Достапни линкови

Надуваната администрација го издиша буџетот


Власта ја полни администрацијата, а буџетот ќе го полнат граѓаните и бизнисот. И додека владата смислува нови давачки, товарот паѓа врз даночните обврзници.

Во услови кога Владата воведува нови давачки за граѓаните од кои треба да се полни државниот буџет, како обврските на компаниите да купат нови фискални каси или новите трошоци за придонесите за хонорарците, и понатаму најмногу вработувања има во јавниот сектор.

Во ситуација кога веќе се намалува можноста за задолжување на Македонија, како на домашен, така и на меѓународен план, не преостанува ништо друго освен владата да го исцица и последниот денар од македонското стопанство и граѓаните.
Слободан Најдовски, економски аналитичар.

Поранешниот министер за финансии, Никола Поповски, деновиве излезе со податоци дека во вториот квартал од годинава од вкупно 3.500 вработувања, дури 3.150 се реализирани во јавниот сектор, односно јавната администрација.

За ваквата состојба економскиот аналитичар, Слободан Најдовски, вели дека одговорните чинители се однесувааат безгрижно за тоа што ќе се случува со државниот буџет во годините што следуваат. Тој потсетува дека земјата подолго време ги чувствува последиците од прекумерните вработувања во јавната администрација.

„Во ситуација кога веќе се намалува можноста за задолжување на Македонија, како на домашен, така и на меѓународен план, не преостанува ништо друго освен владата да го исцица и последниот денар од македонското стопанство и граѓаните. Затоа се воведуваат на овие оданочувања и на хонорарците и се измислуваат нови давачки за граѓаните. Но, убеден сум дека и овие мерки нема да придонесат за да се задоволат потребите на партиите за вработувања во администрацијата и сето тоа ќе го платиме со уште поголема цена и тоа ќе го видиме во една лоша финансиска состојба на буџетот и на државата воопшто“, вели Најдовски.

Мислам дека ако не се престане со вработувањето во јавната администрација и со некапиталните инвестиции, ќе мора уште повеќе да се задолжуваме во меѓународните институции.
Висар Адеми, економски аналитичар.

Економскиот аналитичар Висар Адеми вели дека во моментов за граѓаните е поатрактивно да бараат вработување во јавниот сектор, најмногу заради повисоките плати, но смета дека буџетот не може да го издржи таквото оптоварување, бидејќи јавниот долг веќе достигна алармантно ниво.

„Мислам дека ако не се престане со вработувањето во јавната администрација и со некапиталните инвестиции, ќе мора уште повеќе да се задолжуваме во меѓународните институции. Работата е во тоа кога овие институции ќе кажат доста е, нема веќе кредити, затоа што Владата ги исцрпи сите можности да добиеме пари од надвор. Во тој момент ќе треба да се стопираат овие вработувања, и не само да се стопираат туку и дел од нив да бидат тргнати од работа“, вели Адеми.

Слободан Најдовски додава дека Владата на многу начини може да измисли нови давачки, но според него стопанството и граѓаните веќе се сиромашни и нивните резерви за полнење на буџетот се истрошени. Тој истакнува дека во следните години државата ќе треба да направи болни реформи кои најмногу го погодат животниот стандард на граѓаните.

  • 16x9 Image

    Владимир Калински

    По завршувањето на студиите по новинарство започна да работи во А2 телевизија каде што известуваше за политички, економски и социјални теми. Потоа беше ангажиран во македонската редакција на Радио Дојче Веле во Бон. Во последниве неколку години работи во Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG