Достапни линкови

Можен нов голем бран бегалци од Сирија


Жестоки борби во сирискиот град Алепо
please wait

No media source currently available

0:00 0:02:38 0:00

Жестоки борби во сирискиот град Алепо

Во сирискиот град Алепо продолжуваат жестоките борби меѓу владините сили и опозициските борци. Турскиот премиер Ахмед Давутоглу изрази загриженост од нов голем бран бегалци.

До најновите жестоки борби во сирискиот град Алепо дојде откако опозициските борци активирале експлозив во тунелот што го ископале под штабот на владините воздушни сили во градот. Сириската војска соопшти дека во битката по драматичниот напад во тунелот убила и ранила многу опозициски борци.

Во меѓувреме, официјален Дамаск соопшти дека во напад на сириската војска бил убиен воениот командант на сирискиот огранок на Ал Каеда Абу Хомам ал Шами.

Државната новинска агенција САНА јави дека во нападот врз седиштето на Фронтот Нусра имало и повеќе загинати припадници на ова крило на Ал Каеда.

Алепо е во соседство на Турција. Ако нападите продолжат може да дојде до нов бран на бегалци. Страхуваме дека стотици илјади луѓе ќе го напуштат градот и ќе сакаат да стигнат во Турција.
Ахмед Давутоглу, премиер на Турција

Сириската опсерваторија за човекови права го потврди загинувањето на Абу Хомам. Фронтот Нусра контролира големи делови од северна Сирија.

Турскиот премиер Ахмед Давутоглу во Обединетите нации во Њујорк во врска со најновите борби во Алепо ја изрази загриженоста на Анкара.

„Алепо е во соседство на Турција. Ако нападите продолжат може да дојде до нов бран на бегалци. Страхуваме дека стотици илјади луѓе ќе го напуштат градот и ќе сакаат да стигнат во Турција. Секако Обединетите нации се одговорни да го спречат тоа, како и да ги запрат воените злосторства врз граѓаните на Алепо и врз сирискиот народ воопшто“, рече Давутоглу.

Алепо се наоѓа на 50 километри јужно од границата со Турција и е поделен меѓу владините сили и бунтовничките групи кои веќе четири години војуваат за да го соборат од власт претседателот Башар ал Асад.

Сириските владини сили поддржани од припадници на некои сојузнички милиции покренале голема офанзива со цел да го опколат бунтовничкиот дел од градот.

„Специјалниот пратеник Стефан де Мистура се обидува најдобро колку што може да ја замрзне ситуацијата во Алепо, но сирискиот режим сега е разгален од пристапот дека е легитимен со оглед на тоа се бори против милитантите на Исламската држава“, изјави турскиот премиер Давутоглу, оценувајќи дека меѓународната заедница треба да сфати дека борбата против џихадистите не му дава легитимитет на бруталниот режим.

Башар ал Асад
Башар ал Асад

Лидерот на сириската опозиција во егзил Калед Која вчера во Париз за прв пат изјави дека предуслов за мировни преговори не е симнувањето на претседателот Башар ал Асад од власт.

Во меѓувреме Москва најави дека во април ќе биде домаќин на преговори меѓу двете сириски страни.

Се проценува дека во граѓанската војна што во Сирија почна во март 2011 година загинале над 220 илјади луѓе.

  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG