Достапни линкови

Вести

Порошенко-Авинот можеби бил соборен, но не од украинска војска

Украинскиот претседател Потро Порошенко

Украинскиот претседател Потро Порошенко изјави денеска дека малезискиот авион можеби бил соборен, но дека украинската војска не преземала никаква акција против ниту една мета во реонот каде се случи несреќата. Малезиски авион од типот Боинг 777 се урна во источна Украина во близина на границата со Русија со 280 патници и 15 членови на екипажот.

Украинскиот премиер Арсениј Јатсениук нареди истрага за случајот. Самопрогласениот премиер на Донецк, Александар Бородаи негираше било каква вмешаност во несреќата. Според него, сепаратистите не поседуваат ракета која може да сруши авион кој лета на висина од 10 илјади метри.

види ги сите денешни вести

Вучиќ најави негов став за законот за експропријацијата

Српскиот претседател Александар Вучиќ

Српскиот претседател Александар Вучиќ најави дека денеска ќе ја информира јавноста за неговиот став за законот за експропријација, наведувајќи дека целиот пакет е во подготовка и оти сите барања се анализираат. „Подготвуваме дополнителни проверки уште еднаш за да не направиме ништо противуставно“, изјави Вучиќ, наведувајќи дека не знаел оти Советот за борба против корупцијата кој даде приговори на овој закон е надлежен за проверка на уставноста. „Ќе се обидеме да најдеме решенија, иако не сме виновни за ништо, освен што немаше доволно разговори со луѓе. Иако за тоа се задолжени други, јас сум подготвен да ја преземам вината за тоа“, рече Вучиќ.

Протести и блокади во Белград и ширум Србија, евидентирани неколку инциденти

Во Белград и во над 50 населени места ширум Србија на повик на иницијативата „Тргни промени“ и голем број движења собрани околу Еколошкото востание во текот на изминатиот викенд одржаа повеќечасовни масовни протести со блокади на повеќе патни магистрали, меѓу кои и Ибарска магистрала, со учество на повеќе илјади граѓани, на кои беа забележани неколку инциденти. Протестите се организираа со барање за повлекување на Законот за експропријација и измени на Законот за референдум. Ова треба да го олесни отворањето на рудник за литиум во Србија.

Рудникот за литиум на Рио Тинто предизвика гнев во Србија

Планот на странската фирма Рио Тинто од 2,4 милијарди долари е да ја „направи Србија главен глобален производител“ на мекиот метал што е важен за електричните возила. Рио Тинто сè уште нема објавено студија за влијанието врз животната средина за да може српската јавност да ја разгледа подетално, иако се надева дека ќе започне со изградба на рудникот следната година, а ќе го пушти во функција до 2026 година.

Во Сочи, средба меѓу Мицотакис и Путин

Грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис

Грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис денеска во Сочи ќе се сретне со Владимир Путин, што воедно ќе биде и прва нивна средба по доаѓањето на Нова демократија на власт во Грција. Портпаролот на грчката Влада Јанис Иконому, на редовниот брифинг со новинарите во понеделникот рече дека можностите за соработка меѓу двете земји во повеќе области ќе бидат во фокусот на разговорите, а Мицотакис со Путин се сретна во Атина во 2016 година, како лидер на опозицијата за време на посетата на рускиот претседател на Грција.

САД и Грција го продолжија воениот договор на неодредено време

„Двајцата лидери ќе имаат можност да разговаат за темите поврзани со односите меѓу двете земји со акцентот врз соработката во енергетиката, туризмот, културата и образованието. Исто така ќе разменат мислења за регионалните и меѓународните случувања“, рече Иконому.

Шолц и официјално ја презема функцијата германски канцелар

Лидерот на Социјалдемократската партија Олаф Шолц, ко-лидерите на партијата на Зелените Роберт Хабек и Аналена Баербок и лидерот на ФДП Кристијан Линднер

Социјалдемократот Олаф Шолц денеска треба да биде избран за канцелар од Долниот дом на германскиот парламентот, Бундестагот и официјално да ја преземе таа функција. Германските социјалдемократи (СПД), Зелените и слободните демократи (ФДП) вчера го потпишаа коалицискиот договор со кој се утврдува како да се забрза зелената транзиција и да се модернизира најголемата европска економија. Сојузот меѓу неверојатните партнери, првата таква групација на национално ниво, става крај на 16-годишната влада предводена од конзервативците на Ангела Меркел, која не се кандидираше за петти мандат на изборите во септември. Нејзиниот централно-десничарски унионистички блок оди во опозиција по поразот на изборите.

Новата германска влада со поддршка за С. Македонија и Албанија во ЕУ

Водечките членови на сите три партии го потпишаа договорот од 177 страници пред телевизиските камери. „Ова треба да биде утро за нов почеток“, рече Шолц. Водачот на ФДП, Кристијан Линднер, рече дека во последните неколку недели се разговарало, но оти сега е време за акција. „Од оваа недела сакаме да работиме на напредок. Немаме илузии, се соочуваме со големи предизвици“, рече тој. Партиите го претставија договорот минатиот месец, но требаше членовите да го одобрат пред да го потпишат.

Бајден се закани со санкции доколку Русија ја нападне Украина

На оваа слика објавена од Белата куќа, американскиот претседател Џо Бајден, со државниот секретар Eнтони Блинкен, разговара со рускиот претседател Владимир Путин, Вашингтон. 07 декември 2021 година

Американскиот претседател Џо Бајден го предупреди рускиот претседател Владимир Путин дека Русија ќе биде погодена со „силни економски и други мерки“ како казна доколку Москва започне офанзива против Украина, соопшти Белата куќа. Двајцата лидери на 7 декември одржаа видео конференција, во нивните трети директни разговори откако Бајден ја презеде функцијата во јануари. Состанокот се случи во момент на веќе затегнати односи меѓу Вашингтон и Москва поради заканите за нова потенцијална инвазија на Украина од страна на руските сили.

НАТО треба да има војници во Украина на ротациона основа за да ја одврати Русија

„Претседателот Бајден ја изрази длабоката загриженост на Соединетите држави и нашите европски сојузници за ескалацијата на силите на Русија околу Украина и јасно стави до знаење дека САД и нашите сојузници ќе одговорат со силни економски и други мерки во случај на воена ескалација“, соопшти Белата куќа. Бајден, како што се наведува, не направил „обврзувања или отстапки“ за барањата на Путин. Кремљ соопшти дека Путин му рекол на Бајден дека НАТО ги зајакнува своите воени капацитети во близина на границите на Русија и „прави опасни обиди да ја освои украинската територија“. „Затоа, Русија е сериозно заинтересирана да добие сигурни, законски фиксни гаранции кои ја исклучуваат експанзијата на НАТО кон исток и распоредувањето на офанзивно ударно вооружување во државите блиски до Русија“, соопшти Кремљ.

Што се крие зад стравот од можна руско-украинска војна?

Во последниве месеци, Путин и другите руски функционери изјавија, со зголемена отвореност, дека изгледите за членство на Украина во НАТО е „црвената линија“ што ќе наиде на неодреден одговор од Москва.
Украинските власти соопштија дека околу 90.000 руски војници се распоредени во регионите во близина на украинската граница и на полуостровот Крим, кој Русија го зазеде во 2014 година. Минатиот викенд, неименувани американски претставници изјавија за Вашингтон пост и други американски медиуми дека Русија е подготвена да користи до 175.000 војници во мултифронтална офанзива против Украина на почетокот на следната година.

Времето денеска: сончево и студено

Наутро студено, а преку денот претежно сончево со мала до умерена локална облачност. Ќе дува слаб до умерен ветер од северозападен правец. Дневната температура ќе биде од 0 до 10 степени. Во Скопје и околината слично време. Дневната температура ќе биде 5 степени.

Петков- ако се даде „зелено светло“ за Скопје веднаш ќе се зајакнат националистите во двата табора

Копретседателот на коалицијата „Промената продолжува“ Кирил Петков

Копретседателот на коалицијата „Промената продолжува“ Кирил Петков, што победи на парламентарните избори во Бугарија и кој е кандидат за иден премиер на Бугарија во интервју за германскиот весник „Шпигел“ во однос на прашањето меѓу Скопје и Софија, вели дека треба да се формираат работни групи и да се остават да преговараат шест месеци, за да не ги одредуваат работите само националистите.

„Зошто нема летови и возови меѓу Софија и Скопје? Ајде да зборуваме повеќе за економија отколку за различни толкувања на заедничката историја. Или за учебниците во Северна Македонија во кои се тврди дека Бугарите се фашисти“, вели Петков.

Тој за „Шпигел“ оценува дека доколку се даде „зелено светло“ за пристапните преговори веднаш, без дискусија, само ќе ги зајакне националистите во двата табора.

„Ние се потпираме на преговори, а не на пропаганда“, рече Петков за „Шпигел“.

Годинава во Бугарија трипати имаше парламентарни избори, последните се одржаа на 14 ноември. По нив за составување на новата влада преговараат Промената продолжуваа на Кирил Петков, Бугарската социјалистичка партија, Има таков народ и Демократска Бугарија.

Во Македонија постојат очекувања дека е можно да се направи пробив во разговорите и земјава да добие датум за почеток на преговорите за влегување во Европската унија на Советот за општи работи кој треба да се одржи на 14 декември.

Бугарија лани го блокираше македонскиот европски напредок со тврдење дека земјава не го почитува Договорот за добрососедство потпишан во 2017 година.
Неодамна бугарскиот претседател Румен Радев рече дека инсистираат земјава да преземе конкретни активности за запирање на говорот на омраза кон Бугарија во учебниците по историја, во државните и научните институции, во јавните медиуми, потоа да запре фалсификувањето на бугарската култура и историско наследство и особено да се почитуваат правата на граѓаните кои отворено го изразуваат својот бугарски идентитет.


Белорусија возврати на западните санкции, забранува увоз и од Македонија

Илустрација

Режимот на авторитарниот белоруски лидер Александар Лукашенко соопшти дека ќе забрани широк спектар на увоз на храна од земјите-членки на Европската унија, Соединетите Американски Држави и други земји почнувајќи од следната година а како одмазда за санкциите воведени против Минск.

Забраната ќе се однесува на увозот од ЕУ, САД, Канада, Велика Британија, Норвешка, Албанија, Исланд, Северна Македонија, Црна Гора, соопшти владата на 7 декември. Мерката, која треба да остане во сила шест месеци ќе почне на први јануари и ќе ги опфати прехранбените производи како што се месото, колбасите, млечните производи, зеленчукот, овошјето и сол. Владата соопшти и дека повеќе производи може да бидат забранети во случај на дополнителни санкции од западните земји.

Европската унија, Соединетите Американски Држави и другите западни земји воведоа неколку рунди санкции кон Минск поради задушувањето на продемократските протести кои беа организирани против реизбор на Лукашенко лани во август кој се смета за спорен. Минатата недела санкциите беа проширени на официјални лица и бизниси за наводно поттикнување на миграциска криза на источната граница на Европската унија.

Жител на Москва убил двајца откако му рекле да стави маска

Илустрација

Вооружен човек пукал во владин сервисен центар во Москва и убил двајца луѓе откако му било кажано да стави маска на лицето, соопштија локалните власти, а пренесуваат медиумите. Четворица други се повредени. Градоначалникот на Москва Сергеј Собјанин на руската социјалната мрежа ВКонтакте напиша дека пукањето се случило во центарот за документи Разјански денеска.

"Убиецот е приведен. Изразувам сочувство до повредените и до семејствата а загинатите. Лекарите прават се за да им помогнат на повредените“, напиша Собјанин.

Заменик-градоначалничката Анастасија Ракова рече дека меѓу загинатите се и службеник за обезбедување и администратор на центарот. Tаа додаде дека повредените се во тешка состојба.

Медиумите цитираа сведоци и претставници на центарот за документација кои рекоа дека мажот извадил пиштол и почнал да пука откако обезбедувањето во просториите му рекло да носи маска, а тој одбил. Носењето маска е задолжително како мерка за спречување на ширењето на ковид19. Според извештаите убиецот е 45-годишен московјанин. Истражниот комитет соопшти дека отворил истрага за „убиство“ и за „недозволено поседување огнено оружје“.

Заврши средбата на Бајден и Путин

Средбата на американскиот претседател Џо Бајден и рускиот претседател Владимир Путин се одвива преку видео врска

По два часа заврши средбата преку видео врска на американскиот претседател Џо Бајден и рускиот претседател Владимир Путин, јавува агенцијата Ројтерс. Двајцата лидери разговараа во време на зголемени тензии поради трупањето на руски војници на украинската граница поради што западните земји стравуваат дека Москва се подготвува да го нападне својот јужен сосед.

Засега ниту Белата куќа, ниту Кремљ не излегоа со детали од средбата. На снимката од почеток на состанокот емитувана на руската телевизија се гледа како Бајден и Путин пријателски се поздравуваа, а американскиот претседател му вели на рускиот колега дека се надева оти нивната следна средба ќе биде во живо. Белата куќа, пак, објави соопштение во кое се наведува дека разговорите започнале, но не испрати фотографии или видео од претседателот Бајден.

Инаку, денешната средба е трет директен разговор на двајцата лидери откако Бајден стана претседател во јануари. Очекувањата беа дека овој разговор може да биде и најважен поради тоа што Вашингтон сака да ја одврати Русија од можна инвазија на Украина, а Кремљ, пак, бара гаранции дека поранешната советска република никогаш нема да стане членка на НАТО.

Бајден, како што изјави вчера висок претставник на американската администрација на средбата ќе го предупреди Путин на тешки економски последици доколку Русија изврши инвазијата врз Украина.

Кремљ, пак, пред состанокот ја опиша состојбата на односите меѓу САД и Русија како „прилично жална“, наведувајќи дека не очекува напредок на состанокот на двајцата лидери.



Речиси три часа блокиран сообраќајот во Скопје

Скопје- закрчување на сообраќајот на булеварот Кочо Рацин, 7.12.2021

Сообраќајот во Скопје попладнево речиси три часа беше блокиран со колони возила кои стоеја во местo. Семафорите на дел од крстосниците беа исклучени, а сообраќајот го регулираше сообраќајна полиција.
Центарот за управување со кризи на Скопје соопшти дека на повеќето сообраќајници низ градот поплаенево е забележан поголем метеж на возила.
На раскрсницата кај трговскиот центар „Мавровка“ попладнево се случи и сообраќајна незгода во која четири лица се повредени. Во сообраќајната незгода учествувале пет возила, сите со скопски таблички, потврдија од Министерството за внатрешни работи. Повредените се пренесени во ГОБ „Климент Охридски“, но засега не се знае тежината на повредите.

Синдикалната кошница во ноември зголемена за 320 денари

Илустрација- маркет во Скопје за време на епидемијата на ковид19

Основните трошоци на едно четиричлено семејство во ноември се зголемени за 320 денари во споредба со октомври, објави денеска Сојузот на синдикати на Македонија, кој ја изработува синдикалната минимална кошница.

Според пресметките на синдикатот, вредноста на синдикалната кошничка во ноември изнесува 34.893 денари. За храна и пијалоци минимум биле потребни 15.000 денари, а за режиски трошоци 10.914 денари.

„Евидентно е дека минималната синдикална кошница секој месец се зголемува и затоа ССМ постојано апелира минималната плата да изнесува најмалку 18 000,00 ден, а линеарно да се зголемуваат и сите останати плати. Поради се по евидентното зголемување на цените, повеќе од неопходно е дека ни треба зголемување на платите со кои ние како работници без да се грижиме за нашата егзистенција ќе можеме да си ги овозможиме најмалку трошоците во висина на една синдикална потрошувачка кошница“, наведуваат од ССМ.

Почна средбата на Бајден и Путин

Средбата на американскиот претседател Џо Бајден и рускиот претседател Владимир Путин се одвива преку видео врска

Американскиот претседател Џо Бајден и неговиот руски колега Владимир Путин ја почнаа видео средбата која доаѓа во период на зголемени тензии меѓу двете страни поради трупањето на руски војници на украинската граница, иднината на НАТО во регионот и безбедносните барања на Русија.

Денешната средба е трет директен разговор на двајцата лидери откако Бајден стана претседател во јануари. Очекување се дека овој разговор може да биде и најважен поради тоа што Вашингтон сака да ја одврати Русија од можна инвазија на Украина, а Кремљ, пак, бара гаранции дека поранешната советска република никогаш нема да стане членка на НАТО.

Руските новински агенции јавија дека состанокот, кој се одржува преку видео врска почнал, но не дадоа дополнители детали. Почетокот на состанокот го потврди и официјален Вашингтон.

Бајден, како што изјави вчера висок претставник на американската администрација на средбата ќе го предупреди Путин на тешки економски последици доколку Русија изврши инвазијата врз Украина.

Кремљ, пак, пред состанокот ја опиша состојбата на односите меѓу САД и Русија како „прилично жална“, наведувајќи дека не очекува напредок на состанокот на двајцата лидери. „Тешко е да се очекува пробив во преговорите“, рече портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, додавајќи дека е малку веројатно дека ќе се направи нешто за билатералните односи за време на „неколкучасовните“ разговори.

Нови 375 заразени со ковид, пријавени 16 починати

Амбулантно возило во Скопје

Министерството за здравство согласно податоците од Институтот за јавно здравје информира дека во последните 24 часа се направени се 2.744 тестирања, а регистрирани се 375 нови случаи на Ковид-19. Од нив најмногу во Скопје – 180, а потоа следуваат Прилеп – 30, Битола – 28, Кавадарци – 26, Куманово – 13, Велес – 12 и Радовиш – 11. Неколку други градови имаат по едноцифрена бројка новозаразени.

Во текот на изминатите 24 часа регистрирани се девет починати лица.
Дополнително, согласно Регистарот на умрени лица со дијагноза Ковид-19 од Мој
Термин, пријавени се седум починати лица со датум на смрт од 22.11.2021 до 04.12.2021. Министерството информира дека починатите лица се на возраст од 44 до 82 години, од нив две се починати во домашни услови и пет лица се починати во болнички услови.

Во последното деноќие регистрирани сe 507 оздравени пациенти. Со овие бројки досега во земјата се направени вкупно 1.488.688 тестирања на Ковид-19. Вкупната бројка на ковид -дијагностицирани лица од почетокот на епидемијата изнесува 217.775, бројот на оздравени пациенти е 204.474, на починати е 7.674, а бројот на активни случаи изнесува 5.627.

Борел смета дека е бесмислена нова рунда дијалог меѓу Белград и Приштина

Брисел- косовскиот премиер Албин Курти и високиот претставник на Европската унија  за заедничка надворешна и безбедносна политика  Жозеп Борел, 7.12.2021

Високиот претставник на Европската унија за заедничка надворешна и безбедносна политика Жозеп Борел изјави дека е „бесмислено“ да се организира нова рунда дијалог на највисоко политичко ниво меѓу Србија и Косово кога нема индиции дека страните се подготвени да напредуваат, јавува балканскиот сервис на Радио Слободна Европа.

„Јасно ставивме до знаење по двата состанока што се одржаа годинава дека подготвеноста на двете страни да се договорат за конкретни резултати е предуслов за следниот состанок. Би било сосема бескорисно да се организира уште една средба доколку овие услови не се исполнат“, рече Борел кој додаде дека според неговиот впечаток нема подготвеност на страните за договор.

Борел изјавата ја даде по средбата со косовскиот премиер Албин Курти во Брисел. Двајцата присуствуваа на состанокот на Советот за стабилизација и асоцијација меѓу Европската унија и Косово.

Прашан за подготвеноста на официјална Приштина да го спроведе договорот за формирање на Заедница на српски општини во Косово шефот на косовската влада Курти рече дека станува збор за договор кој „не го положил испитот пред Уставен суд на Косово“.

„Србија не спроведува две третини од бриселскиот договор, но Белград сака да спомене еден договор. Кога Уставниот суд ја донесе одлуката, ниту еден косовски Србин не протестираше, само Белград“, рече Курти.

Тој додаде дека „идниот дијалог меѓу Косово и Србија не треба да ги задоволува политичарите или да го зачува образот на еден политичар, туку да биде од корист за народот“. Курти оцени и дека „ договорот за формирање Заедница на српските општини му служи на Белград, а не на Србите на Косово, на кои тој им е и премиер“.

Во врска со ова реагираше шефот на европската дипломатија Борел кој рече дека не се согласува со изјавата на косовскиот премиер.

„Не се согласувам со вас дека одлуката на Уставниот суд го спречува спроведувањето на договорот. Овој договор беше постигнат во добар дух. Жал ми е, но мора да продолжиме да бараме имплементација на договорот“, рече Борел додавајќи дека постојат договори кои двете страни мора да ги спроведат.

На седницата на Советот за стабилизација и асоцијација се испитува колку се спроведени одредбите од пристапните преговори на одредена земја со Европската унија. Косово и ЕУ постигнаа Договор за стабилизација и асоцијација во 2015 година.

Меѓународните нуклеарни преговори со Иран продолжуваат во четврток

ИРАН - Иранско знаме во иранската нуклеарна централа Бушер, за време на официјалната церемонија за отпочнување на работите на вториот реактор во објектот, 10 ноември 2019 година

Разговорите меѓу светските сили и Иран во врска со контроверзната нуклеарна програма на Техеран ќе продолжат на 9 декември во Виена, јави полуофицијална иранска новинска агенција Тасним. Преговорите, чија цел е оживување на закочениот нуклеарен договор од 2015 година со кој Иран се согласи да ја ограничи својата нуклеарна програма во замена за олеснување на санкциите, минатата недела влегоа во тежок почеток.

Соединетите држави, кои го напуштија договорот во 2018 година, додека со земјата раководеше претседателот Доналд Трамп, сега под раководство на претседателот Џо Бајден се отворени за повторно приклучување на пактот. САД го обвинија Иран дека не е сериозно заинтересиран за нов договор. И Германија, членка на групата земји кои го потпишаа првичниот договор на шести декември соопшти дека ги разгледала предлозите на Техеран за рестартирање на договорот и дека заклучиле оти Иран ги прекршил речиси сите компромиси до кои се дошло претходно, во месеците напорни преговори.

Предлозите „не беа основа за успешен крај на разговорите“, рече портпаролката на германското Министерство за надворешни работи, додавајќи дека Берлин очекува Иран да се врати во меѓународните преговори со „реални“ преговарачки позиции.

Иран, кој одби да учествува во директни разговори со Вашингтон, рече дека не може да има нов договор доколку не се укинат сите казнени санкции наметнати против Техеран.

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG