Достапни линкови

Како ќе се постапува со незаконски прибавени докази?


Од една страна има незаконско прислушување, но од друга страна, тоа незаконито прислушување може да открие некаков криминал.

СДСМ достави нови докази до Јавното обвинителство со што ја прошири кривичната пријава за, како што велат, неовластено прислушување на над 20 илјади граѓани. Адвокатот на лидерот на опозицијата Зоран Заев, Филип Медарски, до Јавното обвинителство вчера ги достави новите материјали за аферата прислушување. Неодамна дел од тие материјали беа објавени во јавноста.

До Јавното обвинителство е доставено проширување на поднесената кривична пријава за неовластено прислушување. Како доказ се доставени сите оние снимки коишто се веќе јавно презентирани. Очекуваме Јавното обвинителство предвид да го земе и овој доказен материјал и да постапи по Законот.
Филип Медарски, адвокат на лидерот на СДСМ, Зоран Заев.

„До Јавното обвинителство е доставено проширување на поднесената кривична пријава за неовластено прислушување. Како доказ се доставени сите оние снимки коишто се веќе јавно презентирани. Очекуваме Јавното обвинителство предвид да го земе и овој доказен материјал и да постапи по Законот“, изјави Медарски.

Маргарита Цаца Николовска.
Маргарита Цаца Николовска.

Материјалите коишто се дел од аферата со прислушување што ја обелодени лидерот на опозицијата Заев отвора дилема за тоа како правниот систем ќе се справи со, како што вели опозицијата, доказите за криминал. Правниците сметат дека тие докази од аферата, според домашното законодавство, може да бидат оквалификувани како незаконско прибавени докази. Поранешната судијка во Стразбур, Маргарита Цаца Николовска, вели дека се поставува прашањето за незаконито постапување, но и за незаконито прибавување докази.

Ние имаме законито прислушување, кое што ќе доведе до законити прибавени докази, и имаме незаконито прислушување коешто обезбедува докази за незаконитоста. Е тоа ќе биде работа на сите овие институции кои ќе се занимаваат со ова прашање.
Маргарита Цаца Николовска, поранешна судијка во судот во Стразбур.

„Незаконитоста во прибавувањето на докази не може да се одвои од она што значи незаконито прислушување. Ние имаме законито прислушување, кое што ќе доведе до законити прибавени докази, и имаме незаконито прислушување коешто обезбедува докази за незаконитоста. Е тоа ќе биде работа на сите овие институции кои ќе се занимаваат со ова прашање“, вели таа.

Цаца Николовска објаснува дека самиот факт на прислушување на, како што вели опозицијата, над 20 илјади луѓе, е од голем јавен интерес и тој треба се елаборира во јавноста, народот мора да знае, не може само со давање изјави да се реши проблемот.

„Имајќи го предвид досегашното искуство навистина се доведува во прашање дали тие институции тоа ќе го направат, меѓутоа јас како судија не можам ни да претпоставам дека институциите нема да го прават. Мора да го прават ако сакаат да покажат дека оваа држава е држава која функционира според одредени стандарди, меѓу другото владеење на правото и врз основа на поделбата на власт“, вели Цаца Николовска.

Нереагирањето на институциите е штетно, тие треба да се произнесат дали ќе постапуваат и како ќе постапат по објавувањето на аферата за прислушување, вели Цаца Николовска. Таа објаснува дека изместувањето на фокусот во јавноста со која наместо суштината се третира формата укажува на бегање од проблемот.

Фондацијата „Метаморфозис“ неодамна искажа огромна загриженост поради јавно достапните наводи за масовно и неовластено следење на граѓаните, остварено, како што велат, преку злосторничко здружување со злоупотреба на службена положба во државни институции.

  • 16x9 Image

    Зорана Гаџовска Спасовска

    Новинарската кариера ја започна во А1 телевизија. Работела на теми од образование, социјални проблеми, здравство и екологија. Родена е на 23.09.1983 година во Скопје. Од јуни 2009-та година работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG