Вести
СДСМ: Оставката на Тодоров не е доволна за случајот со Тамара
Портпаролот на СДСМ, Петре Шилегов денеска соопшти дека случајот со смртта на малата Тамара, е класичен доказ за целосен распад на здравството. Тој истакна оти е повеќе од јасно дека „се направени огромни институционални пропусти, за жал трагични за малата Тамра.“
„Според сознанијата на СДСМ, уште во првото конзилијарно мислење наведено е дека случајот на Тамара е итен. Две комисии од одделот за ортопедија и одделот за труматологија уште во април, а потоа и во ноември минатата година, испратиле официјални извештаи до фондот во коишто е наведено дека лекувањето на малата Тамара е невозможно во Македонија и дека случајот е итен. Второстепената комисија во Фондот за здравство го имала последниот збор, но изјавите целосно го разобличуваат хаосот којшто владее во здравството“, рече Шилегов, додавајќи дека оставката на министерот за здравство, Никола Тодоров е далеку од доволна.
Владеачката партија, ВМРО-ДПМНЕ излезе со реакција, во која се вели дека е срамно што СДСМ и Петре Шилегов го злоупотребуваат овој трагичен случај и го ставаат во функција на политиката и политичкото препукување, што јасно говори за нивниот недостаток на морал, недостаток на човечност и достоинственост. ВМРО-ДПМНЕ апелира до сите надлежни субјекти, во една институционална постапка да ги утврди сите факти и околности поврзани со споменатиот случај, се вели во реакцијата.
види ги сите денешни вести
Забранет увоз на 22 тони киви од Србија поради ларви и инсекти
Во текот на неделава забранет е увоз на 22,3 тони киви од Србија поради утврдено присуство на ларви и инсекти, информираше Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) на 21 декември.
Станува збор за киви кои биле наменети за индустриска преработка, но по проверка од инспектор за храна било утврдено дека тие не се безбедни за увоз и за понатамошна обработка.
„На увозникот му е издадено решение со наредба за нештетно уништување на спорните количини киви, по добиеното известување од негова страна дека пратката не може да се врати во земјата извозник“, соопштија од АХВ.
Една недела претходно, од Агенцијата соопштија дека спречиле и друг голем увоз на небезбедна храна. Меѓу неа, беа и 26 тони пилешки батаци од Бразил за кои имало ризик од птичји грип.
Како што пишуваше Радио Слободна Европа, во вакви ситуација не постојат санкции за фирмите што увезуваат.
„Оваа фирма не е казнета, затоа што е спречен увозот, на санкции подлежат само оние оператори со храна кои ќе пуштат во промет небезбедна храна“, објаснија тогаш од АХВ за РСЕ.
Според законот, казни од 600 па се до 6 илјади евра може да им се изрече само на фирми кои ставиле во промет небезбедна храна.
Скопје меѓу градовите со најзагаден воздух, откажани авионски летови
Главниот град на Северна Македонија, утрото на 21 декември е меѓу најзагадените градови во Европа и светот. Според податоците што ги објавува, покажуваат податоците на глобалниот сервис IQAir, кој повеќе од 60 години го мери квалитетот на амбиенталниот воздух.
Според мерење во живо, во 10:15 часот на 21 декември, Скопје беше втор најзагаден во Европа, по Краков во Полска, а на 25 место на светско ниво.
Поради густата магла во скопскиот регион, утрото повторно имаше одложувања на полетувања и слетувања на Меѓународниот аеродром Скопје. Според податоците на веб-страницата на скопскиот аеродром, има одложени слетувања, како што се тие од Измир и Истанбул, но и одложени полетувања, меѓу кои и кон Виена.
Од полноќ до 12 часот на 21 декември, биле откажани 20 лета, а еден бил пренасочен.
Од ТАВ Македонија, компанијата која управува со Меѓународниот аеродром Скопје, посочуваат дека согласно временската прогноза од метео-службата на М-НАВ, намалена видливост се очекува и во преостанатиот дел од денов, како и во текот на утрешниот ден.
„Сепак, со оглед на тоа што временските услови се менуваат постојано и секоја авиокомпанија има свој праг на толеранција на намалена видливост, апелираме до сите патници да ги следат информациите и насоките за нивните летови кои ги добиваат од нивната авиокомпанија. За патниците и јавноста повторуваме - Меѓународниот Аеродром Скопје не е затворен. Аеродромот е отворен, без разлика на временските прилики. Нашиот персонал, со нашата аеродромска опрема и аеродромски системи се подготвени да ги услужат и авионите и патниците“, нагласуваат од ТАВ Македонија.
Слична беше ситуацијата и во текот на претходното деноноќие. Според информациите од компанијата, од полноќ на 20 декември, до 18 часот, беа откажани 16 летови, а 11 беа пренасочени. Кога се подобриле временските услови, само три авиони успеале да слетаат, а исто толку и да полетаат во попладневните часови.
Поради лошиот квалитет на воздухот, Институтот за јавно здравје изминатите денови излезе и со препораки за граѓаните да останат дома ако не мора да излегуваат, да избегнуваат спорт и други активности на отворено, да не отвораат прозорци кога воздухот е загаден, да користат прочистувач за воздух и да носат заштитна маска.
Маските кои ги препорачуваат од ИЈЗ нагласувајќи дека се со докажана ефикасност се N95 и FFP3, а добра алтернатива велат, може да бидат и KN95.
Зеленски вели дека САД предложиле директни разговори со Русија и со Украина
Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека Вашингтон предложил директни преговори во кои ќе бидат вклучени американски, руски и украински преговарачи - потег што би можел да означи нова фаза во преговорите за завршување на војната во Украина.
„Соединетите Држави ни кажаа дека ќе имаат посебен состанок со руските претставници. Тие го предложија форматот Украина - САД - Русија, а бидејќи се присутни и претставници на Европа, можно е да се вклучи и Европа“, рече Зеленски на прес-конференција во Киев на 20 декември.
Немаше непосредна потврда од Соединетите Американски Држави(САД), од Русија или од европските земји за промена на форматот на преговорите.
Досега, американските претставници главно одржуваа одделни средби со руски и украински претставници, наместо сите три страни да бидат заедно на маса.
Два круга директни преговори во Турција, во мај и јуни, резултираа со договори за размена на затвореници, но без значителен напредок кон решение на конфликтот.
Изјавата на Зеленски доаѓа по уште една недела интензивна дипломатска и воена активност, додека целосната руска инвазија во Украина се приближува кон својата четврта година по почетокот на 24 февруари 2022.
Американските претставници имаа разговори со европски и украински претставници, самитот на Европската унија одобри заем од 106 милијарди долари за Киев, а рускиот претседател Владимир Путин на 19 декември одржа годишна прес-конференција во траење од четири и пол часа на која тврдеше дека Русија напредува на сите фронтови во Украина и не покажа знаци дека прави мировни отстапки.
Конгрес на ДУИ: Ахмети бара Национален договор за напредок
Опозициската Демократска унија за интеграција (ДУИ) го одржа петтиот конгрес на партијата, од кој лидерот Али Ахмети испрати неколку барања: секоја нова Влада да се избира со двојно мнозинство (таканареченo Бадентерово мнозинство), истиот принцип да се применува и при носење одлуки во Уставниот суд, целосен ветинг со меѓународен надзор за сите носители на јавни функции во последните 34 години и Национален договор за напредок.
Принципот на т.н. Бадентерово мнозинство беше воведен со Охридскиот рамковен договор во 2001 година, за при гласањето за системски закони да се заштитат правата на малцинствата. Тоа значи дека за одредени закони и одлуки не е доволно само просто мнозинство од сите пратеници, туку мора да има и мнозинство од пратениците кои припаѓаат на заедниците што не се мнозинство (Албанци, Турци, Срби, Роми, Власи, Бошњаци и други).
Според Ахмети, доколку Владата се бира со двојно мнозинство, тоа ќе ѝ обезбеди „да ужива двоен легитимитет и да биде вистински репрезентативна за сите етникуми“.
Имплементација на Бадентеровиот принцип во Уставниот суд „ќе го зачува интегритетот на законите што се одобрени со двојно мнозинство, ќе ја зголеми довербата на граѓаните во правдата и ќе спречи каква било форма на институционален мајоризација“, според претседателот на ДУИ.
Ахмети од партискиот конгрес во Скопје побара и продлабочување на децентрализацијата и финансиска независност на општините што би имало за цел „да го консолидира единството на државата“.
Според претседателот на ДУИ, на државата ѝ е потребен еден нов историски договор – национален договор.
„Нашите граѓани бараат повеќе, нашите деца заслужуваат повеќе, затоа дојде време за нов историски договор, договор не за опстанок, туку за напредок, национален договор за напредок. Националниот договор за напредок не е само политички, тој е обврска на сите заедници што живеат во нашата република и на експерти од соодветните области. Договорот е морална обврска, ветување кон нашите деца и визија за земја каде што соништата се остварливи, а достоинството е загарантирано“, рече тој.
Ахмети кажа дека ДУИ поддржува истрага за сите носители на јавни функции во последните 34 години: министри, пратеници, градоначалници, директори, судии, обвинители и припадници на полицијата, проверка на имотот и потеклото на имотот за секој јавен функционер, темелна истрага на процесот на приватизација и истрага за дејствувањето на државните безбедносни служби и нивните службеници од 1945 година до денес.
По петтиот конгрес на ДУИ, се очекуваат значајни промени во раководните структури на партијата.
Ахмети беше реизбран за лидер на партијата.
По парламентарните избори во Северна Македонија во мај 2024 година победи сега владејачките ВМРО-ДПМНЕ која формира влада со коалицијата Вреди, а ДУИ замина во опозиција.
ДУИ, предводена од Али Ахмети, беше формирана во 2002 година и околу две децении беше коалициски партнер на речиси сите главни партии во владите на Северна Македонија.
Одржувањето партиски конгреси е редовна пракса по избори. Последни избори во Северна Македонија беа локалните избори чиј прв круг се одржа на 19 октомври, а вториот на 2 ноември.
На почетокот на декември, Конгрес одржа и ВМРО-ДПМНЕ, на кој лидерот и премиер Христијан Мицкоски беше реизбран да ја води партијата и во следните четири години.
Опозициската СДСМ исто така најави партиски Конгрес, што уште не е закажан. Партијата одржа состаноци на Централниот на Извршниот одбор при што беше сменето дел од раководството, но лидерот Венко Филипче најави дека ќе продолжи да ја води СДСМ.
Во јануари се очекува и основачки Конгрес на коалицијата Вреди, по најавите дека ќе прераснува во партија.
За 24 часа, втор дрон пронајден урнат во северозападна Турција
Дрон со непознато потекло е пронајден во Турција, помалку од еден ден откако друго беспилотно летало за кое има сомнежи дека е од руско потекло се урна во северозападниот дел на државата, јави агенцијата АФП, повикувајќи се на турски медиуми.
Според неколку независни телевизиски мрежи и весникот „Џумхуриет“, дронот е пронајден на празно поле во близина на градот Баликешир, околу три часа југозападно од Истанбул.
Сè уште нема реакција од турските власти, но телевизиските куќи „Халк ТВ“ и „Хабертурк“ објавија дека дронот е транспортиран во Анкара за анализа.
Инцидентот, трет од ваков вид од понеделникот, доаѓа откако Турција ги предупреди и Русија и Украина да не дозволат нивната тековна војна да се прелее на други места во регионот.
Властите го вперија прстот кон Русија за беспилотното летало откриено на 19 декември во близина на градот Измит, околу 30 километри јужно од Црното Море, каде во последните недели беа извршени напади врз бродови.
Според турското Министерство за внатрешни работи, кое отвори истрага, „се верува дека дронот е од типот Орлан-10 произведен во Русија, кој се користи за извидување и за надзор, според првичните наоди“.
Претседателот на Турција, Реџеп Таип Ердоган, предупреди дека Црното Море може да стане „зона на конфронтација“ меѓу Русија и Украина, кои ги зафаќаат спротивните брегови на водената површина од Турција.
Од оваа есен, руски дронови нашправија упад во воздушниот простор и на повеќе еверопски држави, меѓу кои Полска, Романија, Естонија, кои се членки на НАТО и на Европската унија.
Пради тоа, на 12 септември објави обид за зајакнување на одбраната во своето таканаречено источно крило, започнувајќи „активност“, наречена Источна стража, која би распоредила дополнителна воена опрема од Велика Британија, Данска, Франција и Германија за да се одврати потенцијална руска агресија.
Маглата одложи неколку слетувања на скопскиот аеродром
Маглата го отежнува авиосообраќајот на Меѓународниот аеродром во Скопје. Одложени неколку слетувања на авиони од Истанбул и Виена, според податоците од официјалната веб страница на аеродромот.
Одлежено е слетувањето на авион на авион од Истанбул кој се очекуваше во 12.30 часот и на три авиони од Виена кои требаше да слетаат во истото време, 12.30 часот.
Управата за хидрометеролошки работи (УХРМ) утрово најави дека времето во Скопје ќе биде променливо облачно и тивко, со појава на магла.
Според УХМР, сообраќајот на државните патишта се одвива непречено по суви коловози, но со намалена видливост на одредени патни правци.
Магла со видливост до 50 метри има на патиштата Македонски Брод-Битола-Ресен-Охрид и Дебар, а од 100 до 200 метри на патот Скопје-Куманово-Сарамзалино-Велес-Неготино-Демир Капија, соопшти Авто-мото сојузот на Македонија (АМСМ) во пладневниот извештај за состојбата на патиштата.
АМСМ укажува дека на одредени патни правци можна е појава на поситни одрони. Од АМСМ апелираат на внимателно управување со возилата, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и прилагодување на брзината спрема условите на патот.
Во сила е законската обврска за задолжително носење зимска опрема во возилата.
Интензивни воздушни напади на САД врз екстремистичката група Исламска држава во Сирија
Силите на Соединетите Американски Држави(САД) спроведоа голема операција против екстремистичката група Исламска Држава (ИД) во Сирија, операција што американскиот претседател Доналд Трамп ја опиша како „многу сериозна одмазда“ за нападот во кој загинаа тројца Американци - двајца војници и еден цивил.
Вашингтон објави дека напаѓач на ИД го извршил нападот на 13 декември во Палмира, кога беа ранети и тројца американски војници.
„Американските сили спроведоа воздушни напади во Сирија за да ги елиминираат борците на ИД, инфраструктурата и складиштата за оружје како директен одговор на нападот на 13 декември врз американските сили во Палмира, Сирија“, напиша американскиот министер за одбрана Пит Хегсет на мрежата Икс.
„Ова не е почеток на војна, ова е декларација за одмазда“, напиша тој, додавајќи: „Денес ги следевме и убивавме нашите непријатели. Многу од нив, и ќе продолжиме.“
Трамп напиша на својата социјална мрежа „Трут сошиал“ (Truth Social) дека американските сили „се одмаздуваат многу сериозно, како што ветив, против убиствените терористи кои се одговорни“ и дека оние кои ги напаѓаат Американците „ќе бидат погодени посилно од кога било порано“.
Централната команда на САД соопшти дека американските сили „започнале голем напад врз инфраструктурата и објектите за оружје на ИСИС во Сирија“.
Централната команда, исто така, соопшти дека биле погодени „повеќе од 70 цели на неколку локации во Сирија“.
Сириската опсерваторија за човекови права изјави за агенцијата АФП дека најмалку пет членови на ИСИС, вклучувајќи го и водачот на ќелијата, биле убиени во нападите на американските сили ноќта меѓу 19 и 20 декември.
Сириското Министерство за надворешни работи, иако не коментираше директно за нападот на САД, објави на Икс дека земјата е посветена на борбата против ИСИС „за да се осигури дека нема безбедни засолништа на сириска територија“.
Американците убиени во нападот во Палмира минатиот викенд беа Вилијам Хауард и Едгар Торес Товар, наредници на Националната гарда на Ајова како и Ајад Мансур Сакат, цивил од Мичиген кој работел како преведувач.
Нападот во Палмира беше прв инцидент од ваков вид по соборувањето на долгогодишниот сириски владетел Башар ал-Асад во декември минатата година, а портпаролот на сириското Министерство за внатрешни работи, Нуредин ал-Баба, рече дека сторителот бил член на безбедносните сили кој требало да биде отпуштен поради „неговите екстремистички исламистички идеи“.
Во 2014 година, ИД зазеде големи делови од сириската и ирачката територија. Американскиот персонал беше цел бидејќи ги поддржуваше меѓународните напори за пораз на ИД.
ИД е поразена, но сè уште е присутна во Сирија.
Забелешка: Претседателот на САД, Доналд Трамп, потпиша извршна наредба во септември 2025 година, со која го смени името на Министерството за одбрана во Министерство за војна, како друг назив.
Руски претставник ќе се придружи на преговорите за Украина во Мајами
Рускиот претставник Кирил Дмитриев се упати кон Мајами, каде што е закажана уште една рунда разговори за решавање на војната во Украина, јави агенцијата АФП.
Украински и европски тимови беа исто така во сончевиот американски град за преговорите со посредство на Стив Виткоф, претставникот на Доналд Трамп и зетот на американскиот претседател, Џаред Кушнер.
„На пат кон Мајами“, напиша Дмитриев во објава на мрежата Икс, додавајќи емотикон од гулаб и прикачувајќи кратко видео од утринско сонце што сјае низ облаците на плажа со палми.
„Додека военоподбуцнувачите продолжуваат да работат прекувремено за да го поткопаат мировниот план на САД за Украина, се сетив на ова видео од мојата претходна посета - светлина што се пробива низ облаците од бура“, напиша Дмитриев.
Вклучувањето на Русија и Европа во разговорите претставува чекор напред во однос на претходната фаза, кога Американците водеа одделни преговори со секоја страна на различни локации.
Сепак, малку е веројатно дека Дмитриев ќе одржи директни разговори со украинските и европските преговарачи, бидејќи односите меѓу двете страни остануваат исклучително затегнати, пренесува АФП.
Москва, која испрати војници во Украина во февруари 2022 година, тврди дека вклучувањето на Европа во разговорите само ќе го попречи процесот и има тенденција да ги прикаже лидерите на континентот како про-војнички настроени.
Разговорите овој викенд доаѓаат откако рускиот претседател Владимир Путин вети дека ќе продолжи со својата воена офанзива во Украина, поздравувајќи ги придобивките на Москва на бојното поле речиси четири години од неговата војна на годишната прес-конференција во петокот, на 19 декември.
Емисарите на Трамп инсистираа на план во кој САД би понудиле безбедносни гаранции за Украина, но веројатно ќе се очекува од Киев да предаде дел од територијата, перспектива на која се противат многу Украинци.
Пакистан ја лансираше четвртата кинеска подморница
Пакистанската морнарица на 17 декември ја лансираше својата четврта подморница од класата Хангор, во базата во Вухан, со што се одбележа завршувањето на изградбата на сите четири брода изградени во Кина во рамките на програмата за осум подморници наменети за Пакистан.
Според договорот за одбрана од 2015 година, вреден околу 5 милијарди долари со меѓународната оф -шор компанија Бродоградителство Кина (China Shipbuilding & Offshore International Company), Пакистан купува осум напредни дизел-електрични напаѓачки подморници од класата Хангор за да ги модернизира своите подводни борбени капацитети и да ја замени својата застарена флота.
Програмата Хангор претставува една од најголемите и најсофистицираните странски воени набавки во историјата на Пакистан, што го одразува продлабочувањето на соработката меѓу Кина и Пакистан во одбраната што опфаќа борбени авиони, ракетни системи и проекти за нуклеарна енергија.
Подморниците од 2.800 тони, се опремени со системи кои овозможуваат продолжени подводни операции, шест торпедни цевки од 533 мм за тешки торпеда и ракети и компатибилност со крстосувачката ракета Бабур-3 на Пакистан, лансирана од подморница, со нуклеарна способност.
Пакистанската војска ја поздрави програмата како голем поттик за подобрување на оперативната флексибилност и нејзината способност да одржува кредибилно присуство во Арапското Море и поширокиот регион на Индискиот Океан.
Аналитичарите велат дека овие подморници се наменети да го зајакнат ставот на Пакистан против непријателските површински операции и подводното следење во спорните води, особено додека Индија ги проширува своите сопствени подморнички и антиподморнички борбени капацитети.
Медиумите од ривалската Индија го прикажуваат распоредувањето на Хангор како дел од засилената регионална поморска конкуренција, при што аквизициите на Исламабад се гледаат во контекст на пошироката индо-пацифичка безбедносна динамика и Квадрилатералниот безбедносен дијалог (QUAD) предводен од САД, во кој учествуваат Австралија, Индија, Јапонија и САД.
Со лансирањето на последнава подморница наречена „Гази“, сите четири подморници произведени во Кина сега се подложени на ригорозни морски тестирања и се очекува да почнат да влегуваат во употреба веќе во 2026 година, според пакистанските и кинеските одбранбени претставници.
ЕK ќе го суспендира безвизниот режим за грузиските дипломати
Европската Комисија соопшти дека ќе ја суспендира визната либерализација за носителите на грузиски дипломатски пасоши. Новите правила на Европската Унија стапуваат во сила на крајот од месецот, притоа не исклучувајќи ја можноста за таргетирање на целото население на земјата од Јужен Кавказ, доколку не се спроведат мерки за зајакнување на демократските права и слободи.
Објавата дојде откако Комисијата на 19 декември го презентираше својот годишен извештај за земјите надвор од ЕУ чии граѓани уживаат безвизно патување до 90 дена во секој 180-дневен период.
Правилата важат за влез за повеќето членки на блокот, како и за земјите поврзани со ЕУ, како што се Исланд, Лихтенштајн, Норвешка и Швајцарија. Грузиските граѓани ја уживаат оваа придобивка од 2017 година.
Злоупотреба на правата во Грузија
Комисијата соопшти дека Тбилиси „прекршил бројни обврски преземени за време на дијалогот за либерализација на визите“ и беше обвинет дека не ги спровел препораките во минатогодишниот извештај, како што се заштитата на основните права, вклучувајќи ги слободите на здружување, собирање и изразување.
Во тој извештај, Брисел, исто така, го критикуваше контроверзното законодавство на грузиската влада за „транспарентност на странското влијание“ и „семејните вредности и заштитата на малолетниците“.
Во извештајот се наведува дека „со оглед на системската и намерна природа на ова назадување, комисијата ќе разгледа соодветни мерки во рамките на ревидираниот Механизам за суспензија на визите, кој ќе стапи на сила на 30 декември 2025 година“.
Минатиот месец, еврокомесарката за надворешна политика, Каја Калас, изјави дека Грузија „нема одржлив пат кон ЕУ во оваа фаза, освен ако условите драматично не се променат“.
Според извештајот, вината е во политиката на грузиската влада, која врши репресија врз политичките противници и промената на политиката што се чини дека е наклонета кон Москва, со што ги поткопаа односите со европскиот блок од 27 членки.
Нови правила за визи
Новите правила, кои беа одобрени претходно оваа есен, ѝ дозволуваат на Европската комисија делумно или целосно да ја суспендира либерализацијата на визите за една земја не само за прекршувања на внатрешните работи, како што се пречекорување на дозволениот престој, недостаток на враќања или неосновани барања за азил, туку и за злоупотреба на човековите права.
Исто така, ѝ дозволува на извршната власт на ЕУ сама да ја донесе оваа одлука, иако е веројатно дека ќе се консултира со земјите-членки на ЕУ пред да донесе конечна одлука.
Претседателот на грузискиот парламент, Шалва Папуашвили, го обвини европскиот блок за „уцена“.
Дипломатски извори изјавија за Радио Слободна Европа дека мнозинството земји членки на ЕУ би сакале барем да ја суспендираат визната либерализација за грузиските носители на одлуки, а воедно да ги поштедат обичните граѓани.
Сепак, комисијата дозволува суспензијата во втора фаза „да се прошири на целото население доколку грузиските власти не ги решат проблемите“.
Исто така, се додава дека во последната фаза „Грузија би можела целосно да го изгуби статусот на безвизен режим и да биде префрлена на листата на ЕУ на трети земји со потреба од виза“.
Досега, ова се случило само со јужнопацифичката нација Вануату кон крајот на 2024 година.
Односот на Грузија со ЕУ се влоши откако Тбилиси усвои анти-ЛГБТ законодавство и таканаречен закон за „странски агенти“ минатата година, кога ЕУ ги прекина преговорите за пристапување.
Тензиите се продлабочија уште повеќе по парламентарните избори во октомври 2024 година, на кои партијата „Грузиски сон“ ја задржа власта, ги замрзна разговорите за пристапување на Грузија во Европската Унија и го обвини блокот дека се обидува да заговори државен удар во Тбилиси.
Мултимедија
Најпосетени
Што треба да знаете