Достапни линкови

Сината птица на нобеловецот Метерлинк премиерно во МНТ


Macedonia - Blue bird, theater play - N/A
Macedonia - Blue bird, theater play - N/A

Работена како трета премиера на големата сцена и со идеја сликовито да проговори за новото лице и новата естетика на Македонскиот народен театар, в недела на 18 мај, во 20 часот, во оваа наша национална установа ќе биде изведена „Сината птица“ од Морис Метерлинк во режија на Златко Славенски. Се работи за ретко изведуван бајковит текст на фламанскиот нобеловец и за проект во кој настапува голема актерска екипа силно помогната од високотехнолошките можности што ги дава новиот објект.

Режисерот Златко Славенски, во пресрет на премиерната изведба на својата поставка на метерлинковата „Сина птица“, ќе забележи дека тоа е еден од најубавите текстови што ги има прочитано и воедно еден од најкомплицираните за поставување на сцена.
Не мислиме дека можеби ги пробивме звучните ѕидови на светската естетика, ама сметаме дека пробивме некои наши ѕидови што сум сигурен дека се заразни за публиката.
Златко Славенски, режисер.


Тој појаснува дека наспроти теркот на којшто се научени, текстот во случајов побарал малку интроспекција и тие биле принудени да бидат на едно ниво каде што се зборува она што се мисли и чувствува и ликовите немаат скриена агенда. Вели дека „Сината птица“ за поголемиот дел од екипата ќе биде една пресвртница каде секој морал да вложи голема лична доза на искреност и дека тоа е она што ѝ дава посебен белег на претставата.
Сакав да направам лик кој на многу мој, интимен, специфичен начин се обидува да натера две деца да разберат дека вистинските убави, добри нешта во животот се гледаат со срцето, а не со очите.
Васил Зафирчев, актер.

„Не мислиме дека можеби ги пробивме звучните ѕидови на светската естетика, ама сметаме дека пробивме некои наши ѕидови што сум сигурен дека се заразни за публиката. Начинот на раскажување е иманентно театарски, но во друга смисла на зборот. Во смисла на некакво повторно поместување на некаков тип на поле на дефиниција што е театар. Барајќи ја „Сината птица“, барајќи ја претставата практично, некаде два и пол месеци, некако се најдовме себе си. Тоа можеби звучи така некако поетски и патетично, но така се случи“, вели тој.

Славенски дополнува дека за него, кој отсекогаш мечтаел да ја врзе технологијата со живиот актерски израз, оваа претстава може да биде материјализација на соништата. Во тој контекст, не случајно, Милчо Узунов задолжен за видео анимациите, 3Д мапинг, звучните ефекти и изработка на 7.1 сараундот ќе рече дека станува збор за проект во кој на најсликовит начин ќе ги претстават можностите на новата сценска технологија со кои располага МНТ.

„Станува збор за доста комплексно видео кое што е разделено во пет независни леери кои што се синхронизирани и изработени во 2кат технологија. Овде ќе се емитуваат во фул-ХД и во функција сè повеќе од осум проектори со коишто располага театарот. За тонот ќе кажам дека е изработена матрица во 7.1 сараунд. Користена е нејтив технологија којашто многу ретко се наоѓа и во големите театарски куќи“, вели Узунов.

Во „Сината птица“, во претставата за сонот, за потрагата по хуманоста и човечките доблести настапува голема актерска екипа во која се Дарја Ризова, Наталија Теодосиева, Сашка Димитровска, Славиша Каевски, Арна Шијак, Олгица Милевска, Сашко Коцев, Тина Трпкова, Весна Петрушевска, Ѕвезда Ангеловска, Борче Начев, Катина Иванова, Васил Зафирчев како гостин и други.

„За мене ова е претстава која ни кажува дека секој треба да ја најде својата сопствена среќа иако е таа некогаш блиску до нас и не можеме да ја допреме, да ја фатиме, па затоа едноставно треба да ги смениме наочарите и нештата да ги погледнеме од некој друг агол“, вели Ризова, која ја толкува улогат на Тилтил.

Зафирчев, кому ова му е трета соработка со режисерот Славенски, забележува дека му е драго што успеале да сработат еден исклучително значаен текст кој е пишуван на почетокот од 20 век и со кој Метерлинк стана првиот драматург добитник на Нобеловата награда за литература во 1913 година. Вели дека сега му е јасно зошто текстот почесто е поставуван како детска претстава, а помалку во неговиот интегрален драматуршки контекст. Појаснува дека станува збор за комплицирана тема, комплицирана естетика, комплицирана констелација на драматуршки ликови во која практично има функции, а нема значење. Истакнува дека биографиите на ликовите мора да ги изградите сами од еден многу широк извор на информации со кои оперира Метерлинк кои на места допираат дури до метафизички квантум. За својот лик, Светлината, актерот ќе рече дека секој може да го толкува како сака, но тој лично имал само една мисла како водилка во целиот процес.

„Сакав да направам лик кој на многу мој, интимен, специфичен начин се обидува да натера две деца да разберат дека вистинските убави, добри нешта во животот се гледаат со срцето, а не со очите“, вели Зафирчев.

Кон ова само информацијата дека Златко Славенски го сторил и изборот на музиката, дека заедно со Илина Ангеловска ја потпишуваат и сценографијата, а во овој повеќе од двочасовен проект се вклучени и костимографот Никола Ефтимов, кореографката Кренаре Невзати Кери, Срѓан Јаничиевиќ како автор на идејното решение за плакатот и продуцентите Виктор Рубен и Симона Угриновска.
  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG