Достапни линкови

Девијациите во судството кулминираат


Основниот суд во Скопје.
Основниот суд во Скопје.

Познавачи на правниот систем велат дека причините за проблемите во правосудниот систем е зависноста на судиите од власта.

Пресуди кои им пркосат на правото и правдата, одлуки донесени спротивно на меѓународни конвенции за право, политички затвореници, судии вработени или разрешени според партиски налог, неразјаснети убиства, отфрлени како неосновани голем број на корупциски афери, контра-кривични пријави за пријавувачи на криминал, пресуди за клевети и говор на омраза кои го обелуваат образот на тој што клеветел наместо на тој што е наклеветен – освен во случаите на функционерите и јавни поддржувачи на власта. Ова е само дел од проблемите со кои се среќаваат граѓаните во македонскиот судски систем.

Излегува на виделина дека судството не е квалитетно, дека не е компетентно, дека не е ажурно, и дека во самото судство се случуваат сериозни девијации, а од судството се очекува според својата надлежност да се бори против криминалот, да води сериозна битка против криминалот, а сега произлегува дека криминалот е во самото судство.
Осман Кадриу, професор по уставно право.

Поранешните судии и познавачи на правниот систем велат дека причините за ваквите проблеми е зависноста на судиите од власта, за кои дел од нив напредуваат во кариерата само доколку носат пресуди кои се во интерес на власта наместо да се водат по законите и уставот.

Професорот по уставно право Осман Кадриу вели дека последните случувања околу прислушувањето и разни договори укажуваат дека многу работи кои се прават во судскиот систем не се во духот на Уставот и законите.

„Излегува на виделина дека судството не е квалитетно, дека не е компетентно, дека не е ажурно, и дека во самото судство се случуваат сериозни девијации, а од судството се очекува според својата надлежност да се бори против криминалот, да води сериозна битка против криминалот, а сега произлегува дека криминалот е во самото судство“, вели Кадриу.

Потребна е целосна коренита реформа, како во судството уште повеќе во политичкиот систем: Без покрупни промени во политичкиот систем мислам дека судиите и колку и да сакаат да избегаат од канџите на политиката, таква е состојбата, таков е составот, така да тоа тешко би го постигнале.
Трендафил Ивановски, поранешен уставен судија.

Тој додава дека последните случувања се само кулминација на состојбите во судството, и одговорните за тоа мора да работат на радикални промени, затоа што ако тие не ги сменат состојбите, тогаш состојбите ќе ги сменат нив.

„Политичката криза станува уште посериозна, а со тоа се потврдува дека нашата држава се наоѓа не само во политичка, туку и во правна криза, во уставна криза и во морална криза. И кога овие кризи се присутни, тогаш основано може да се зборува дека целата држава е во криза, и тоа сериозна криза“, вели Кадриу.

Поранешниот уставен судија Трендафил Ивановски смета дека судството е толку длабоко завлезено во политичката каша што за спас му се потребни радикални измени.

„Потребна е целосна коренита реформа, како во судството уште повеќе во политичкиот систем: Без покрупни промени во политичкиот систем мислам дека судиите и колку и да сакаат да избегаат од канџите на политиката, таква е состојбата, таков е составот, така да тоа тешко би го постигнале. “

Стромоглавиот пад на судството е нотиран во речиси сите извештаи на меѓународната заедница.

Министерот за здравство Никола Тодоров е првиот министер кој се најде во извештај на Фридом Хаус за вршење на политички притисок врз судството да донесе одлука со која се забранува штрајк во здравството.

Во извештаите на Стејт департментот е наведено дека „најкритичен проблем во областа на човекови права е неуспехот на Владата целосно да го почитува владеењето на правото што се гледа во неуспехот да се почитуваат парламентарните процедури, мешањето во судството и медиумите како и селективното гонење на политичките противници.“

Европската комисија во последниот извештај за напредокот на Македонија го издвојува судството како едно од најкритичните области на политичкиот критериум, особено во делот на независноста на судството и квалитетот на правдата, како и селективноста во судското постапување.

Во 2011 година Европската Комисија забележува зашто над 20 судии кои ја завршиле Академијата се уште се невработени, додека година подоцна повторно истакнува дека предност при вработување во основните судии имаат кандидати кои немаат завршено Академија со што се доведува во прашање кредибилитетот на изборот на судии. Веќе во следните две години забелешките се подетални и посуштински. На пример во 2013 година Комисијата е загрижена за тоа како функционираат судовите во пракса, тоа се однесува на независноста на судството и на квалитетот на правда, за наводите за селективна правда, индиректниот политички притисок, пресуди кои се необично решени во смисла на содржински исход или брзина на постапка како и и страв за содржината на некои пресуди кои се од висок профил или политички сензитивни, поради последици врз кариерата на судиите. Додека во 2014 година Комисијата истакнува дека потреба е не само структурна туку и функционална независност на судиите со која ќе се подобри квалитетот на правдата и стандардите за услуги кои се нудат на граѓаните зголемувајќи ја ефикасноста на судскиот систем.

  • 16x9 Image

    Зорана Гаџовска Спасовска

    Новинарската кариера ја започна во А1 телевизија. Работела на теми од образование, социјални проблеми, здравство и екологија. Родена е на 23.09.1983 година во Скопје. Од јуни 2009-та година работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG