Достапни линкови

Денови на Македонскиот народен театар во Кратово


Со драмата „Парите се отепувачка“ во режија на Бојан Трифуновски, в петок на 11 јули, ќе започне манифестацијата Деновите на Македонскиот народен театар во Кратово. Во рамките на ова културно случување жителите на ова и на соседните населени места, до 15 јули, главно на отворената сцена пред Музејот на градот, ќе имаат можност да проследат уште неколку хит претстави на оваа наша национална установа чија заложба е да го однесе театарот онаму каде со години бил отсутен.

Парите се отепувачка - надридрамата на режисерот Бојан Трифуновски, работена според мотиви од истоимената битова пиеса на Ристо Крле и романот Деветтата конфигурација на Вилијам Питер Блати, псевдо-реалното шоу „Последна шанса“ по текст на Мирјана Бобиќ Мојсиловиќ со Весна Петрушевска како Геле, монодрамата „Сребрена свадба“ што според дело на Габриел Гарсиа Маркес ја постави режисерката Ѕвездана Ангеловска со Катина Иванова, комедијата „Свадбата на Фигаро“ на Грузиецот Леван Цуладзе и „Не се клади на Енглези“ - проектот што Синиша Ефтимов го потпиша со тројцата врвни актери Сашко Коцев, Оливер Митковски и Александар Микиќ, се претставите што ќе бидат прикажани во рамките на манифестацијата „Денови на Македонскиот народен театар во Кратово 2014“.

Ќе се обидуваме да играме онолку колку што можеме таму каде што граѓаните немаат можност секојдневно да посетуваат театар.
Дејан Пројковски, уметнички директор на МНТ.

Дејан Пројковски, уметничкиот директор на МНТ, во пресрет на случувањето, вели дека сите овие месеци понесени од идејата дека голем број на граѓани од целата земја доаѓаат во театарот и ги гледаат преставите кои што содржат во себе комплицирани технолошки потреби и затоа мора да се играат на матичната сцена, едноставно решиле да го направат ансамблот помобилен – да појдат онаму каде со години, та и со децении некои луѓе не виделе театарски чин.

Дваесеттина години не се одржуваа претстави затоа што во Кратово имавме руинирана кино-сала која ние минатата година успеавме да ја реновираме и сега имаме едно пристојно место каде што ќе можат да се одржуваат и театарски претстави и други културни настани.
Мите Андоновски, градоначалник на Кратово.

Тој појаснува дека, во случајов идејата ја дала локалната самоуправа и таа се однесувала само на едно појавување, за да потем, кога веќе било одлучено да се гради отворена сцена, случувањето биде заокружено со дури пет проекти од кои четири ќе бидат изведени пред Музејот на град Кратово и само еден, монодрамата „Сребрена свадба“ во просториите на помагателот – хотел „Кратис“.

„Имаме дел од репертоарот кој што ни е мобилен, подвижен и некако ја чувствуваме потребата како МНТ, она што е нашето име и нашето значење, да му се приближиме на обичниот гледач и вљубеник во оваа уметност. Ќе се обидуваме да играме онолку колку што можеме таму каде што граѓаните немаат можност секојдневно да посетуваат театар“, вели Пројковски.

Инаку, иницијативата за ова летно културно случување доаѓа од градоначалникот Мите Андоновски, кој забележува дека, ако се исклучат некои спорадични претставувања во рамките на Летниот културен бран, граѓаните на Кратово немаат видено професионална театарска претстава безмалку две децении.

„Дваесеттина години не се одржуваа претстави затоа што во Кратово имавме руинирана кино-сала која ние минатата година со средства од Министерството за култура, Швајцарската агенција за соработка и развој и најголем дел од општината успеавме да ја реновираме и сега имаме едно пристојно место каде што ќе можат да се одржуваат и театарски претстави и други културни настани“, вели Андоновски.

Тој дополнува дека за проектот постои огромен интерес кај граѓаните на Кратово и на соседните населени места и вели дека и останатите општини треба да ја искористат свесноста и потребата на МНТ за мобилноста на ансамблот и од зборови децентрализацијата на културата да ја претворат во практика.

Патем, за време на ова случување ќе бидат организирани и средби на актерите со љубителите на театарот, а Кристина Петровска, соработник за култура во општината, потенцира дека се почестени што ќе бидат домаќини на, како што ќе рече, реномиран театар кој ќе придонесе за заживување на театарската уметност и културните вредности во Кратово.

Кон ова само уште информацијата дека МНТ по соработката во заживувањето на Гевгелискиот театар, актуелната манифестација во Кратово, од есен планира и подготовка на детска претстава со која има намера да ја пропатува целата држава и која би требало да ја види безмалку секое дете во Република Македонија.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG