Достапни линкови

Зошто се урна авионот на Германвингс?


Зошто се урна авионот на Германвингс?
please wait

No media source currently available

0:00 0:02:55 0:00

Зошто се урна авионот на Германвингс?

Тимовите за санација ја продолжуваат работата на местото на француските Алпи каде што се урна авион на Германвингс при што загинаа сите 150 патници и членови на екипажот. Има разни претпоставки за можните причини за несреќата, од технички проблем до терористички напад.

Авионот од типот Ербас 320 летал од Барселона до Диселдорф кога се урна во француските Алпи на околу 100 километри северно од Ница.

Белата куќа соопшти дека падот на авионот по се изгледа не бил предизвикан од терористички напад, а од германската компанија Луфтханза во чија сопственост е Германвингс претпоставуваат дека трагедијата била несреќен случај.

И додека се уште е рано да се дефинира што би можело да биде причината за трагедијата, експертите се согласуваат дека А320 е еден од најбезбедните авиони.

„Во изминативе 15 години Ербас 320 имал 12 несреќи. Сега две од нив се истражуваат, оваа на Алпите и онаа што се случи лани во Индонезија. Во осум од десетте испитани случаи стануваше збор за човечки фактор“, вели Мајкл Бар, експерт за авионска безбедност од Калифорнија.

Во изминативе 15 години Ербас 320 имал 12 несреќи. Сега две од нив се истражуваат, оваа на Алпите и онаа што се случи лани во Индонезија. Во осум од десетте испитани случаи стануваше збор за човечки фактор.
Мајкл Бар, експерт.

Во моментов околу 3.600 авиони од овој тип летаат, а уште толку се во фаза на конструкција.

За обичните патници тоа е авион како и другите, но разликите се гледаат во кабината во која главно место имаат компјутерите.

Кога овој авион се појави во 1988 година беше револуционерен, но големата зависност од компјутерите предизвика жестока дебата меѓу Ербас и синдикатите на пилотите кои се жалат дека премногу контрола во авионот е надвор од нивните раце.

„Сегашните пилоти во основа управуваат дигитални авиони. Тоа е исто како да работите на компјутер. Се додека ги притискате правите копчиња, компјутерот ви дава прави одговори. Пред компјутерите пилотите беа тренирани да ги разбираат авионите. Бевте дел од него, бевте пилот. Сега сте како и другите патници. Авионот ве лета вас“, вели Бар, наведувајќи дека Ербасот 320 е одличен авион, но само ако е управуван од добро обучени пилоти.

Експертите забележуваат дека несреќи за време на летот се многу ретки и покрај тоа што пред три месеци имаше слична таква несреќа со авионот на Еразија.

Според две одвоени студии на компаниите Ербас и Боинг, само 10 до 12 отсто од фаталните несреќи се случиле кога авионите летаат високо.

Ербасот на Германвингс се урна на помалку од еден час пред да слета во Диселдорф. Пилотите не испратиле вознемирувачка порака.

Поради тешко пристапниот терен, на 2 илјади метри надморска висина, откривањето на телата на жртвите, како што соопштија француските власти, ќе трае неколку денови.

Во авионот имало 67 германски и 45 шпански граѓани. Меѓу жртвите се и шеснаесет средношколци и два професора од германскиот град Халтерн, на 80 километри од Диселдорф.

  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG