Достапни линкови

Женски филмски вечери „Свето, трето, женско“ во МКЦ


СВЕТО, ТРЕТО, ЖЕНСКО е именувана серијата женски филмски вечери што од 5 до 20 февруари, во организација на Тииит.Инк и Канал 103, ќе се одржуваат во Младинскиот културен центар во Скопје. Ќе бидат прикажани 9 филмови од исто толку македонски режисерки и ќе бидат организирани три дискусии со авторките и со познавачи на ова уметност кај нас.

Статистиката на светско ниво вели дека само 16 отсто од сите активни филмски режисери, продуценти, писатели, кинематографери и монтажери денес се жени. Од друга страна, за прв пат во историјата на иднината на македонската кинематографија, класата по филмска режија на ФДУ во Скопје е женска класа. Дури четири од шест студенти се девојки, кои за неколку години ќе им се придружат на петте филмски режисерки кои таму дипломираа во изминативе пет години.

Се работи за поголема група на девојки кои што моментално студираат да бидат филмски режисери или, пак, се веќе филмски режисери што се нема случено во изминативе години од кога се отворени филмските студии кај нас во Македонија.
Кристина Леловац, Тииит.Инк.

Сите умни, смели женски со уникатен поглед на светот и автентично толкување на тоа што е филм. Прават добри филмови и собираат награди по меѓународни фестивали. Филмската режија во Македонија ја доживува својата женска ренесанса. И тоа вреди да се одбележи!

Кристина Леловац.
Кристина Леловац.

Ова е текстот што како сублимат на идејата беше публикуван во пресрет на промовирањето на СВЕТО, ТРЕТО, ЖЕНСКО – серијата женски филмски вечери што од 5 до 20 февруари, во организација на Тиииит.Инк и Канал 103, ќе се одржуваат во Младинскиот културен центар во Скопје.

Токму поради тоа ги организираме и овие дискусии на кои што успеавме да добиеме потврда за присуство на некои важни познавачи на филмот во Македонија, што мене ми се чини најважно за режисерките. Да чујат како и тие луѓе реално гледаат на нивните филмови.
Кристина Леловац, Тииит.Инк.

Во рамките на овие вечери е планирано да бидат прикажани 9 филмови од исто толку македонски режисерки и ќе бидат организирани три дискусии со авторките и со познавачи на ова уметност кај нас. Сите тие средби ќе бидат проследени и од музичкиот одбир на диџејките од Стотројка.

Дина Дума режисерка.
Дина Дума режисерка.

„Се работи за поголема група на девојки кои што моментално студираат да бидат филмски режисери или, пак, се веќе филмски режисери што се нема случено во изминативе години од кога се отворени филмските студии кај нас во Македонија. Од 2009 да речеме наваму има дипломирано пет девојки и уште четири се на третата година од студиите. Сите активно работат, снимаат постојано, меѓутоа како кога можат да ги проектираат своите филмови и да и ги покажат на публиката. Затоа сметавме дека треба малку да им се дувне во крилја и да се одбележи оваа значајна појава“, истакнува Кристина Леловац од Тииит.Инк.

Таа дополнува дека концептот на овие филмски вечери го развивале заеднички со скопското радио Канал 103 и со поддршка и логистика од МКЦ.

Вели дека нивната главна идеја била не само да се видат филмовите туку и да се организираат дискусии по нивното прикажување бидејќи сметаат дека е важно што повеќе да се зборува за нив и што повеќе да се комуницира. Режисерките да добијат реален фидбек. Да чујат од самата публика што им се кажува. Да немаат чувство дека нивната работа завршува кога завршила монтажата и кога го предале филмот, туку некако да продолжат да го следат живеењето на филмовите.

„Токму поради тоа ги организираме и овие дискусии на кои што успеавме да добиеме потврда за присуство на некои важни познавачи на филмот во Македонија, што мене ми се чини најважно за режисерките. Да чујат како и тие луѓе реално гледаат на нивните филмови“, вели таа.

Во овој контекст, Леловац појаснува дека овој четврток, на првата дискусија, ќе учествуваат авторите Илина Јакимовска и Игор Иванов Изи, а модератор ќе биде Румена Бужаровска. Во понатамошниот ток на филмските вечери предвидено е учество во дискусиите да земат и Срѓан Јаничиевиќ, Јасна Котевска, Владимир Блажевски и Влатко Галевски.

Конечно, филмските вечери СВЕТО, ТРЕТО, ЖЕНСКО се отворени за публиката, влезници не се наплаќаат, меѓутоа формулирани се како солидарни настани кои имаат за цел да ја разбудат добрата волја на сите присутни и на тој начин да го „збогатат фондот“ во пресрет на третото издание на фестивалот ПРВО, ПА ЖЕНСКО кое е закажано да се одржи од 6 до 8 март разбирливо во МКЦ.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG