Достапни линкови

Растат тензиите меѓу Русија и Западот


Растат тензиите меѓу Русија и Западот
please wait

No media source currently available

0:00 0:02:42 0:00

Растат тензиите меѓу Русија и Западот

Русија се заканува со нуклеарно оружје во одбрана на своите интереси, а Западот инсистира на меѓународен поредок и забрзано почна да го крева степенот на воената подготовка. Во меѓувреме се заострува реториката меѓу двете страни во очекување на натамошните потези на Москва.

Шефот на британската дипломатија Филип Хамонд смета дека Русија мора да и го врати Крим на Украина кој, како што оцени, на сила бил анектиран во минатата година.

„Анексијата на Крим беше незаконска и нелегитимна во март лани, така е и сега“, смета Хамонд, наведувајќи дека станува збор за грабнување територии од страна на рускиот претседател Владимир Путин.

„Ваквото однесување претставува закана за меѓународната безбедност со сериозни последици врз поредокот во светот“, наведува Хамонд во коментарот објавен на онлајн страницата на британското министерство за надворешни работи.

Анектирањето на Крим и поддршката на Москва за проруските бунтовници во источна Украина беа причините што Западот воведе санкции против Русија.

Анексијата на Крим беше незаконска и нелегитимна во март лани, така е и сега. Ваквото однесување претставува закана за меѓународната безбедност со сериозни последици врз поредокот во светот.
Филип Хамонд, шеф на британската дипломатија.

На оценките на министерот Хамонд реагираше претседателот на Комитетот за надворешни работи на руската Дума Алексеј Пушков кој на Твитер напиша:

„Крим има многу поголемо право да биде руска, отколку Фокландските острови да бидат британска територија“, вели Пушков.

Британија ги има под контрола Фокландските острови кои во Аргентина се познати како Малвини, од 1833 година. Двете земји за овие острови водеа војна во 1989 година.

Според Пушков, сите западни анкети спроведени на Крим покажале дека апсолутно мнозинство од граѓаните ја поддржуваат реинтеграцијата со Русија.

Претседателот Путин во минатата недела изјави дека анектирањето било неопходно за да се заштитат етничките руси на Крим.

Западот сега со страхување гледа на развојот на ситуацијата во Молдавија. Гласачите во Гагаузија, автономна територија во Молдавија, гласаа за нов гувернер на регионот чии врски со Русија се многу силни.

Централната изборна комисија соопшти дека на изборите победила пратеничката во молдавскиот парламент Ирина Влах која е за поблиски односи со Москва.

На изборите гласале 63 илјади од 105 илјади регистрирани граѓани со право на глас.

Гагаузија која е населена главно со етнички Турци со христијанска вероисповед има економска автономија, но полицијата, училиштата и судовите се молдавски.

Во минатата година во Гагаузија беше одржан референдум против влегувањето на Молдавија во Европската унија.

Претседателот на Молдавија Николае Тимофти неодамна изрази загриженост за опасноста по регионалната безбедност што ја создава Москва.

Во меѓувреме дојдоа и руски закани за Данска доколку Копенхаген му се приклучи на антиракетниот одбранбен систем на НАТО.

Рускиот амбасадор во Данска Михаил Ванин за еден дански весник рече дека евентуалниот таков чекор на Копенхаген ќе ги наруши односите меѓу двете земји и оти Русија со нуклеарни ракети ќе стрела врз дански воени бродови.

За данскиот министер за надворешни работи Мартин Лидегард ваквите оценки на рускиот амбасадор се неприфатливи, наведувајќи дека Русија добро знаела оти антиракетниот систем на НАТО не бил насочен против Русите, туку против Иран.

  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG