Достапни линкови

„Прво па женско“ или поинакво одбележување на 8 Март


Со цел да се преиспита и редефинира положбата на жената во современото општество и толкувањето на феминизмот, како и да се промовира женската активна сфера, во петок на 8 Mарт, во Младинскиот културен центар, ќе се одржи целодневниот настан насловен како „Прво па женско“ што како иницијатор и организатор го потпишува неформалниот колектив „Тииит!Инк.“

Отворањето на случувањето е предвидено да биде на 8 Mарт точно напладне со „Женска соба“. Во киното „Фросина“ ќе разменат искуства и идеи за нови соработки домаќинките Реактор, Театра, Контрапункт, Сигма прес, Христина Ивановска, Здруженска, ЛезФем, Скопје кежуал и Преплет.
Сметаме дека тотално погрешно се толкува овој настан. Осми март пред сè е празник на работната жена и ние мислиме дека треба да се прослави со некоја активност, а не да се гледа само на естетската страна на жената. Затоа со овој настан имавме за цел да ги вклучиме буквално сите возрасти и жените кои не само теориски се занимаваат со женското прашање туку и практично го работат и се соочуваат со предизвиците на современата жена денес.
Јана Коцевска, „Тииит.Инк“.

Едновремено во галеријата на МКЦ ќе се одржуваат работилницата „Практична жена“ и изложба на фотографии (8 Mарт во интимниот фокус на Камка Тоциновски, Ѓорче Ставревски, Ана Јакимска, Иван Илиев, Наташа Гелева NeuErotik, Самир Љума, Катја Штркова, Димитар Апостолов, Менче Петреска и Филип Пајдаков), во фоајето СПИН-АП ГРЛС под наслов „Бори се женски“ ќе го превртат креативниот и интерактивен спин на механизмите на популарните медиуми што на различни начини наметнуваат шаблони во кои треба да се смести женската личност и женското тело, а ќе биде отворен и базарот.

Следуваат женскиот осврт врз домашната кинематографија во соработка со Кинотека на Македонија (ќе бидат прикажани класикот „Фросина“ на Воислав Нановиќ, „Јас, Блага Мицанова“ на Вангел Чамчев Лаки, „Опасна Баба“ на Милчо Манчевски и „Исправи се Делфина“ на Александар Ѓурчинов), детското катче на „Никулец креатива“, кулинарскиот перформанс „Вкусот на машкиот ручек“ и балетската игра „Жени без мустаќи. Мажи без брада“ на Ивана Коцевска и Игор Вељановски.
Ние овој настан го зацртавме така што тој не се базира само на феминизам или само на залагање на еднакви права, туку сака да го постави женскиот субјект како хетероген и да го постави пошироко во општеството и во исто време да се препознае како активен.
Јана Старделова, „Тииит.Инк“.

Од 20 часот ќе започне дискурзивниот настан „Жена и пол“ конципиран од Ивана Васева, Филип Јовановски и Јованка Попова, потем следува концертната промоција на албумот „Добредојдовте на океанот“ на белградскиот состав РЕПЕТИТОР и конечно сè да кулминира по полноќ со диџејките зад пултот каде свои сетови ќе имаат Галатеа, Виолета Качакова, Ана Мало и Ивана Драгшиќ.

Јана Коцевска, од неформалниот колектив „Тииит.Инк.“ во кој се и Кристина Леловац и Јана Старделова, вели дека идејата за „Прво па женско“ ја имаат веќе две години и дека на овој начин, преку отвореното поставување на широкото прашање за положбата на жените во нашето современо општество, сакаат да поттикнат ново промислување на значењето на 8 Mарт – Меѓународниот ден на жената.

„Сметаме дека тотално погрешно се толкува овој настан. Осми март пред сè е празник на работната жена и ние мислиме дека треба да се прослави со некоја активност, а не да се гледа само на естетската страна на жената. Затоа со овој настан имавме за цел да ги вклучиме буквално сите возрасти и жените кои не само теориски се занимаваат со женското прашање туку и практично го работат и се соочуваат со предизвиците на современата жена денес.“

Од друга страна, Јана Старделова истакнува дека тие, како неформална група, сакаат да го преиспитаат и доживувањето на феминизмот кај нас денес и вели дека тој е несоодветно препознаен, впрочем и како разликата помеѓу феминистките и оние кои тоа не се, иако обете групи во секојдневието се исправени пред истите предизвици.

„Ние овој настан го зацртавме така што тој не се базира само на феминизам или само на залагање на еднакви права, туку сака да го постави женскиот субјект како хетероген и да го постави пошироко во општеството и во исто време да се препознае како активен.“

Инаку, „Прво па женско“ е подржан од МКЦ, Канал 103 и од Фондацијата Отворено општество Македонија, а од „Тииит.Инк.“ си пожелуваат и во годините што следуваат вакви поинакви манифестации за одбележувања на 8 Март – Меѓународниот ден на жената.
  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG