Достапни линкови

Уништени бистите на борците од НОБ во Кичево


Засега непознати сторители пред неколку дена ги турнале бистите на борците од НОБ во Алејата во кичевското Кале.

Последниот вандалски чин на туркање на бистите на борците од НОБ во Алејата во кичевското Кале, што се случи пред неколку дена, ги вознемири членовите на кичевската боречка организација.
Четири бисти се, бистите се турнати од фундаментот, од долу, со машина се турнати, не со раце. Со булдожер се турнати. Полицијата отиде на лице место да види што е, има записник направено и на лице место појдено и што има резултати не знаеме.
Стевче Стефаноски, член на кичевската боречка организација.

Сликата на Калето е многу непријатна. Бистите на Драге Богески, Лавче Стефаноски и Олга Мицеска се турнати, а сè уште не е поставена нова биста на Ибе Паликуќа, која исчезнала преку ноќ, пред неколку години. Сега сите мермерни фундаменти каде стоеја бистите на овие борци се турнати. Искршени се мермерните плочи врз кои се изрежани имињата на борците, и расфрлени на ситни парчиња.

Овој чин значи сквернавење на историското минато од НОБ, велат од кичевската организација на Сојузот на борците, од каде очекуваат полицијата да ги открие сторителите.

Ние баравме помош и од Општина Кичево и од Општина Дебар да се постави бистата на Ибе Паликуќа и тие никој ништо нема реагирано на тоа.
Војне Матески, претседател на боречката асоцијација од Кичево.
„Четири бисти се, бистите се турнати од фундаментот, од долу, со машина се турнати, не со раце. Со булдожер се турнати. Полицијата отиде на лице место да види што е, има записник направено и на лице место појдено и што има резултати не знаеме“, вели Стевче Стефаноски, член на кичевската боречка организација.

Раководството на оваа асоцијација реагира и тврди дека не се води воопшто сметка за безбедноста на бистите и воопшто за спомениците од НОБ, како значаен дел од македонската историја. Велат на Кале, нема ниту стражари, ниту се знае кој доаѓа и што прави. А, локалната власт, и од претходната гарнитура и оваа, не покажала интерес ни малку, да се постават бистите кои порано исчезнале.

„Ние баравме помош и од Општина Кичево и од Општина Дебар да се постави бистата на Ибе Паликуќа и тие никој ништо нема реагирано на тоа, одобрени на Совет, одено е, барано, во Советот, кај градоначалникот, никој ништо нема направено, дадено ниту пара една, ниту денар скршен. Па ќе бараме од Советот да ја постави бистата на Ибе Паликуќа, турнатите да се постават како што беа во првобитната состојба“, вели Војне Матески, претседателот на боречката асоцијација од Кичево.

Матески се жали и на условите во кои функционира боречката организација, без елементарни услови за работа, без телефон, со компјутер којшто не може да биде вклучен, бидејќи немаат пари за интернет. Сметката на организацијата не е блокирана, долговите се платени, но пари нема. Иако во повеќе наврати се обратиле за помош до локалната власт, досега не добиле.

За случајот со турнатите постаменти и бисти, од кабинетот на градоначалникот на Кичево, Фатмир Дехари, ја повикуваат полицијата да ги открие сторителите, за да не се фрла сенка на сомнеж за ширење верска и национална омраза и нетрпеливост.

Од СВР Охрид велат дека се работи на расветлување на случајот и се очекува наскоро сторителите да бидат откриени.
  • 16x9 Image

    Моника Талеска

    Моника Талеска е дипломиран новинар на Интердисциплинарните студии по новинарство во Скопје. Од 2001-та година е дописник на Радио Слободна Европа. Освен тоа, постојан дописник е и на телевизија Телма. Работела како новинар, главен уредник и директор во поранешниот локален Центар за печат, радио и телевизија- Прилеп. 

XS
SM
MD
LG