Достапни линкови

Дуке Бојаџиев - Сон, верба, љубов се сите филозофии на животот


Дуке Бојаџиев, музичар.
Дуке Бојаџиев, музичар.

„Сон, верба, љубов“ е насловен најновиот проект на македонскиот композитор и пијанист Дуке Бојаџиев, што само во два дена, на 13 и 14 февруари, со два различни концепта ќе биде изведен на две различни сцени во Скопје и во Битола.

По нецели четири години од преубавиот концерт во Антички театар во Охрид каде настапи со Камерниот оркестар на Македонската филхармонија, Дуке Бојаџиев, македонскиот композитор и пијанист кој долги години живее и успешно твори во Њујорк, наново со грандиозен зафат гордо ќе застане пред домашната публика.

Кој било сон што го имаш ако го фатиш со голема верба и ако му се дадеш со голема љубов, можеш да го направиш реалност. Да го материјализираш. Така животот има најмногу смисла. Значи имаш нешто за кое се бориш со верба и љубов и кога ќе го реализираш доаѓа нешто ново. Нов сон.
Дуке Бојаџиев, музичар.

Овој пат проектот е именуван „Сон, верба, љубов“ и замислен е како длабоко емотивно звуковно патешествие до срцевината на нашата традиција и културна разноликост. Во него се вклучени творбите што тој ги создал за филмовите „До Балчак“, „Сенки“ и „Војната заврши“, композиции од неговиот албум „Љубовта е патот“, елементи и од турската, ромската и албанската музика, кои авторот ги соединува во една автентична целина со современ пристап и со тоа влијае на фузионирање на културното богатство на сите народи што живеат на овој простор, како и нови, досега неизведени композиции кои премиерно ќе прозвучат од сцената на Македонската опера и балет.

Стилот ќе биде тој. Истиот. Мојот стил јас никогаш не можам да го дефинирам точно бидејќи во него има елементи од џез, од класика, филмска музика, традиционална музика, така што тоа е една фузија која што јас можам да ја наречам само „нова музика“.
Дуке Бојаџиев, музичар.

Во случајов со Македонската филхармонија ќе диригира маестро Борјан Цанев, гости на концертот ќе бидат неговите долгогодишни пријатели и соработници од Големото јаболко – д-р Крсте Роџевски со неговиот прекрасен вокал, виртуозот на кларинет Исмаил Лумановски и перкусионистот Матијас Кунцли, а во улога на наратор ќе се појави актерот Васил Зафирчев.

Во пресрет на перформансот, Бојаџиев ќе рече дека самиот наслов за него е „резиме на суштината на животот“. Вели дека животот својата смисла ја добива кога човек има сон, а тој сон за да се реализира треба многу верба и многу љубов.

„Кој било сон што го имаш ако го фатиш со голема верба и ако му се дадеш со голема љубов, можеш да го направиш реалност. Да го материјализираш. Така животот има најмногу смисла. Значи имаш нешто за кое се бориш со верба и љубов и кога ќе го реализираш доаѓа нешто ново. Нов сон. Со нова верба и нова љубов. За да може и него да го отсонуваш, бидејќи ние во животот имаме многу соништа, иако секогаш некако останува да го следиме оној големиот. Оној со кој живееме и го следиме за целото време од нашето битисање. Јас всушност со овие три збора ги сумирам сите филозофии на животот“, истакнува уметникот.

Притоа тој потсетува дека всушност „љубовта е патот“.

„Љубовта е секогаш таа пајажина од која што е направен целиот тој систем на развој, на еволуцијата. Затоа таа како фактор се повторува и во овој случај, но во еден друг контекст. Во еден поширок контекст – да речеме сон, верба, љубов“, вели Бојаџиев.

Наспроти грандиозноста на скопскиот перформанс, веќе наредниот ден, на 14 февруари, во Центарот за култура во Битола, Дуке Бојаџиев со својата тајфа и Мартин Ѓаконовски како драг пријател од детството и специјален гостин (патем џез музичарот кој важи за еден од најценетите европски контрабасисти) ќе изведе еден поинаков – поинтимен концерт. Појаснувајќи ги концептите тој вели дека иницијално причината поради која е во Македонија е концертот со Македонската филхармонија на кој интензивно работел последниве пет-шест месеци, а дека оној во Градот на конзулите ќе ја има интимната атмосфера која што владее на неговите њујоршки клупски настапи.

„Стилот ќе биде тој. Истиот. Мојот стил јас никогаш не можам да го дефинирам точно бидејќи во него има елементи од џез, од класика, филмска музика, традиционална музика, така што тоа е една фузија која што јас можам да ја наречам само „нова музика“. Немам друга дефиниција. А, со оглед на тоа што во Битола ќе бидеме квинтет со музичар од калибарот на еден Мартин Ѓаконовски кој важи за еден од најценетите европски џез контрабасисти, тогаш за очекување е што таму ќе има малку повеќе џез влијанија во целиот концепт. Ќе биде тоа еден македонски, балкански, љубовен,џез, етно филм. Ете така некако би го опишал и јас навистина се радувам поради тоа бидејќи очекувам со моиве гости да креираме една подруга, оригинална вибрација“, вели Бојаџиев.

Конечно, предвидено е проектот „Сон, верба, љубов“ да се снима и потем да заживее на ексклузивен материјал, во форма на видео запис (ДВД) и аудио (ЦД) издание, со што ќе понуди можност за претставување на македонската творечка музичка мисла во пошироки, светски рамки.

Говорејќи, пак, за својата нова објава, следбеникот на „Љубовта е патот“, Дуке Бојаџиев забележува дека насловот на албумот ќе биде токму „Сон, верба, љубов“, дека музиката е напишана но дека му престојат уште бројни студиски сесии за нејзино документирање и дека неговото обнародување веројатно би било некаде ова лето.

„Повеќето од тој материјал премиерно ќе биде изведен и во Скопје и во Битола. Се разбира аранжмански различно, но со подеднаква инспирација и верба во чинот на неговата презентација пред публиката“, вели музичарот.

И колку за потсетување, Дуке Бојаџиев е еден од најзначајните современи македонски композитори кој живее и работи надвор од земјава. Со портфолио во кое се неговите седум албумски објави, музиките за филмовите на Манчевски, Трајков, Тановиќ и Панов, соработки на бројни театарски проекти, музики за телевизиски серии и со имиња како Синди Лопер, „Блу мен груп“, „Телепоп мјузик“ и други, тој стекна репутација на автор кој трпеливо ја создава аурата на самосвоен и оригинален творец. Неговиот израз ги поседува сите посебности на македонскиот музички јазик, но и неодминливата потреба за органска комуникација со останатите. Со оние со кои се допира, вкрстува, извива и кои својата опстојба ја потпираат на современоста и со ништо неограничената мисла.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG