што сите викаат, добро и после што. Обично Заев вели, трпение, ве молам бидете трпеливи, пополека, чекор по чекор. Зошто? Баш од тие причини, неизвесноста што ја нуди масовниот одек кај граѓаните е нешто што мора да предизвика водење грижа кај политичарите, организаторите, власта, сите коишто може да поднесат одговорност за ваквите работи. Затоа верувам дека протести ако има мора да бидат ненасилни. Со насилие ние не можеме насилие да избркаме, мора да бидат ненасилни. Тука се поставува прашање, добро, како, ќе дојдете и ќе си идете? Оттука би биле сценаријата кои не требало да ги соопштам како тоа се прави. Има убави примери низ светот како преку ненасилни протести се успеало во целта, да се урне режим или ваква автократија како што постои, јас сум убеден дека можеме тоа да го постигнеме.

Го спомнувате како можно решение преодна влада, може ли да опишете како конкретно го замислувате вие да се спроведе тоа решение?

Преодната влада е најширокиот термин кој при оформување на нашите барања како опозиција го изнајдовме. Можевме да кажеме експертска, техничка, политичка, технократска, можевме да ја доформулираме, но сметаме дека ние не сме единствена страна која треба да одлучува за оваа работа. Прво, тука се ВМРО-ДПМНЕ и другите партии од коалицијата, велиме гревот е во врхушката, не во сите нивни членови и поддржувачи на целата таа коалиција која е на власт. Тука се и албанските партии, вториот наш етнички дел од општеството кој го застапува, тука се турските, ромските, бошњачките, српските партии коишто постојат. Не смееме да го узурпираме правото. Со нашите постапки покажуваме по што сме различни од нив, затоа го дефиниравме широко и сега, како што го кажувам, спремни сме да разговараме за сè. Пред сè на граѓаните да им биде јасно дека тој човек што ќе ја води, ќе биде чесен, добро ќе ја заврши работата, без разлика дали во иднина во таа техничка, не знам еве да ја кажам преодна влада, би бил премиер некој од министрите, би бил министер или слично, важен ќе биде ликот, личноста, на профилот којшто би се дефинирал заедно од сите страни. Така што, таква една конфигурација на преодна влада, сама по себе би била гарант за нормализација на државата и спроведување фер и демократски избори. Највисоко демократско право е слободно изразената волја во секоја земја, некој мора тоа да го обезбеди. А реков, 70 отсто од работите се завршени со тоа што Сашо Мијалков не е таму, Груевски не е таму, Ставрески не е таму, Гордана не е таму, Горан Трајковски не е таму. Готова е работата, завршен е најголемиот дел. Мал дел е тој што таа преодна влада ќе треба да го дозаврши во процесот и постапката којашто би траела во, пак реков, договорен термин, не знам, 6, 9 месеци, 3 месеци, колку е тоа доволно.

Што е тоа што вас лично најмногу ве вознемири од прислушуваните разговори?

Преку селекцијата што ја правиме за презентација на граѓаните се трудиме да го доловиме токму тоа што нас најмногу не раздразнува, а мене лично ме убеди да го отпочнам овој процес, проектот „Вистината за Македонија“. Од сите разговори генерално согледав дека овие луѓе коишто ја водат нашата земја, буквално одлучувале кој ќе биде на слобода без било какви правни норми или закони, тие одлучувале за тоа кој родител честа и достоинството пред своето дете ќе ја задржи, кој не. Гледате како луѓе солзички ронат пред своите деца, токму поради оваа злосторничка банда којашто ја води Македонија. Фалело уште дома да ни влезат и да ни ги обесчестат децата, ете така да го кажам колку тоа е впечатокот оставен кај мене од тоа што го согледав. И тука е прашањето, можете да молчите и да спиете мирно и да го продолжите животот или ќе мора да реагирате.

Ќе може ли накратко да наброите три работи по кои би се разликуваме од владејачката партија ВМРО-ДПМНЕ доколку во иднина дојдете на власт.

Транспарентност до бесвест, развластување со гаранции однапред пред избори од страна на нова влада која би била водена од СДСМ и човечност.

Кои политики и мерки на актуелната Влада ги оценувате како добри и би ги задржале и во иднина?

Делот на поддршка којшто се дава директно кон граѓаните, кон населението, би задржале во еден значителен дел, но тоа би го направиле на искрени основи. Поддршка кон населението во делот на социјалниот аспект, во делот на земјоделието, на многу моменти, но тоа не се прави на искрен начин. Не е искрено кон земјоделците ако давате субвенции, а при тоа не се обидувате да имаат конечна цел и ефект, за самите земјоделци, а со тоа и за државата, туку го правите тоа на основ како социјалната помош. Социјалната помош не е во ред да биде давана со 2.500 или 3 илјади денари, со тие пари никој не живее, ако го давате, го давате за да го исполни ефектот за којшто постои. Ако помагате за развој на туризмот, направете го тоа преку работниците, преку текстилните работници, преку рударите, преку било кој, дајте го оној дел од помошта за да може да оди работникот на годишен одмор и помогнете ги туристичките капацитети во државата. Што со Холанѓаните или со не знам кој што доаѓаат. Значи искрени мерки коишто ќе имаат трајна придобивка овде, тоа е тој момент којшто верувам дека треба да го направиме. Посебно нам ни приличи, ние сме левичарите во ова општество, ние сме социјалдемократите, власта забега во својот популизам и поради тоа што тоа не го чувствува како левоориентираните партии и прават вакви провизорни неуспешни ефекти кои навидум се океј, но без ефекти.

Македонија, стратегиски е определена за евроатлантските интеграции, но нема напредок, а во последно време е изложена и на сè поголемо руско влијание. Каков е вашиот став во врска со можниот избор меѓу Западот и Русија?

Граѓаните го кажуваат нашиот пат по кој треба да се движиме. Преку 90 отсто се за НАТО и ЕУ. Секако треба да градиме пријателство и соработка со сите земји и со големата Русија. Лично водам општина којашто е збратимена со една руска општина, но апсолутно нашето место е во ЕУ и НАТО и тука нема дилема. Она што власта го испраќа како многу двосмислени пораки во последно време е за дебела анализа. Гасификацијата ќе ја земам за пример како проект. Тргнавме со Јужен тек, сега сме со Турскиот тек, а каде е Трансатлантскиот гасовод којшто поминува на неколку километри од нашата граница, во Грција и оди понатаму во Егејското Море и кон Италија? Тоа не е про-Русија или про-Европа или САД, тоа е алтернатива за нас, но водејќи инает и со не прифаќањето на овој проект и неговото приклучување само по себе кажува власта дека испраќа некои никакви пораки, немаат своја иднина и гледате дека тоа го прават најверојатно поради некој личен интерес. Ако го прашате Владимир Путин, тој ќе ви каже дека местото на Македонија е во ЕУ и во НАТО, верувам дека е така, нашето место е таму. Јас сум убеден дека ваквите двосмислени чекори коишто ги презема власта дополнително прави хаос во главите на граѓаните и мислам дека е неисправен потег тоа што се случува во делот на неколку проекти коишто апсолутно оставаат лоша мисла.

Дали сметате дека актуелната влада повеќе се доближува кон Русија, а се оддалечува од западните партнери?

Не би можел тоа да го кажам, но впечатокот што го оставаат е таков. Дури и да сакаат, тие не може тоа да го направат, може само да го потврдат впечатокот што го оставаат. Тоа не се прави така и не можат да го направат така. Верувам дека тоа е пред сè поради лични интереси, пред сè од финансиски карактер. Зошто го велам тоа? Поради тоа што кај мене се разговорите.

Дали СДСМ, доколку дојде на власт, би се зафатила сериозно со забрзано решавање на спорот за името со Грција и на кој начин?

Секако дека би се зафатиле, поради тоа што ние ја критикуваме власта дека не прави чекори во однос на оваа работа. Мене ме боли македонштината, ме кине, како и секој Македонец и апсолутно тоа ќе биде максимално внимателно, на транспарентен начин, така што прво ќе изградиме национален консензус се надевам, ќе ја поставиме нашата црвена линија, транспарентно, граѓаните да знаат. Сензитивните прашања не се решаваат тајно. Мора да ги споделите со граѓаните сите информации, сите можности, сите аспекти, сите опции, сите варијанти. Притоа градите национален консензус за ова прашање. Зошто, што се крие тука? Толку години е штета за државата нерешениот спор. Што уште криеме? Знам зошто криел Груевски, ќе го споделиме секако тоа со јавноста, но решението е пред сè во градење национален консензус, поставување на нашите црвени линии, искрен пристап кон соседот, на којшто ќе му се објасни до каде тоа ние може да одиме, до каде не. Зошто? Поради тоа што ќе бидеме безвредни. Ако нашата цел е интегрирањето по основ на партнерство со сите европски земји и во НАТО и во ЕУ, нема да вредиме пет пари ако сме обесчестени. Ниту ним, ниту нам ќе ни биде тоа од корист и затоа мора да се прават чекори. Проблемот овде беше што чекорите од нашата влада којашто ја води мојата земја сиве овие години беа чекори кон провоцирање на соседот што доведе до неможност за дијалог, а не па решение да се најде. Мора да провоцирате пријателство коешто ќе го олесни преговарањето и така да најдете решение. Без идентитетот, без основните белези, пасошот, Уставот, каде што се дефинираме како Македонци, македонски јазик, нашиот посебен дел од културата, нема потреба од преговори, нема зошто да се договараме, не вредиме пред никој.

Споменавте, кај вас се разговорите. Може ли да откриете повеќе детали во однос на проблемот со името?

Не би сакал зашто ќе го скратам ексклузивното право на граѓаните на транспарентен начин да дознаат. Едно од најголемите интереси што ги имаат граѓаните секако е претставувањето на тоа што правел Груевски во поглед на проблемот со името.

Дали во Македонија постои опасност од исламски екстремизам, бидејќи, покрај Босна и Косово, беа евидентирани и македонски државјани кои заминале да се борат во странство на страната на милитантите од Исламската држава?

Постои, за жал. Ако едно време само Босна беше центарот за заминување на граѓани кои се борат во Сирија и во другите кризни жаришта, сега покрај Босна се и Косово, Албанија и Македонија. Новото жариште според сите анализи што ги гледаме е токму овој триаголник Косово-Албанија-Македонија. Знаеме сите зошто е, можеби не зборуваме. Поради пуста сиромаштија е поттикнат радикалниот активизам кај одредени граѓани, муслимански верници. Оттука се зема тој радикален дел на активирање на одредени граѓани. Сиромаштијата е најголемиот фактор. Секако, тоа во многу мал процент постои во државата и не е загрозувачки за државата, но мора Македонија да го спречи, директно со активни мерки. Постојат многу активни мерки, применети во целиот свет коишто дале резултат и мора да работиме на тоа поле, не поради тоа што тоа е срам за државата на меѓународен план, туку поради дома, поради тоа какво општество создаваме. И кога децата одат кон дрогата, гледате да ги одвратите, тоа е исто така тенденција којашто мора да ја спречите и да ги одвратите.

  • 16x9 Image

    Зорана Гаџовска Спасовска

    Новинарската кариера ја започна во А1 телевизија. Работела на теми од образование, социјални проблеми, здравство и екологија. Родена е на 23.09.1983 година во Скопје. Од јуни 2009-та година работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG