Достапни линкови

Советниците Македонци во Кичево се жалат на дискриминација


Советниците од кичевската опозициона коалиција `Кичевчани за Кичево` ги обвинуваат нивните колеги во кичевскиот Совет од ДУИ, кои имаат мнозинство со глас повеќе, за усвојување еднострани одлуки, кои се само во интерес на граѓаните од албанска националност.

Советниците од кичевската опозициона коалиција `Кичевчани за Кичево` ги обвинуваат нивните колеги во кичевскиот Совет од ДУИ, кои имаат мнозинство со глас повеќе, за усвојување еднострани одлуки, кои се само во интерес на граѓаните од албанска националност. Тврдат дека локалната власт со неприфаќање на програми и проекти ги маргинализира интересите на граѓаните од сите други етникуми, националности и вери. Ситуацијата, велат, кулминирала на последната седница на кичевскиот Совет, кога без причина се одбиени програмите за детската градинка `Олга Мицеска` и училиштата во градот.

Доколку ваквиот начин на водење на седниците на Општина Кичево продолжи и во иднина со практицирање на политика од позиција на сила, советничката група `Кичевчани за Кичево`е едногласна во ставот дека нема да ги следи натамошните седници на Советот. Нема да дозволиме да бидат загрозиме интересите на нашите сограѓани.
Виолета Јанакиевска, советник од коалицијата `Кичевчани за Кичево`.

„На 21 седница на Советот на Општина Кичево, беа разгледувани годишните програми на основните и средните училишта и детската градинка `Олга Мицеска`. Претставникот на детската градинка `Олга Мицеска` беше тотално измачуван со прашања од страна на советниците на ДУИ, кои не беа во контекст на годишната програма на оваа институција“, вели Чедомир Арсоски“, советник во кичевската опозициона коалиција од редовите на СДСМ.

Опозиционите советници реагираат бидејќи им се пролонгира и одлуката за изградба на православна црква во градот. Велат оти ДУИ е слепа и глува за барањата и потребите на другите етникуми во Кичево.

Во институциите, особено каде се воспитуваат мнозинство деца од албанска националност, не смее да се дозволи да нема ниту едно пано на нивниот мајчин јазик.
Ќамил Алиу, претседател на Советот на Општина Кичево.

„Советничката група на коалицијата `Кичевчани за Кичево` секогаш на прво место го става интересот на граѓаните на Општина Кичево, не правејќи разлика од етничка, национална или верска припадност, што го докажува во својата транспарентност и конструктивност низ изминатите седници на Советот на Општина Кичево. Таа практика оваа советничка група е со план да ја задржи и натаму“, изјави Дејан Пандилески, советник во опозиционата коалиција од редовите на ВМРО-ДПМНЕ од Кичево.

Сепак кичевската опозиција во Советот, предупредува.

„Доколку ваквиот начин на водење на седниците на Општина Кичево продолжи и во иднина со практицирање на политика од позиција на сила, советничката група `Кичевчани за Кичево`е едногласна во ставот дека нема да ги следи натамошните седници на Советот. Нема да дозволиме да бидат загрозиме интересите на нашите сограѓани, бидејќи ние имаме легитимитет за тоа“, вели Виолета Јанакиевска, советник од коалицијата `Кичевчани за Кичево`.

Сите овие обвинувања категорично ги демантира претседателот на Советот, Ќамил Алиу. Тврди дека локалната власт не само што не ги дискриминира, туку ги штити интересите на сите граѓани, но бара доследна примена на законската регулатива и Уставот. И сега и во иднина ќе се отфрлаат програми кои не се преведени на албански јазик со судски преведувачи, согласно закон. А, во институциите, особено каде се воспитуваат мнозинство деца од албанска националност, не смее да се дозволи да нема ниту едно пано на нивниот мајчин јазик. Алиу се залага и за пропорционална застапеност на албанскиот педагошки кадар, пропусти кои во иднина нема да се толерираат.

Што се однесува до изградбата на православна црква, вели дека не би се извршила измена на Деталниот урбанистички план ако локалната власт е против. Кога ќе се отстранат техничките недостатоци, тој вети дека одлуката ќе се имплементира наскоро.

  • 16x9 Image

    Моника Талеска

    Моника Талеска е дипломиран новинар на Интердисциплинарните студии по новинарство во Скопје. Од 2001-та година е дописник на Радио Слободна Европа. Освен тоа, постојан дописник е и на телевизија Телма. Работела како новинар, главен уредник и директор во поранешниот локален Центар за печат, радио и телевизија- Прилеп. 

XS
SM
MD
LG