Достапни линкови

Димушевска - Државата не се грижи за жртвите на семејно насилство


Елена Димушевска од Националната мрежа против насилство врз жени и семејно насилство.
Елена Димушевска од Националната мрежа против насилство врз жени и семејно насилство.

Ние имаме солидна законска регулатива и доколку таа во пракса и на терен би била имплементирана како таква, овие работи не би се случувале, вели Елена Димушевска од Националната мрежа против насилство врз жени и семејно насилство.

Госпоѓо Димушевска, во последниот период бевме сведоци на неколку случаи на семејно насилство кои завршија трагично со убиства на жени. Поконкретно се работи за 16 случаи на убиства од кои 22 жртви се жени, а во период од шест години. Каква порака праќа овој податок?

Пораката е јасна, пораката е дека државата не се грижи за жртвите на семејно насилство и покрај тоа што декларативно се унапредува законската регулатива. Она што ние како невладин сектор го гледаме како пропуст е токму тоа што декларативно се кажува дека се прави. Всушност ние имаме добра, солидна, да речеме, законска регулатива на која секако ѝ треба унапредување, но доколку таа во пракса и на терен би била имплементирана како таква овие работи не би се случувале. Значи главниот пропуст ние го гледаме во оние институции коишто треба да работат на терен, центарот за социјална работа и полицијата.

Вашата организација најави протести сè додека не добие одговор од надлежните институции дали овие убиства можеле да бидат спречени? Дали до овој момент имате некаква реакција од институциите од кои побаравте одговорност?

За жал нема. Најголема одговорност баравме во Министерството за труд и социјална политика како надлежно министерство за оваа проблематика. Она што ние сакаме да го истакнеме и беше едно од главните пораки и барања до Министерството за труд и социјална политика е да се отворат сервиси за различните форми на насилство врз жените, поради тоа што покрај за семејно насилство и овие шелтер центри коишто згрижуваат само жртви на семејно насилство, ние немаме ниеден сервис којшто може да ѝ се понуди на силувана жена, немаме ни кризен центар за жртви на силување. Имаме психолошко советувалиште за силување и различните други форми на насилство врз жените коишто кај нас се сè уште во оној првичен стадиум на актуализација дека тоа се форми на насилство коишто ги погаѓаат жените и дека државата конечно треба да почне да работи на тоа.

Дали е доволен бројот на шелтер центри во земјава и според досегашните искуства дали и колку тие се функционални?

Постојат четири регионални шелтер центри во Македонија, од кои што, според нашите сознанија, функционираат два. Колку жртви се сместени во овие два центри, ние немаме таква информација, не сме добиле. Токму затоа прашањето до министерот беше колку жени се сместени во овие шелтер центри, дали тие функционираат во полн капацитет и ако не, зошто не? Затоа што четири шелтер центри со капацитет во просек од пет до седум кревети во еден за цела држава од два милиони луѓе е премалку за да можат да се задоволат потребите и да се згрижат сите оние жртви коишто имаат потреба да бидат згрижени.

Колкава е свеста кај луѓето тука да пријават насилство врз жени и како вие како невладина организација ги охрабрувате евентуалните жртви или сведоци да пријават насилство?

Свеста кај народот е зголемена. Бројот на жртви од една страна е зголемен и од таа причина, затоа што жените како најчести жртви на семејно насилство го препознаваат и го пријавуваат. Како поминува времето, особено во последните година, две, ние забележуваме тенденција жртвите да доаѓаат кај нас како невладини организации и инсистираат да не биде случајот пријавен никаде, ниту во центарот, ниту во полицијата, затоа што нивното искуство со некоја блиска личност којашто исто така била жртва, покажало дека со самото пријавување проблемот се зголемува, не се решава, односно институциите не ја нудат онаа поддршка за која декларативно велат дека постои и треба да се понуди.

  • 16x9 Image

    Марија Тумановска

    Марија Тумановска, родена 1981 година во Струмица. За време на студентските денови, волонтира во некои од пишаните медиуми. По завршувањето на факултетот за новинарство, станува соработник во детската редакција на Македонското радио, Радио Скопје. Подоцна работи во културниот сектор на истиот медиум. Во Радио Слободна Европа е од декември 2004 година.

XS
SM
MD
LG