Достапни линкови

Дождот донесе грижа, но и благодет за земјоделците


Архивска фотографија.
Архивска фотографија.

Обилните дождовите на земјоделците кои имаат посеви со жито и со тутун им донесоа грижи, но за останатите посеви дождот е злато вреден.

Дождовите кои се натпросечни за овој период од годината на дел од земјоделците им донесоа грижи, особено на тие што имаат посеви со жито и со тутун каде последиците се веќе видливи.

Врз неожнеаната пченица има негативни последици, ја губи хектолитарската тежина, квалитетот и млинарите нема да ја сакаат.
Тоде Лазаревски, земјоделец.

Земјоделецот Тоде Лазаревски има житни насади и е еден од оние кои се соочуваат со проблеми. Тој дополнува дека поради обилните врнежи со дожд тешко може да се очекуваат квалитетни приноси на пченица.

„Врз неожнеаната пченица има негативни последици, ја губи хектолитарската тежина, квалитетот и млинарите нема да ја сакаат. А за пролетните култури, за сончоглед, за пченка е добредојдено “, вели земјоделецот Тоде Лазаревски.

Вељо Тантаров од Сојузот на земјоделците, пак, вели дека Македонија е сушно подрачје и дека поголемиот дел од земјоделците имаат помалку можност за наводнување и освен одредени исклучоци таму каде што имало дожд тој бил злато вреден.

Никој од нашите центри не се поплакал дека имаат штети на посеви, такви врнежи досега нема.
Вељо Тантаров, Сојуз на земјоделци.

„Дождовите таму каде што немаше многу град се добредојдени, тие се добредојдени за цело земјоделство. Ќе има малку проблеми таму кадешто се уште не е завршена жетвата на пченицата, но тоа се мали површини во нашата држава. Добредојдени се за градинарските култури, за пченката што се одгледува во Пелагонија“, вели Тантаров.

Уништени посеви со тутун.
Уништени посеви со тутун.

Меѓутоа дождот не беше добредојден во западните и северните делови каде наврнаа поголеми количини.

Земјоделецот Кире Неделковски вели дека селаните кои се занимаваат со одгледување тутун во неколку прилепски села се очајни, бидејќи годинава воопшто нема да заработат пари.

Ќе имаме неверојатни загуби, тутунот не се суши, плус тоа имавме штети од градот.
Кире Неделковски, земјоделец.

„Ќе имаме неверојатни загуби, тутунот не се суши, плус тоа имавме штети од градот, и не знам како ќе биде оваа година. Завчера во Тополчани 90 отсто од тутунот беше уништен. А и тој тутун што не е зафатен од градот ќе има проблем, затоа што недоволно се суши“, вели Кире Неделковски.

Најмногу дожд во изминатите денови наврнаа во Берово - 67 литри на метар квадратен, 32 во Куманово, 28 во Крушево, 26 во Скопје на Зајчев Рид, 13 во Тетово, а дождови имаше и во Крива Паланка, Битола, Маврово и во Лазарополе.

Но Тантаров од Сојузот на земјоделци вели дека не се пријавени поголеми штети од земјоделците, освен таму каде што имало град и додава дека дождот таму е перспективен за наредната сеидба.

„Никој од нашите центри не се поплакал дека имаат штети на посеви, такви врнежи досега нема. Дождот засега само му прави проблем на Скопје, по улиците“, вели Тантаров.

  • 16x9 Image

    Мирјана Спасовска

    Родена е во Скопје 1971 година. Од 1996 та година работи во телевизиската кука А1. Од 1998 та година е во телевизијата Телма каде за централно информативната емисија известува за дневни социјално - општествени теми.  Во Радио Слободна Европа е од 2002 та година.  

XS
SM
MD
LG