Достапни линкови

Уште една изборна победа на Нетанјаху


Во Израел уште една изборна победа на Нетанјаху
please wait

No media source currently available

0:00 0:02:52 0:00

Во Израел уште една изборна победа на Нетанјаху

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху победи на парламентарните избори. Со скоро сите пребројани гласови, неговата Ликуд партија доби 30, пред Ционистичката унија која ќе има 24 места во Кнесетот.

Во четиридневниот предизборен блиц Нетанјаху даде серија ветувања со цел привлекување на гласовите за неговата Ликуд партија.

Предноста од неколку пратеници во Кнесетот кој има 120 места претставува драматична и неочекувана победа.

Имено, последните анкети пред изборите покажуваа дека Ционистичката унија ќе има предност од четири места во парламентот.

Нетанјаху изјави дека има намера да формира влада во наредните неколку недели и оти веќе бил во преговори со другите помали десничарски партии.

Реалноста не не чека. Граѓаните на Израел очекуваат од нас брзо да составиме влада за да работиме на безбедноста и на градењето на општеството.
Бенјамин Нетанјаху, премиер на Израел.

Најважно, според посматрачите, е тој да ја добие на своја страна партијата Кулану, предводена од поранешниот член на Ликуд, Моше Калон, која доби 10 места во Кнесетот.

„Реалноста не не чека. Граѓаните на Израел очекуваат од нас брзо да составиме влада за да работиме на безбедноста и на градењето на општеството“, рече Нетанјаху.

Доколку успее да состави коалиција, тоа ќе биде негов четврти мандат со што ќе стане најдолготраен премиер во историјата на Израел, етикета што ја држи основачот на таа држава Давид Бен Гурион.

Процесот за формирање коалиција е тежок. Имено потребни се 61 место во Кнесетот, а за тоа ќе бидат неопходни многу компромиси со цел да се надминат разликите и поделбите меѓу партиите.

Победата на Нетанјаху ќе претставува и продолжување на замрзнатите односи со американскиот претседател Барак Обама.

Тоа особено по изјавите на Нетанјаху за градење еврејски населби на палестинските територии и за повлекување од меѓународната цел, постоење на две држави како решение за израелско-палестинскиот конфликт.

Иако изборните бројки се во корист на Нетанјаху, лидерот на Ционистичката унија Исак Херцог изјави дека „се било отворено“ и оти веќе разговарал со некои партиски лидери за можноста за формирање влада.

За време на кампањата Нетанјаху повеќе се фокусираше врз безбедносните прашања и заканите од иранската нуклеарна програма.

Херцог, пак, беше фокусиран врз социјално-економските прашања, вклучувајќи ги високите трошоци за живот во Израел.

Од палестинска точка на гледање, резултатите се длабоко разочарување.

Доколку Нетанјаху ги исполни предизборните ветувања за градење еврејски населби тоа ќе го доведе во судир со администрацијата на Обама и со Европската унија кои најавија трговски санкции на таквиот потег.

Згора на тоа Палестинците на први идниот месец официјално стануваат дел од Меѓународниот кривичен суд и најавија дека ќе покренат процес за воени злосторства против Израел за 48-годишната окупација на Западниот Брег и за минатогодишната војна во Газа.

  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG